Како да го мотивирате детето на онлајн учење

Д-р Лора Маркам, клинички психолог, која се занимава со психологија на родителство и деца, подготвила шест начини на кои можете да го вклучите и да го мотивирате вашето дете на новиот начин на учење од далечина.

0
187

При онлајн-следењето на наставата и учењето постојат предизвици со кои родителите можат да помогнат, а еден од првите е организација на околината и распоред што го охрабрува детето да преземе поголема контрола и автономија и да се чувствува поврзано со другите ученици. Така може да ужива во чувството на успех и компетентност при решавањето на обврските и задачите.

Д-р Лора Маркам, клинички психолог, која се занимава со психологија на родителство и деца, подготвила шест начини на кои можете да го вклучите и да го мотивирате вашето дете на новиот начин на учење од далечина.

Еве водич кој може да им помогне на родителите во тоа:

1. Создадете можност вашето дете да се поврзе со другите деца

Една од причините поради кои детето што учи на далечина често се чувствува демотивирано и исклучено е тоа што е изолирано. Децата сакаат да бидат дел од група и природно е дека повеќе ќе работат кога во тоа учествуваат и други деца, па затоа најдете начин да го поврзете со другите деца.

На пример, најдете дете со кое може да учи. Секој ден нека се ‘наоѓаат’ преку „Зум“ со еден или повеќе ученици од одделението во одредено време за да решат заедно некои тешки задачи или за да се испрашуваат едни со други. Покрај тоа, можете да им дадете на децата задача да истражат нешто што учителот не им го задал како задача, што може да ја зајакне врската помеѓу нив. На пример, децата можат да комуницираат за да ја прокоментираат книгата што ја прочитале, дури и ако наставникот не го очекува тоа од нив. Ова ќе ја зголеми возбудата околу читањето и соработката.

Друга можност е да ги поканите децата што живеат во близина еднаш неделно да учат кај вас, со одржување дистанца, па дури и со маска по потреба. Ако можат да учат на балкон, во двор или на тераса, тоа би било уште подобро.

Дозволете му на детето да игра и видеоигри со другарчињата од одделението. Секако дека не треба постојано да седи на компјутер и да игра „Мајнкрафт“, но времето што ќе го помине во играње ќе му помогне да се забавува онака како што би се забавувало кога би одело на училиште.

2. Создадете предвидлив дневен ритам и рутина

Ако нема распоред, секој момент станува можност за борба за тоа што треба да се прави. Рутината го заменува хаосот бидејќи имате чувство дека сè се одвива како што треба. Исто така, рутината го развива префронталниот кортекс затоа што детето знае што да очекува. Освен тоа, рутината им помага на децата да се справат со помалку интересни задачи затоа што имаат на што позитивно да му се радуваат.

Создадете јасен момент за почеток на учењето секој ден. Некои деца се подготвуваат како да одат на училиште, наместо да учат лежејќи во кревет, во пижами. Ако сакате детето да се држи до распоредот, дајте му шанса да учествува во неговото составување.

Ограничете ги училишните обврски на максимум 2,5 часа дневно, со тоа што ќе им давате пауза на секои 30 минути. Значи, ограничете ја работата на максимум половина час, со паузи за да му помогнете на вашето дете да ја врати енергијата. Дури и во тие половина часа, на детето може да му требаат неколку паузи од 3 минути, да пие вода или да јаде овошје, да направи неколку вежби или да танцува на омилена песна.

Се разбира, вклучете прегратки, малку смеа и гушкање, излегување на тераса за да вдишете воздух или за да ви помогне да измиете салата, да ги сортирате алиштата или за да прочитате нешто заедно, да направите некој научен експеримент или да нацртате нешто. Доколку на детето му требаат 2,5 часа учење во текот на целиот ден, овие забавни активности треба да траат најмалку 2,5 или до три часа. Тоа е енергија што ќе му помогне на детето да ја издржи стресната ситуација поврзана со тоа што е во домот.

Ако повеќе деца споделуваат еден компјутер, проверете дали ова е исто така опфатено со распоредот.

3. Намалете го времето за седење пред екраните на минимум

Не очекувајте дека вашето дете ќе ја извршува училишната задача од 9 до 15 часот, односно онолку колку што би траело на училиште, во живо. Иако математичките игри и некои други интерактивни програми на учење може да се забавни и мотивирачки, подучувањето на децата само преку компјутер не е соодветно ако не станува збор за тинејџери. Многу деца не можат да останат долго време фокусирани пред екран и ќе станат немирни затоа што се под стрес.

4. Користете систем на одговорности и дозволете му на детето да работи самостојно

Насочете го детето да работи самостојно бидејќи тоа ја задоволува неговата потреба за автономија. Може да користите картички со задачи што треба да се решат, така што детето ќе ги решава само. Кога ќе заврши, може да ги донесе да му ги прегледате и да продолжи понатаму.

На овој начин детето е под помал стрес отколку ако му давате 10 задачи на хартија и му речете да ги реши сите одеднаш. Ако ништо друго, мотивирачки е да види како купот картички се намалува. Исто така, можете да го мотивирате со тоа што по 3 задачи може да добие сладолед, заедно да се напиете сокче, а по 5 или 7 задачи може да разговара со баба и дедо преку „Зум“.

Оставете го детето само да избере што и кога ќе заврши. Нека одлучи дали прво ќе ги реши тешките задачи или ќе им се посвети подоцна.

5. Организирајте простор што асоцира на учење

Како што креветот ве кани да дремнете или да спиете, а садовите на масата сигнализираат дека е време за јадење, така детето треба да има работно место што ќе биде поврзано со учењето. Чувајте ги книгите и материјалите на тоа место или во кутија што можете да ја преместите кога ќе заврши учењето. Тргнете ги играчките за вашето дете да не ги гледа.

Имајте на ум дека работното место на дете кое не е склоно да работи самостојно треба да биде поставено блиску до родителот, за да го поттикнете или да му помогнете кога е потребно.

Обезбедете му добро столче и проверете дали екранот е на ниво со очите, за да не се замори премногу. Тастатурата и глувчето треба да бидат под агол од 90 степени.

6. Бидете присутни или најдете некој што ќе може да ви се најде

Тешко е постојано да бидете сконцентрирани на она што вашето дете го работи додека и вие работите од дома. Но, ако нема друг начин, ќе мора да му помогнете.

Добрата вест е дека развивањето автономија во учењето кај детето поминува како и сите други работи што сте ги направиле со него првпат: на почетокот ќе бидете многу вклучени, а потоа детето ќе преземе поголем број одговорности, а вие повремено можете да му помагате. Ако на почеток вложите енергија во совладувањето на работните навики на вашето дете, тоа ќе му овозможи да успее, и со тоа ќе се осигурите дека ќе остане мотивирано и самостојно.

Повеќето деца можат да останат ангажирани кратко време со минимален надзор, но за да бидете сигурни дека се сконцентрирани на учењето од далечина, секако би било добро да имате уште еден возрасен во близина. Колку и да сакате, сами нема да можете да издржите, со деловни состаноци, разговори, грижа за помало дете и грижа за домаќинството.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]