Мене ми е досадно!

Кога родителите постојано ги ангажираат и ги анимираат децата и кога и да забележат дека им е здодевно, скокаат да направат нешто, ги лишуваат од можноста да размислуваат. Децата на тој начин ќе научат дека секогаш е потребен некој друг за да го организира нивното време, посочуваат психолозите

0
205

Кога децата ќе ја изговорат реченицата „Мене ми е досадно“, тоа го доведува до лудило секој родител. Кога ќе завршат со сите обврски, големата среќа на детето веднаш се претвора во монотонија. Надвор нема никој, на телевизија само глупости, книгите се здодевни … Децата се навикнати да ги исполнуваат своите обврски, но не и да го организираат своето време самостојно. Опкружени со постојани стимули, мислата дека на детето му е досадно, ги тера родителите постојано да го структурираат нивното време. Но, не ги губете нервите. Нека се снајдат самите.

„Од исклучително значење е детето да поминува времето кога му е досадно, да не го организирате неговото слободно време максимално. Тука родителите најчесто  грешат. Ако на детето му е досадно, тоа е одлична можност да смисли нешто ново“, сметаат психолозите.
Тие исто така мора да имаат право на досада. Ако му дозволите на вашето дете да се досадува, ќе се изненадите како само по некое време ќе почне да си игра: со прстите, перниците и ќебињата, со две лажици, некое пакување. Игрите не мора секогаш да бидат за учење – играњето поради играње е многу важно.

Експертите се согласуваат дека постојаната активност ја ограничува имагинацијата на детето. Родителите лесно забораваат да им дадат на децата одговорност да го користат своето време како што сакаат. Штом застанат некое време, родителите скокаат со предлози, идеи и им ја одземаат можноста да размислат.

„На децата исто како и на возрасните им треба да имаат време „да застанат и да зјапаат во празно“. Тоа е време кога се полнат батериите, а во моментот кога не знаат што да прават со себе, се развива нивната вродена креативност”, вели др. Тереза ​​Болтон, американски експерт за образование. Таа исто така посочува дека ако децата не се усмерат и не се научат како да ја надминат досадата, тоа чувство може да остане како негативен образец на однесување на подоцнежна возраст. Може да се случи како возрасни да не знаат да бидат со себе, ништо да не ги мотивира и ништо да не им е интересно. Таквото долготрајно чувство на досада, монотонија и бесмисленост честопати доведува до експериментирање и зависност од дрога, алкохол, но и до слаби резултати во училиште и деликвенција.

Понекогаш децата сакаат само да се дружат со вас.

Обидот на родителот да ја „поправи“ досадата ќе донесе само фрустрација – и на родителот и на детето. Обично, проблемот не е во недостаток на начин за забава, туку во фактот дека тие не се чувствуваат доволно добро за да уживаат. Со други зборови, тие честопати само го бараат вашето внимание. Значи, лекот не е во вклучувањето на компјутерот и во тоа да им тупнете во рака боенка и боички додека вие готвите, бидејќи нема да постигнете ништо. Понекогаш треба само да се седнете на подот и да направите нешто со нив. Било што. И обично скокоткање ќе биде ултра забавно. Секако, не она од кое ќе им снема здив и кое неодамна беше прогласено за злоупотреба на децата.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]