Хариет Паркинсон има само седум години, а веќе сега омилена занимација ѝ е гледањето бјути туторијали на социјалните мрежи. Покрај тоа, многу е вешта и во самостојно шминкање.
Хариет апсолутно обожава шминка. Таа е подобра во нанесувањето на сенки отколку јас. Ги гледа туторијалите, па ги паузира, го копира тоа што го прават и повторно стиска „плеј“. Ѝ помагам да нанесе маскара, затоа што се грижам дека ќе се боцне во око, но сама си става руменило, го контурира лицето и ги бои веѓите“, вели нејзината мајка Натали.
Хариет ја открила шминката минатиот Божиќ кога нејзината мајка ѝ ја купила првата палета сенки. Ја потрошила во рок од неколку недели и побарала уште.
Натали, која е асистентка за настава од Болтон, вели: „Има многу лакови и турпии за нокти, но јас ги чувам во мојата соба. Таа има и четири палети за шминка и свој парфем”.
Како што вели, нејзината ќерка понекогаш поминува половина час шминкајќи се, а ако не ѝ се допаѓа резултатот, брише сè и почнува отпочеток.
„Не ја пуштам да излегува од дома со шминка, но ги ставам фотографиите на Фејсбук“, признава Натали и додава дека веќе се среќава со критики и со луѓе кои ѝ зборуваат работи како тоа дека „девојчињата треба да бидат девојчиња“ и дека „никогаш не би им дозволиле на седумгодишни девојчиња да се шминкаат “.
„Но, таа е мое дете и ја познавам подобро од сите. Сè додека не оди со шминка на училиште, сè е во ред“, смета Натали.
За осмиот роденден, кој девојчето наскоро ќе го прослави, од нејзината мајка ќе добие маса за шминкање со огледало, столица и ЛЕД ламба, како и руменило и палета со шминка. За тој подарок, нејзината мајка одвоила околу 180 фунти (околу 200 евра).
„Сакам шминка затоа што изгледам убаво и возрасно“, вели Хариет.
Но, Натали вели дека станува збор за самодоверба, а не за суета, пишува The Sun.
„Кога тргна на училиште, таа мораше да носи очила и тоа ја наруши нејзината самодоверба. Ќе ги скриеше и ќе ги скршеше затоа што мислеше дека изгледа грдо. Престана да се дружи со своите пријатели, па се обидов со неколку работи, како гимнастика, за да ѝ ја изградам самодовербата. Знам дека шминкањето ѝ помага“, смета оваа мајка.