Во градинка или не?

Дали да го испратите детето во градинка или тоа да останете дома барем до училишна возраст е дилема со која се соочуваат многу родители. Што велат студиите на оваа тема? Какво е вашето искуство?

0
169

Дилемата со која се соочуваат родителите сега, откако градинките повторно ги отворија вратите, за тоа дали е подобро децата да престојуваат во градинка или дома, не е воопшто нова, иако периодов дилемите се фокусираат главно на вирусот и на прашањето дали децата се побезбедни дома или во градинка.

Вработените велат дека во градинките кои според протоколите сега не смеат да имаат повеќе од 15 деца во група, не доаѓаат ниту тие 15 затоа што родителите се плашат да ги носат.

Во претходниот живот (пред короната), иако децата во многу поголем број одеа во градинките, многу родители беа во дилема дали да го испратат детето во градинка веднаш по завршувањето на породилното отсуство или подоцна, или пак, воопшто да не оди во градинка и да остане дома до училишна возраст.

Освен тоа, особено меѓу мајките, многу често се појавува и чувството на засраменост и страв дека другите можат да ги осудуваат затоа што нивните деца се во градинка, додека тие бркаат кариера. И речиси секогаш, првите денови се трауматични и за децата и за родителите. Меѓутоа, според заклучоците на една студија престојот во градинка може да му помогне на вашето дете да се однесува подобро.

Во студијата под називот Early Child Care Type, истражувачите набљудувале 1.428 француски деца од моментот кога се родиле до нивниот 8-ми роденден. Истражувачите одлучиле да ја користат Франција како фокус на нивното истражување бидејќи нивото на деца што одат во градинка таму е многу високо.

Студијата ги документирала емоционалните и бихејвиоралните однесувања на децата и ги споредувале оние кои посетувале  формална градинка или дневна грижа за деца со оние кои биле во неформална средина, како што се децата што остануваат дома со родител, член на семејство или дадилка, наведува Moms.com.

За децата кои посетувале градинка или дневна грижа за деца, било откриено дека имаат помалку проблеми во однесувањето и биле подобри во односите со врсниците отколку децата кои останувале дома со родител или старател. Така, потврдено е дека изложувањето на децата во околина во која тие секојдневно комуницираат со други деца, дефинитивно може да биде од корист. Тоа им овозможува на децата да научат како да споделуваат, да играат и да комуницираат со врсници, додека многу деца кои се дома можеби нема да имаат можност да бидат со толку многу деца.

Студијата открива и дека девојчињата од семејства со поголеми примања имале најголема корист од престојот во градинка, „особено во поглед на односите со врсниците, емоциите и просоцијалното однесување“.

„Пристапот до високо квалитетна грижа за децата во првите години од животот може да го подобри емоционалниот и когнитивниот развој на детето, да спречи подоцнежни емоционални потешкотии и да промовира просоцијално однесување“, објаснила д-р Марија Мелчиор, една од авторите на студијата.

Што мислите вие за ова? Какво е вашето искуство?

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]