Хрватска наставничка за враќањето на децата во училиште: Додека ние се грижиме, тие веќе се приспособија

Веќе по првиот ден заборавивме на тоа дека имаме маски на лицата и дека минатата есен не сме ги имале. Седмоодделенците и осмоодделенците наместо качулки, сега носат црни маски на лицата и поради тоа се многу „опасни“, а никој не ги опоменува дека во училницата тоа не се носи. Додека ние дома се грижиме како сето тоа ќе го поднесат, тие веќе се приспособија, порачува наставничката Данијела Миклец

0
542
(https://www.freepik.com/free-photo/back-school-during-covid-concept_10070832.htm)
И ние, учителите, со нетрпение чекавме информации до последен момент. Како ќе изгледа наставата? Дали ќе се учи на далечина или ќе бидеме во училниците? Дали сите ќе мораме да одиме во самоизолација ако се зарази само едно дете во цел колектив? Што ако такво нешто се повтори по враќањето на училиште? Како ќе работиме? Како тоа ќе се одрази врз нашиот приватен живот? Илјада прашања и толку многу стравови.

Неколку дена пред почетокот на наставата знаевме дека ќе бидеме во училниците и ќе носиме маски. Стравот и нервозата беа присутни. Како учениците што до вчера скокаа едни по други, сега мирно ќе држат растојание и ќе носат маски, а не сакаа да донесат ниту папучи? Илјада прашања ми се вртеа во глава. Јас треба да имам сè под контрола во класот, а ниту самата себе не можам да се смирам.

Таа недела се преселив кај дедо и баба бидејќи наставата почнуваше толку рано наутро за сите ученици според протоколите да влезат во своите одделенија. Во градинките моментално ситуацијата е таква што нема дежурства и мојата потреба за градинка во 6 и 30 би значела дека воспитувачките цела недела би морале да доаѓаат многу порано за да бидат со моето дете. За да го избегнам тоа, заради воспитувачите, но и заради своето дете, ги ангажиравме баба и дедо кои сè уште се вработени, но работат во истиот град во кој живеат, па можат да тргнат на работа многу подоцна и да го одведат детето во градинка. Бабата дури работи во тимови, па една недела ќе може да се вклучи и во улога на баба-сервис.

Еден дел од товарот тоа рано утро сепак беше поделен. Се разбудив взори и се искрадов додека мојот син сè уште спиеше. Немаше возење до градинка, па тоа значеше еден стрес помалку за изморената мајка. Сепак, работите се наредија некако во мој прилог, кога ништо не ми изгледаше ветувачко. Доаѓањето на училиште беше постресно отколку минатиот септември. Имав чувство дека децата ги ставаме во некои кафези и тие страшно и ужасно ќе страдаат. Тогаш почнаа изненадувањата.

„Добро утро, деца, можете да влезете во училиште!“

Децата се држеа до предвиденото растојание од другите групи, сите во 7 и 25 се појавија на влезот од училиштето. Сите имаа маски на лицата, баш како што им напишав во упатствата на родителите. Лесно влегуваа во училиштето, ги дезинфицираа рацете, ги местеа работите и за неколку минути седнуваа на своите места. Беа мирни и среќни што сме повторно заедно. Моите стравови исчезнаа! Штом ги видов така сериозни и одговорни, моите шестоодделенци, знаев дека ние возрасните по правило премногу се грижиме. Стравот и неизвесноста им ги препуштија своите места на радоста и енергијата, кои ми недостигаа за време на наставата на далечина. Кога учителот ќе влезе во одделението, заборава на целиот свет околу себе. Веќе по првиот ден заборавивме на тоа дека имаме маски на лицата и дека минатата есен не сме ги имале. Децата што несопирливо трчаа по ходниците сега се во своите училници или во дворот на училиштето кадешто трчаат по меката трева на свежиот воздух.

Исхраната во училниците ни ги донесе првите лекции за држењето на чашите при точењето пијалак за „гостите“, соработка меѓу учениците и поголема почит кон оној што ја дели храната бидејќи сега тоа се самите ученици. Пристојно чекаат со одржување растојание и со разбирање. Меѓусебно се советуваат, но и се надмудруваат. Седмоодделенците и осмоодделенците наместо вообичаеното бунтовништво кое претходно го покажуваа со носење качулки при влегување во одделението, сега носат црни маски на лицата и поради тоа се многу „опасни“. И никој не ги опоменува дека во училница тоа не се носи.

Додека ние дома се грижиме како ќе го поднесат сето тоа, тие веќе се приспособија. Во вакви околности учениците имаат блок-часови, па во чантите носат многу помалку книги. На таквите часови полесно се обработува материјалот на тој начин што се менуваат активностите и се комбинира креативноста со индивидуалниот пристап. Одлично!

Сигурно е дека нè чекаат уште многу новости, страв од непознатото, а знаеме дека ќе нè дочека и некој облик на настава на далечина. Сепак, изгледа дека на сè можеме да се навикнеме. Тие се добро, не грижете се!

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]