Наместо: ‘книга во рака’, оваа учебна година ќе им викаме на децата: ‘седи пред компјутер’

Денеска започна најчудната учебна година досега. Еден дел од учениците ќе бидат во училниците и настава ќе следат според здравствени протоколи, а поголемиот дел ќе учат онлајн или, ако немаат компјутер, ќе следат настава преку ТВ екраните. За последниве, едно мало локално кафуле во Скопје (Бифе Тафталиџе) викендов организира акција и апелира до граѓаните: Подари го лаптопот што не го користиш, израдувај ученик!

0
187

Под посебни протоколи денеска започна учебната 2020/2021 година, најчудната учебна година досега. Поради состојбата со пандемијата од коронавирус училишната година, наместо на 1 септември беше одложена за денеска, 1. октомври, кога започнуваат со настава 270.000 средношколци и основци, меѓу кои 19 илјади се првачиња.

Еден дел од нив ќе бидат во училниците и ќе ја следат наставата според здравствени протоколи, а поголемиот дел ќе учат онлајн од дома, преку националната платформа за учење од далечина.

Утрово во некои училишта, знаеме сигурно за „Јан Амос Коменски“ и за „Владо Тасевски“, клупите и столчињата беа надвор, исто како и учениците кои токму тука го поминуваат првиот училишен ден.

Изгледа дека оние кои остануваат дома за да ја следат наставата преку Националната платформа, имаат и најмногу проблеми. Колку е хаотична состојбата можете да се уверите само ако почнете да следите некоја од Фејсбук групите во која наставниците и родителите се обидуваат, консултирајќи се меѓусебе, да ги решат проблемите со кои се соочуваат.

На пример, во една ФБ група во која се споделуваат проблеми и решенија за Националната платформа за далечинско учење, една наставничка прашува: Во Microsoft Teams не е формирана ниту една група во која предавам. Дури ни Класен раководител. Дали тоа значи дека сите треба сама да ги креирам и да внесувам ученик по ученик? Се работи за 10 паралелки со по 20-30 деца.

Некои од наставниците се соочуваат и со следнава дилема: Кој ке го реши недоразбирањето? На почетокот беше логично да се употребува камера за да се гледаме со децата, па дојдоа на ред обуките во кои обучувачите од училиштата потенцираа дека камерите не смее да се вклучуваат. Сега читам дека наставниците ПОГРЕШНО РАЗБРАЛЕ…Мислења? Имаме ли некој во групава што може да не просветли?

Некои се обраќаат и со совети до родителите, да не креваат паника и да не трчаат по продавници за да купат камера затоа што постои и оваа опција: За да не барате веб камера под дрво и камен може вашиот android или iOS телефон да го направите webcam. …Понатаму следуваат инструкции за инсталација.

Освен наставниците, имаат проблеми со логирање и родителите и нивните деца.

Една мајка вели: Имам проблем, син ми не може да се најави на платформата воопшто, внесе податоци еднаш при што појави проблем и сега воопшто не се активира копчето НАЈАВИ СЕ. Кога и да го кликне појавува проблем.
Дали има уште некој со ваков проблем?

Друга ѝ одговара: Истиот проблем го имам и јас. Само што првпат беше успешна најавата, а вториот пат кога ме праша дали сакате да останете пријавени, по грешка притиснав НЕ и сега кога пробувам да се најавам воопшто не се активира копчето НАЈАВИ СЕ, туку секогаш се појавува грешка и бара да се воспостави контакт со администраторот, зошто ID не е валиден.

Има совет и за оние родители кои се на своите работни места, па нивните деца мораат сами да се снаоѓаат: Еден совет за родителите кои ги оставаат децата дома сами да се вклучат на платформата, а децата им се мали и не можат сами. Инсталирајте Team viewer. Ќе можете вие да им подесите од работа (секако доколку смее) без да се допишувате на вибер или ве прашуваат на телефон (ми се појави прозорче, стисни allow и слично). 

И така натаму. Вистински хаос! Очигледно, во ваква состојба е малку веројатно дека децата ќе може да го надоместат пропуштеното во образованието, но најмногу ќе заостануваат сиромашните деца. Имено, според анализите на МОН, околу 40.000 деца немаат соодветни ИТ-уреди, па немаат можност за онлајн настава.

Токму за нив многу значајни можат да бидат и вакви акции какви што веќе вторпат организира едно локално скопско кафуле (Бифе Тафталиџе), насловени како ‘Подари го лаптопот што не го користиш, израдувај ученик!’

По успешната прва акција, кога таму беа собрани неколку лаптопи кои беа донирани во училиштата во маало, на ФБ страната на Бифе Тафталиџе пишува: Се одлучивме да направиме уште една акција, сега, кога на некои ученици им е најпотребен лаптоп за следење на онлајн наставата.
Ваше е само да го донесете лаптопот кој не го користите, а ние, заедно со нашиот пријател Жаре ќе се потрудиме да ги средиме и да ги однесеме онаму каде што се најпотребни. За донесените лаптопи ќе ве почастиме чаша вино и Комбуха. Лаптопите што нема да можат да се средат, ќе ви бидат вратени.
Се гледаме во недела (04.10.).’

Кога овој пример би го следеле и други, секако дека не би се обезбедиле ИТ-уреди за сите ученици кои немаат, но би се израдувале барем неколку деца. Сепак вреди, нели?

И на овие најпогодените, но и на сите други деца, ученици, средношколци и студенти и на нивните наставници, професори и секако, на нивните родители, тимот на ‘Мајка и дете’ им посакува среќна и успешна учебна година.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]