Гоце Бумбароски: Децата не Ве слушаат, тие Ве имитираат!

„Оваа учебна година јас држам комбинирана настава во три смени, а Националната платформа, која беше спектакуларно најавувана, не се покажа како успешен проект. Онлајн наставата сега се реализира преку познатата апликација Microsoft Teams“, вели еден од најпознатите и најкреативни наставници во државава од чии часови, како што се зборува, учениците не сакале воопшто да си одат дома

0
1533

Гоце Бумбароски е наставник во најтрофејното училиште во Македонија, ООУ Кочо Рацин – Прилеп, а во образованието работи  околу 15 години, од кои 5 – на битолскиот универзитет.

„Како магистер по менаџмент во образованието многу лесно ја прифатив промената во работењето со студенти со работа со ученици од прво до петто одделение. Морам да признаам дека работата со ученици има своја магија, своја убавина и посебен шмек. Моите претходни искуства од работењето  како асистент/демонстратор и студентски правобранител на битолскиот универзитет многу ми помогнаа во работењето како наставник уште од првиот ден.  Можеби токму од таму ја црпам креативноста“, вели Бумбароски кој во јавноста стана познат по неговите креативни и нестандардни часови поради кои учениците не сакаат да си одат дома. Кога ќе забележи дека часот им станува здодевен и ги фаќа дремка, ги станува од клупите, па прават вежби. Кога се гладни, им дава да јадат, а понекогаш им ја препушта катедрата, па тие се наставници. На своите ученици не им дава ниту домашни задачи, туку домашни активности. Со него стапивме во контакт преку Фејсбук страницата „Наставник Гоце“, каде што одвреме-навреме споделува што сработиле неговите ученици, но и своите ставови.

Тој е наставник на ученици од 1 до 5 одделение, а оваа учебна година неговите ученици се второ одделение.

„Со оглед на тоа што имам 24 ученици наставата ја држам со физичко присуство на две групи ученици и онлајн со трета група. Значи, оваа учебна година јас држам комбинирана настава во три смени“, се смее Бумбароски иако е јасно дека во актуелната ситуација, тој еден наставен час го одржува три пати, па наместо предвидените 22 часови неделно, држи нешто повеќе од 60 наставни часови.

„Националната платформа, иако беше спектакуларно најавувана, не се покажа како успешен проект.  Онлајн наставата сега се реализира преку познатата апликација Microsoft Teams“, објаснува тој.

Според него, проблемите во образованието не се од вчера, и нема да завршат утре.

„Сѐ додека на менаџерските позиции не дојдат вистински луѓе кои долг период од своето работно искуство го поминале со креда во рака пред учениците, ние не можеме да очекуваме подобрување на состојбата. Образованието е столбот на едно општество и мора да биде приоритет на секоја влада.

Образованието се води застанат на нозе, пред табла, меѓу наставници и ученици, меѓу помошен персонал и стручна служба, а не седнат во удобната фотеља со розови очила и несоодветно образование за позицијата што ти е доделена“, дециден е наставникот.

Сепак, за разлика од мнозинството кое постојано се жали на условите за работа, Бумбароски се води од мислата ‘Не прашувај што државата (на)прави за тебе, туку запрашај се што ти правиш за државата’.

„Решив да се посветам на работата со љубов и да дадам сѐ од себе.

За моја среќа наидов на ученици кои имаат прекрасни и посветени родители. Родители кои прават се за своите деца, но ги преземаат правилните чекори. За еден наставник вистинска среќа е да соработува со родители кои им даваат на своите деца многу повеќе отколку само пари – им даваат дел од себе.

Во моето пошироко семејство има повеќе просветни работници кои се успешни во своето опкружување. Професијата просветен работник е дел од нашето секојдневје, од секоја седенка, дружба, прослава. Живееме заедно со љубовта кон професијата.

Јас за првпат застанав како наставник пред учениците кои тогаш беа петто одделение во јануари 2011. година. За едно полугодие тие станаа мои ученици. И ден денес тие се мои ученици. Ако ги земам предвид и нив како генерација (иако се дружевме само едно полугодите), тогаш четвртата генерација на ученици ја подготвувам за сите предизвици кои ги задава животот. Денес комуникацијата е многу полесна затоа што имаме социјални мрежи, па со голем дел од учениците се дружиме онлајн, но секојдневјето ни ги вкрстува патиштата па се дружиме и со физичко присуство“, се смее наставникот.

Иако понекогаш се случува да биде изморен, бидејќи, како што вели ‘учениците знаат да ме истрошат, но нели наставникот е како свеќа, се троши себеси за да им го осветли патот на другите’, дома се труди да биде посветен родител кој воведува хармонија во домот.

„Не е секогаш лесно да се заборави и надмине заморот, но кога ќе ме погледнат очињата од моите ќерки и кога ќе ме гушнат нивните раце секоја мачнина поминува за миг. Моите ќерки Теона (8) и Илина (3), се моја инспирација и моја движечка сила. Од нив учам секој ден. Учам како да бидам дете, а тоа ми помага да бидам успешен како човек и наставник“, признава Бумбароски.

Неговата ќерка Теона е четврто одделение и ја следи наставата онлајн. Таа учи во ОУ Кире Гаврилоски – Јане кое се наоѓа близу до нивниот дом. Иако многумина помислиле дека таа ќе учи во неговото училиште, тој и сопругата донеле поинаква одлука.

„Целта ни е да биде ученик како сите други, сама да се ‘бори’ со предизвиците кои се исправаат пред неа, без мама и тато да имаат влијание на училиште. Таа е одличен ученик со кој дома најчесто работи мојата сопруга. Илина оди во градинка и за некоја година исто како и сестра ѝ, ќе си го посетува училиштето кое е најблиску до нашето место на живеење“, вели нашиот соговорник.

Неговите ставови кои ги споделува на својата ФБ страна, се многу реални, па тој често знае да каже дека ‘секоја генерација расте врз рамениците на претходната, па ако е така тогаш со право ќе речеме дека денешните деца/ученици стануваат сѐ поразгалени. Но вината не ја гледам во нив, туку во родителите. Децата не Ве слушаат, тие Ве имитираат. Едноставно е, доколку купите некој производ и не сте задоволни од неговиот квалитет, вие нема да го обвинувате производот туку производителот.

Родителите се дел од педагошкиот триаголник.  Доколку сакаат да им направат добро на своите деца ќе мораат да ги научат да ловат риба, наместо да им купуваат’, вели Бумбароски.

Иако е наставник, дома, со нивните деца околу обврските поврзани со училиштето/градинката, се грижи неговата сопруга Ирена која е вработена во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како самостоен референт.

„Во нашиот дом обврските се извршуваат подеднакво. Оној кој прв доаѓа дома
подготвува јадење. Сопругата во поголем дел од времето им помага на ќерките околу обврските поврзани со училиштето/градинката“, објаснува наставникот Бумбароски, татко за пример и наставник кој многу родители би сакале, кога би можело, да се клонира.

[better-ads type='banner' banner='999' ]