Често читам текстови за различните слободи што денес им се даваат на децата од раѓање, особено за слободата на избор. Не го зауздувајте лошото однесување, му влијаете на карактерот. Не ѝ ги дупете ушите, нека одлучи сама кога ќе порасне.
Дозволете му само да одбере кога ќе легне, кога да јаде, што да јаде, што да облече… Од површни до сериозни работи, оставете го само да избере, затоа што така велат денешните гуруа за одгледување на деца. Јас не ги прифаќам повеќето од овие современи упатства за воспитувањето на своето дете, но тоа е моја лична работа.
Она за што сакам да зборувам е следново:
Дали забележувате дека социјалните мрежи се полни со девојчиња кои уште од две-три години „сериозно“ позираат, додека нивните мајки ги фотографираат? Дали овие девојчиња (деца, бебиња) сами одлучиле, по личен слободен избор, дека сакаат во поза „скршен колк, извртена нога“ да се најдат на Инстаграм профилот на нивната мајка (кој најчесто е јавен). Мајките заради овие слики, собираат лајкови, следбеници, коментари и со тоа заработуваат пари. Едноставно кажано – тие заработуваат пари покажувајќи го своето родено дете на непознати луѓе.
Кога станува збор за возрасни, мене може нешто/некој да ми се допаѓа или не, но немам право да коментирам. Секоја возрасна жена сама избира како сака да изгледа, како да се претстави на социјалните мрежи, како да се однесува … Јас зборувам, исклучиво, за деца!
Се обидувам да ја разберам поентата, да ја видам целта. Што сака мајката да постигне со тоа?
Се обидувам да го замислам во мојата глава дијалогот за време на фотосесијата – Душичке, мора да го вовлечеш стомакот за да не изгледаш дебело. Среќичке мајкина, не го допирај подот со стапалото за да ти изгледа ногата подолга. Мамино, горниот дел од телото зафрли го малку наназад за да ти изгледа половината потенка. Жабичке, стави ги рацете над главата, подотворија ја малку устата за да изгледаш замислено.
Нели е ова болно? Изопачено? Несоодветно? Ужасно?
Веројатно некој ќе рече, децата го прават тоа сами, без никакви инструкции и уште и уживаат во сето тоа. Но, сите знаеме дека не е точно. Секој што има дете може да потврди дека детето го имитира моделот што го гледа. Најчесто тоа се родителите. Децата се раѓаат без навики. Без модели. Давајќи им пример, повторувајќи ги активностите што сакаме да ги усвојат, ние ги обликуваме. Ние создаваме основа за понатаму. А што е денеска основата?
Од друга страна, вложен е толку многу труд, работа, години, напор, живот се вложени за да се реализира некоја вистинска жена. Со полна уста зборуваме за еманципацијата на жените, а родената ќерка уште од раѓање ја сведуваме само на визуелно. И таа прераснува во жена која само знае да биде убава. Други квалитети? Вештини? Способности? Зафрли го колкот, искриви ја ногата, навали ја главата и кажи – Cheese!
Текстот е од ТУКА.
Фото: Pixabey