Кога ќе видите дете заиграно со бои, со извалкана маица или измачкано со сладолед…

Тоа не мора да значи родителска немарност кон одржувањето на неговата хигиена, туку може да значи дека на тоа дете му е овозможено да истражува, да ужива и да расте… Што ви е вам поважно - чист стан и облека или среќно дете?

0
244

Единствено родителско оправдување за забраната на неуредните, но и на сите други игри што на детето му овозможуваат самостојно да истражува е она во врска со безбедноста и хигиената. Односно, ако вашето дете е во фаза кога ги испитува предметите околу себе, обидувајќи се да ги вкуси или да ги проголта, обрнете внимание за да не се случи тоа. Секогаш проверувајте ги материјалите од кои се направени играчките. Важно е тие да бидат безбедни, од природен материјал, без остри агли. Сепак, повеќето деца многу брзо престануваат на овој начин да ги испитуваат работите околу себе, па веќе немате причина да стравувате дека „неуредните“ игри ќе му ги нарушат безбедноста или здравјето на детето.

Неразбирање на природата на играта.

Секоја детска развојна фаза има свои потреби, свои законитости и свои игри кои дополнително ја збогатуваат. Родителите погрешно мислат дека е корисна само онаа игра во која детето учи нешто конкретно или постигнува некоја цел. Имено, во претшколската возраст, играта сама по себе е цел и токму таа игра е најважен начин на учење. Освен експериментирање и истражување и личниот развој низ забавата, овие игри немаат друга цел.

Значење. Низ играта детето учи за светот кој го опкружува на еден нов, интересен и за негово искуство траен начин, па сето тоа му останува во сеќавање.

Експериментирањето со боите или природните материјали навистина е неуредно, но затоа поттикнува љубопитство и креативност, развива концентрација, вежба фина моторика и координација на движењата. Исто така, бидејќи овие игри главно се невербални, кога во паркот се вклучени и други лица, детето ги вежба своите вештини за невербална комуникација и дружење. Специфичната врсничка интеракција ќе придонесе кон самодоверба, развој на социјални врски, емоционален напредок. Чувството на слобода дека можат самостојно да го прават она што сакаат во рамките на својата игра, за детскиот развој е исто така од огромно значење. Конечно, но можеби и најважно: овие игри се забавни и ги прават среќни вашите деца.

Неуредните игри и интелигенцијата

Сите игри што на децата им овозможуваат истражување, експериментирање, совладување препреки, физичка акција, отвореност во размислувањето – влијаат и врз развојот на интелигенцијата на детето. Програмата на МЕНСА за учење подразбира токму комбинирање на физичките игри со учењето на различни содржини, па така децата учат одредени поими, истовремено ротирајќи се неколку минути во една насока. Ваквите игри, иако понекогаш оставаат зад себе валкани маици, директно влијаат врз развојот на интелигенцијата и начинот на размислување на децата.

Гостите или детето?

Ако веќе имате став дека во вашиот дом сè треба да „блеска“ и да биде во секој момент беспрекорно чисто, важно е да имате и одговор зошто ви е тоа важно. За жал, причина за забраната на неуредните игри често е одраз на родителските потреби некому да се докажат, да исполнат туѓи очекувања, како и недостиг на лична самодоверба. На пример, сакаат нивниот стан да биде што подобро среден во случај да дојдат гости.

Сега застанете за момент и малку размислете. Обидете се на некоја имагинарна вага да го ставите сето она што низ својата игра детето го учи и совладува, а притоа силно го забавува и радува, а на другата страна ставете ја можноста дека ќе ви дојдат гости и ќе видат неред. Кое ќе преовлада? Што ви е поважно? Ако го научите детето секогаш да му биде беспрекорно чиста облеката, но затоа ретко да впушта во игра со врсниците, да стои настрана и да не учествува, тоа може да порасне во молчеливо, несигурно, недоволно самостојно дете… Па тогаш, сте погрешиле во поставувањето на критериумите на „вистинските“ вредности.

Пресвртницата на третата година.

Всушност, она што ќе се извалка, може и да се испере. Ако веќе својата лична оптовареност со беспрекорна чистота му ја пренесувате и на детето, ако не сакате да ја перете облеката што ќе ја извалка, облечете му престилка или одредете која маица е „само за валкање“. Или одредете дел од станот во кој ваквите игри се дозволени. Или дел од ѕидот на кој секогаш ќе има залепено голем хамер на кој детето ќе може да шкрта. Исто така, родителите често погрешно претпоставуваат дека третата година е граница за многу нешта, па и за тоа дека по третата година детето не треба да остава неред зад себе, никогаш да не се валка додека јаде, ниту додека игра.

Меѓутоа, како што расте детето, така и неговите искуства и сознанија се сè побогати. Разликата е само во тоа што детето од 3 години може да почне да го расчистува нередот што ќе го направи. Тоа е пресвртницата. Оваа хигиенска навика е многу важна и ова е вистински момент да почнете да ја воведувате.

Инсистирајте да ги враќа на своето место играчките пред спиење, да ја мести својата облека, да ја носи валканата облека во машината за перење. Вклучете го во домашните обврски, бидејќи со тоа му укажувате доверба, покажувате дека  сметате на него и дека го сметате за достојно за малите задачи што му ги доверувате. Кога ќе воспоставите договор да го отстранува својот неред, сте ја воспоставиле првата работна навика кај детето и сте почнале процес на разликување игра од обврска, што ќе му биде од голема важност при тргнувањето на училиште.

Стан или дом?

Наместо постојаното инсистирање на чиста облека, подобро обидете се да си играте заедно со своето дете. Извалкајте се во песок или намачкајте се со бои. Сосема е сигурно дека ваквата активност барем привремено ќе ве ослободи од стресот, ќе ви ги пренасочи мислите од проблемите на радост, дополнително ќе ве поврзе со детето и што е многу важно, ќе ве поврзе и со вашето внатрешно дете. Се сеќавате ли на него воопшто? Сите го имаме и го носиме во себе, но малку му обрнуваме внимание. Тоа спие во нас, мисли дека е заборавено и дека повеќе никому не му е потребно. Израдувајте го. Заслужило.

Конечно, потписникот на овие редови, целосно верува дека за детското среќно растење е неопходно истражување, експериментирање, уживање во играта, па ако треба и по цена на голем број извалкани маици.

Исто така, во давањето различни облици на слобода можете да отидете чекор понатаму. На пример, освен што ќе му дозволите на детето повремено да се извалка, можете да му овозможите да учествува во средување на вашиот дом. Сетете се дека станот и домот не се исто. Станот се ѕидови, а домот е она топло, нежно и скапоцено чувство во срцето. Затоа, дозволете му на своето дете со фломастер или нешто друго да разубави (тоа е вистинскиот збор) барем еден од ѕидовите во вашиот стан. Така вашиот стан ќе стане дом и во срцето на вашето дете.

Текстот е од ТУКА.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]