Пред раѓањето на децата двојките обично многу романтично размислуваат за животот понатаму. Нема двојка која, пред раѓањето на своите деца, не се колнела на доследност во воспитувањето, на тоа дека секогаш ќе се поддржуваат еден со друг и дека секогаш ќе настапуваат како едно пред децата. Нема двојка која не отстапила од тој важен план барем еднаш, затоа што едниот сакал остро да ја реши работата, а другиот на мирен начин. Нема дете кое кога ќе открие дека неговите родители не се согласуваат околу воспитните методи и дисциплина, нема да се обиде да ја злоупотреби ситуацијата.
Кога мама и тато ќе започнат расправија пред децата, тогаш и двајцата го губат авторитетот, а тоа не е многу добро. За среќа, постои решение.
Никогаш не се расправајте пред децата
Само за да знаете, ова нема да биде лесно. Многу пати можеби ќе треба да го гризнете јазикот и да почекате да останете сами за да му кажете на вашиот партнер зошто не се согласувате со неговиот пристап, метод, поглед на ситуацијата или со казната. Не дозволувајте вашите емоции да ве надвладеат, туку разговарајте со смирен тон со почит. Ако во овој разговор има промена во одлуката или казната што првично му била изречена на детето, заедно кажете му што сте се договориле во меѓувреме. Децата мора да ве гледаат како тим.
Секогаш слушајте ги аргументите на вашиот партнер
Ако дојдете дома и ја пронајдете вашата осумгодишна ќерка како плаче на масата, а вашиот лут сопруг седи на каучот, нема да ви биде сеедно. Уште и ако детето се расплаче уште повеќе, и потрча кон вас липајќи, не можејќи да ви каже ништо, ќе бидете многу лути.
Но, тогаш застанете! Побарајте објаснување со мирен тон, бидејќи навистина не знаете што се случило. Ако принцезата плачела затоа што тато инсистирал да ја заврши домашната задача пред да го гледа цртаниот филм или затоа што ја натерал да ги собере играчките, откако пркосно го игнорирала неколку пати, знаете кој е виновен.
Најлесно е да се заштити „невино и слабо“ дете. Дури и ако мислите дека вашиот сопруг претерал, дека не морал да воспоставува ред, постојат начини да не се согласите со него без да започнете Трета светска војна.
Бидете подготвени за компромис
Некои методи на воспитување кои дале одлични резултати кај едното дете, такашто имате беспрекорно уредна, послушна, одговорна, вредна и педантна ќерка, може да не функционира за друго дете. Сè решивте со првата ќерка со зборување, со втората ништо не поминува и не помага, бидејќи таа ви тера инает што и да ѝ кажете. Ова значи дека вие и вашиот партнер треба да седнете и да видите што најдобро одговара за вашето помало дете и да се држите до нови стратегии. Најкорисно е ако родителот кој има поголем авторитет пренесе дел од својата „моќ“ на другиот родител, такашто ќе инсистира детето секогаш да го послуша.
Не дозволувајте да се скарате поради децата
Нема победници и губитници во дискусиите за децата и заради децата. Ако не се усогласите, секој е во загуба, вклучувајќи го и детето кое ќе може да „фати кривини“ и да си прави по свое, што не е добро за него. На крајот на краиштата, дури и да има победа, таа не треба да биде поважна од вашиот брак и вашата хармонија. Затоа, секогаш кога ќе започнете да се расправате дали некој му се обратил на детето со премногу висок тон, запомнете дека играте во ист тим и дека треба да се охрабрувате и корегирате еден со друг. На крајот, сето тоа ќе ви се исплати кога ќе сфатите дека сте ги воспитале своите деца прекрасно во слога и токму благодарение на таа слога.
Фото: Pexels