Доживувањето на самиот себе претставува основа за развој на личноста на детето. Доживувањето на телесната целовитост се заснова на постоењето на телесната шема, која се формира со искуствата кои детето ги стекнува во текот на неговиот живот и преку информациите кои ги добива од неговото тело.
Разбирањето на телесната целовитост се постигува со извршување на движења. Доживувањето на сопственото тело во просторот, препознавањето на неговите делови и нивната поделба, се едни од првите шеми со кои започнува сознајниот процес на личноста.
Развојот за доживување на телесната целовитост се одвива на ист начин како и другите сознајни функции, континуирано во текот на одредени развојни фази како што детето се развива и расте, така има сѐ поголемо искуство.
Когнитивните фази на развојот како што се интелегенцијата, мислењето и чувствата се основи за развој и откривање на сопственото постоење, но доживувањето на телесната целовитост се одвива по сопствен редослед.
Според скалата за проценка децата на одредена возраст осознаваат и препознаваат одредени делови од телото.
Во првата година од животот детето низ игра, спонтано ги осознава деловите на телото.
Во втората година детето препознава околу пет делови на своето тело како што се деловите на лицето, рацете и нозете.
Во третата година од животот детето препознава сѐ поголем дел на деловите од телото.
Па така од третата до четвртата година би требало да покажува околу 18 делови од своето тело, како што се глава, врат, грб, папок, стомак, коса, очи, нос, уста, јазик, уши, чело, рака, прсти, мал прст, нога, колено.
На петгодишна возраст децата препознаваат брада, образи, палец, дланка, пета и палец на нога.
На шестгодишна возраст ги препознаваат градите.
На седумгодишна возраст децата препознаваат веѓи, трепки и рамено.
Како што детето расте така и неговиот речник е се побогат, па ги препознава и останатите делови од телото.
На тринаесет до четиринаесетгодишна возраст детето треба да ги препознава сите делови од телото.
Преку препознавањето и доживувањето на сопственото тело во просторот детето се доживува себеси како личност, што му овозможува да го доживее светот околу себе, и на тој начин детето го усвојува и гестуалниот простор, просторната ориентација, што подоцна доведува до поголем степен на самостојност и чувство на припадност во група.
Кај помалите деца деловите од телото можете да ги вежбате преку игра во движење, бидејќи тие така побрзо учат, а кај поголемите деца можете да вежбате со сложувалки и на тој начин, не само спознавање на деловите од телото, ќе имате и други придобивки за развојот на детето како што се развој на око-рака координација, развој на фината моторика, внимание, концентрација, богатење на речникот, развој на мислењето, визуелна дискриминација.
Елена Трајческа дипл. специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје.
Фото: Pexels