Реакција на татко кога дознал дека неродената ќерка нема раце: Ја сакам, ќе направам сѐ што треба

„Лекарите ме натераа да се чувствувам виновна што сакав да го задржам моето бебе, а тој страсно и недвосмислено рече: Ќе направам сѐ што треба за да се грижам за неа. Ќе ѝ изградам што било. Ја сакам, ќе направам сѐ што е потребно. Ќе се грижам за неа цел живот“, се потсетува мајката на девојчето кое се родило без раце на реакцијата на нејзиниот сопруг, која ги посрамотила дури и лекарите.

0
322

Бременоста е време на исчекување, за многумина најсреќниот период од животот, но и период во кој неминовно се појавуваат многу грижи.
Иако веќе поминала една бременост, сето тоа ја одбележало и втората бременост на Ванеса МекЛеод. Но, таа немала идеја со што ќе треба да се соочи.
„Открив за проблемите со екстремитетите на мојата втора ќерка Ајви во 19-та недела. Мојот сопруг беше отсутен поради работа, па мајка ми и сестра ми дојдоа со мене на ултразвук за да помогнат во грижата за моето прво дете и да го видат бебето. Се сеќавам дека ултразвукот траеше вечно, но техничарот ми рече дека нозете на бебето се прекрстени и дека е тешко да се одреди неговиот пол. Не размислував за тоа. Сите ги коментиравме нејзините слатки прсти на нозете и добивме испечатени фотографии, па дури и не забележавме дека не се споменуваат нејзините раце“, се присетува оваа мајка.
Следниот ден имала закажана средба со бабицата која ѝ се јавила околу еден час пред закажаниот состанок.
„Таа ми рече дека на ултразвукот има значителни откритија. Рече дека треба да дојдам со сопругот и да најдам некој што ќе ја чува мојата двегодишна ќерка. Веднаш срцето ми падна во желудникот и солзите почнаа да течат. Нешто беше ужасно, ужасно погрешно, јас го почувствував тоа“, вели Ванеса.
Бидејќи нејзиниот сопруг сè уште бил надвор од градот, нејзината мајка ја возела на состанокот, а Ванеса била убедена дека нејзината бабица ќе и каже дека ќе го изгуби бебето и не престанувала да плаче.
„Кога влеговме во чекалната, таму не чекаше татко ми. Мајка ми го повика и го замоли да дојде и тој. Благодарна сум за поддршката. Не се сеќавам дали си кажавме нешто додека чекавме, само се сеќавам дека не можев да запрам со плачењето“, опишала таа.
Бабицата прво ги известила дека детето може да има расцеп на усната, а во Ванеса се разбудила надеж дека единствениот проблем е тоа. Но, за жал, тоа не било сè.
„Едната бедрена коска ѝ беше закривена и пократка од другата. Добро, потешко беше да се прифати веста, но повторно, почувствував надеж дека можеби тоа е сè. Конечно, мојот најголем страв беше дека ќе ја изгубам. Бев загрижена дека бременоста не е одржлива. Дека има нешто што нема да може да го преживее“, се присетува таа, откривајќи дека подоцна дознала дека има проблем и со срцето на девојчето.
Иако во тоа време веќе ја обземал страв бидејќи сфатила колку може да биде опасно, се надевала дека лекувањето е доволно напреднато за да ја излекува.
„Трето, ѝ недостасуваат и подлактиците и шаките. Се чувствував како некој да ме удира во стомакот. Ми го зема здивот. Нема раце? Никогаш не сум чула за тоа. Никогаш не ми паднало на памет. Никогаш не помислив на тоа, никогаш не се ни загрижив за тоа. Претпоставував дека ги има сите екстремитети и сè што треба да има. Бев уништена. Не знаев дали е нешто со што би можела да се справам, не знаев дали сè ќе биде во ред“, ги опишала мислите што ѝ минувале низ главата во моментот која дознала за дијагнозата на нејзината неродена ќерка.
Додека стравувала, нејзиниот татко брзо ја повратил својата смиреност и ѝ рекол: „Ќе биде благослов за нашето семејство. Мислам дека на нашето семејство му треба некој како неа. Таа ќе нè научи толку многу”.


