Кога ќе ти починат сите сакани, а Алцхајмер ќе ти помогне да ја заборавиш болката

Никогаш не сум сакала мајка ми да тагува. Овојпат посакав. Тукушто дознав дека починала нејзината последна пријателка, тетка Цвета. Ѝ кажав, посакав да пушти барем една солза за неа, но мислам дека не ме разбра. Веројатно е тоа единствената добра работа кога човек боледува од Алцхајмер - заборава и на болката  

0
1477

Мајка ми рано останала без мајка, всушност, не ја ни помнеше. Имаше две постари сестри и помал брат. Пораснале со татко им кој пак, починал по раѓањето на мојата најстара сестра.

Потоа, рано остана вдовица, а смртта на нејзиниот брат мислам дека ја поднесе уште потешко од смртта на татко ми. Претходно ја изгуби најстарата сестра, а потоа ја изгуби и внуката од другата сестра и само кусо потоа ја изгуби и таа сестра. Потоа ја изгуби и внуката од најстарата сестра, а потоа и внукот кој беше речиси нејзин врсник, па навистина многу се сакаа. Но тогаш веќе почна да заборава. Кога ќе се сетеше дека починале, плачеше, а после пет минути забораваше.

Почина и нејзината најдобра пријателка, тетка Вида, една од ретките со која знаеше да се смее без никаква причина, само што ќе се сретнеа, паѓаа од смеење. За жал, и тетка Вида веројатно ја имаше дијагнозата на мајка ми, Алцхајмер. Слушнавме дека од истото починала и нејзината пријателка, тетка Менка. Сите работеа заедно во печатницата „Гоце Делчев“, па брат ми понекогаш знае да каже дека оловото од буквите во печатницата можеби влијаело на појавата на оваа болест. Којзнае.

И онака никој не ја знае причината за оваа болест, а ниту лекот. Во секој случај, мајка ми со нејзиниот актуелен кавалер, господин Алцхајмер, е сѐ подалеку од реалноста.

Додека порано тагуваше кога ќе се сетеше на сите свои сакани кои ги изгубила, тоа ми беше навистина многу страшно. Си велев, колку е тешко кога повеќе немаш никого од оние што некогаш си ги сакал. Добро, ги има своите деца – нас, внуците, па дури и правнуци, ама нема ниту еден од оние со кои пораснала, со кои го поминала животот, ниту пак има некоја од своите блиски другарки.

Иако веќе неколку години е во брак со овој господин Алцхајмер, минатото лето често ја носевме на клупите на Партизанска кадешто си седеше со својата последна пријателка, која всушност во минатото ѝ била другарка на една од нејзините сестри и беше цели десет години постара од неа, но неа ја измачуваа некои други болести кои си доаѓаат со годините, мозокот ѝ работеше добро. Тетка Цвета. Понекогаш ги остававме сами, а понекогаш останувавме и ние, јас, сестра ми или брат ми.

Мајка ми има проблем со конверзацијата, а не се сеќава ниту на вистинските зборови, но дружбата со тетка Цвета ѝ годеше, особено кога на крајот, разделувајќи се, ќе се изгушкаа и ќе се избакнеа по пет-шест пати.

Последните две бабички кои потекнуваа и од истиот крај, од Маврово, и кои имаа заеднички познаници и заеднички спомени. Дури и ја се сеќавам дека мајка ми ги спомнуваше и порано, и тетка Цвета и нејзиниот сопруг Љонте.

Откако дојде зима, а потоа почна и пандемијата со коронавирусот, престанавме да одиме на Партизанска. Одвреме навреме тетка Цвета ќе се јавеше да праша како е мајка ми, а понекогаш се јавував и јас, да ја прашам како е таа и да ѝ ја дадам на мајка ми, колку толку, да разменат некој збор.

Но, одамна ѝ се немав јавено. Некако не стасував, а и мајка ми сѐ помалку ја спомнуваше, таа почна да не заборава и нас, нејзините деца, а не пак тетка Цвета. Пред два дена го сретнав син ѝ. Ми кажа дека тетка Цвета починала пред два месеци. Добила мозочен удар, била четири дена во болница и си починала.

Незнам колку точно имаше, ама велеше дека е 10 години постара од мајка ми. Мајка ми пак, има 81. Значи, да, знам дека тетка Цвета си дочека убава старост, а најубаво од сѐ е што до крајот си го зачува и разумот, ама таа беше последната пријателка на мајка ми.

Сега дефинитивно нема никој од нејзините најблиски роднини и пријатели.

Ѝ ја покажав нивната заедничка фотографија…Ги сликав минатото лето додека се испраќаа откако поседоа на клупата, како и многу пати пред и после тоа. Мислам дека не се сети на неа, мислам дека не ме ни разбра кога ѝ кажав дека починала.

Никогаш не сум сакала мајка ми да тагува. Сега посакав. Посакав да се растажи, да пушти барем една солза за својата последна пријателка.

Понекогаш заборава дека е починат татко ми, па прашува каде е, понекогаш вели дека сака да оди кај татко ѝ, сака да се види со сестрите, со брат ѝ, а кога ќе ѝ кажам дека се починати (знам дека треба да ја поддржувам во нејзините ‘приказни’, ама не можам да се натерам на тоа, упорно ѝ ја објаснувам реалноста), мислам дека дури и не се растажува како порано. Само се збунува.

Како и да е, жал ми е за тетка Цвета.

Ја запознав и ја засакав седејќи со нив на клупите на Партизанска.

[better-ads type='banner' banner='999' ]