Враќање во училиштата низ Европа и покрај загриженоста поради КОВИД-19

Училиштата ширум Европа ги отвораат вратите за да ги поздрават учениците што се враќаат во нив овој месец, речиси шест месеци откако пандемијата на коронавирус ги принуди да се затворат

0
113

Многу наставници и родители стравуваат дека повторното отворање на училиштата ќе го забрза ширењето на ковид-19, но владите се децидни дека тоа треба да продолжи.

Француските ученици се враќаат по двомесечна летна пауза што следеше по двете недели задолжителна настава пред празниците.

Наставниците и учениците на возраст од 11 до 18 години мора да носат маски и во затворено и на отворено. Учениците во Белгија се враќаат во училиштата овој месец, а минатиот месец се вратија во Германија.

Маските се задолжителни и во Грција, кадешто се очекува учениците да се вратат на училиште кон средината на месецот, со максимум 25 ученици на час.

Во Англија и Велс – кадешто децата се враќаат на училиште оваа недела по шест месеци – владата првично рекла дека маските на училиште нема да бидат потребни, но ја сменила одлуката.

Новите упатства ги советуваат вработените и учениците на возраст од 11-18 години да носат маски во ходниците и во заедничките простории, во местата со локални мерки против вирусот.

Загриженост во Шпанија и Франција

Шпанската влада инсистира на тоа дека децата постари од 6 години мора постојано да носат маски и да ги мијат рацете најмалку пет пати на ден.

Децата треба да одржуваат растојание од 1,5 метар едни од други, а регионалните власти ангажирале дополнителни наставници за да го намалат бројот на деца во училниците.

Сепак, многу шпански наставници и родители сметаат дека мерките не се доволни или дека биле воведени предоцна пред почетокот на наставата за да бидат соодветно спроведени.

Мерцедес Сардина, претставник на наставниците во Фуенлабрада, јужно предградие на Мадрид, се сомнева дека регионалните власти ќе можат да ангажираат дополнителни наставници како што е ветено.

Таа го споредила ова со обидот да се подготви венчавка за три дена „кога не сте направиле ништо. Не сте купиле дури ни фустан”, рекла таа.

Во Франција, професорката Софи Венетиј, од главниот синдикат на наставници во средно училиште, вели: „Ни недостасуваат јасни правила за сè што се случува надвор од училницата. На пример, во библиотеката, можеме ли да му дозволиме на ученикот да позајми книга што е тукушто вратена?”

Загрижени родители изјавиле дека тие првенствено сакаат да избегнат повторен карантин.

„Периодот на карантин беше пеколен, нема да го поминуваме повторно, не доаѓа предвид“, вели Флоренс, 42-годишна мајка на три деца на возраст од 5 до 13 години, која живее во Ница, на југот на земјата.

Некои училишта може повторно да се затворат, но за ова ќе се одлучува од случај до случај, рекол францускиот министер за образование Жан-Мишел Бланкер.
Вчера започна новата учебна година и во Словенија, за учениците од основните и средните училишта, со препорачани прилагодувања од здравствените власти.

Часовите во основните училишта се организираат според моделот „Б“, еден од четирите различни модели на адаптација во зависност од епидемиолошката состојба во земјата.
Според овој модел, училиштата мора да обезбедат соодветен физички простор помеѓу различните паралелки, редовно миење на рацете и проветрување на просторот, а учениците оброкот го консумираат во училница во групи.

Националниот институт за јавно здравје издало препорака сите ученици во заедничките простории да носат маски, родителите да им ги обезбедуваат, а за оние што доаѓаат без нив маските треба да ги обезбедуваат училиштата.

Се препорачуваат платнени маски што може да се перат, но сепак има многу отворени прашања и дилеми за наставниците и родителите за правилата и препораките за училиштата, а едно од нив е како да реагираат доколку некои родители одбијат своето дете да носи маска и дали поради тоа ќе му биде забрането да доаѓа на училиште, пренесуваат медиумите.

Препораките за носење маски ќе се прилагодуваат според најавите секој петок, за следната недела, во зависност од развојот на епидемиолошката состојба. Ако на крајот на неделата бројот на новозаболени од коронавирус е помал од 140 во последната недела, маските во основното училиште ќе ги носат само учениците во последните три одделенија.

Глобалните податоци за ширењето на пандемијата на коронавирусот покажуваат дека децата и младите сочинуваат само 1-2 отсто од случаите на Ковид-19 низ светот. Повеќето пријавени инфекции кај деца се лесни или асимптоматски, со малку евидентирани смртни случаи.

Кај нас Владата одлучи учебната година да почне на 1.октомври, а отворањето на градинките е планирано од 9 септември 2020 година.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]