Иако сега ѝ е тешко да признае, Ванеса вели дека ги поминала следните неколку месеци обработувајќи информации и тагувајќи. Негирање, вина, лутина и тага – сето тоа се емоции кои се менувале наизменично. Покрај тоа, таа се присетила и на најтешкиот телефонски повик што морала да го направи – оној во кој требало да го информира својот сопруг за наодите од ултразвукот. Ниту тој не можел да поверува дека нивното дете ќе се роди без подлактици и шаки.
„Плачев справувајќи се со чувства што не можев да ги препознаам и не знаев како да излезам на крај со нив. Цела ноќ ја истражував протетиката за бебиња и деца, барав видеа од други деца без екстремитети и почнав да чувствувам трошка надеж. Веднаш бевме пренесени во Детската болница во Ванкувер и беше закажан состанок за следниот ден, каде требаше да направиме детален ултразвук и да се состанеме со перинатолози, медицински генетичари и генетски советници“, го опишала таа она што следувало.


Иако се надевале дека ќе ги дознаат сите одговори на тој преглед, тие биле разочарани. Лекарите отвориле повеќе нови прашања отколку што им одговориле.
„Со цело срце посакувам состанокот да се одвиваше поинаку. Некој да ни кажеше дека се ќе биде добро. Некој да ни кажеше дека нашето девојче ќе биде убаво и совршено, дека ќе се смее и кикоти и ќе живее живот исполнет со толку многу љубов. Би сакала тогаш да го знаев тоа што го знам сега. Би сакала да можам да ги отстранам сите грижи, болка, страв и кршење на срцето“, признава Ванеса.
Покрај тоа, лекарите ѝ предложиле абортус уверувајќи ги дека нивната ќерка нема да има квалитетен живот. Како што велат, тие им ја одзеле надежта.
„Ни дадоа време сами да поразговараме за нашите опции и се сеќавам дека чувствував толку многу сомнеж. Јас секогаш бев за избор, но знаев дека никогаш не би можела да абортирам. Но, во тој момент почувствував мајчинска способност да го негувам моето дете. Каков живот би ѝ дала? Зарем навистина нема да има квалитетен живот? Се сеќавам дека го гледав мојот сопруг, тој имаше толку многу прашања и немаше одговори. Лекарите ме натераа да се чувствувам виновна што сакав да го задржам моето бебе, а тој страсно и недвосмислено рече: Ќе направам се што треба за да се грижам за неа. Ќе ѝ изградам што било. Ја сакам, ќе направам се што е потребно. Ќе се грижам за неа цел живот, се присетува оваа мајка за моментот кога ја донеле одлуката, но и за реакцијата на нејзиниот сопруг, која ги посрамотила дури и лекарите.


Иако се плашела од сè што го чека нејзиното семејство во тоа време, Ванеса престанала да си поставува многу прашања кон крајот на бременоста и ја прифатила идејата дека универзумот и малата Ајви ја одбрале да биде мајка на толку посебно девојче. Но, потоа повторно ја сменила перспективата.

„Наместо да размислувам дека на Ајви ѝ требам јас, почнав да сфаќам дека јас сум таа на која ѝ требаше. Ми треба затоа што ме надополнува, го надополнува моето семејство на начини што никогаш не ги разбрав. Таа е мелем за мојата душа, лек за раните од минатото. Ајви ќе ме научи на работи што не мислев дека треба да ги знам или можеби не сакав да ги знам“, вели таа за порталот Love What Matters.

Ајви ги изненадила и се родила четири недели порано, а нејзината мајка истакнала дека „не би ја менувала за ниту едно друго бебе“.
Работата е во тоа што – „нормалното“ е сосема релативно. Сите сме различни на многу начини и тоа е во ред. И се надевам дека ќе можам на тоа да ја научам ќерка ми. Некои луѓе имаат сини очи, некои зелени. Некои имаат руса коса, некои кафеава. Некои се родени со раце, некои без. И се надевам дека секогаш ќе можам да ѝ докажам дека нејзиниот живот има значење, вредност и дека секогаш ќе биде исполнет со толку многу љубов, без оглед на нејзиниот изглед или способности”, заклучила Ванеса.

Фото: Фејсбук

[better-ads type='banner' banner='999' ]