Не забранувајте им ги екраните, игрите и другите чуда на денешното време, па наместо да се жалите на нив, вклучете се во тие нивни активности. Тоа и не е толку страшно. Можеби и вие ќе научите нешто за светот кој за нив е нормален, а за вас чуден.
Оставете ги децата на мир, нивните игри и вашите ментални предигри со кинески играчки, тортите што ги правеа мајките и ластиците кои во приказните добиваат супер моќи. Ги критикувате колку време поминуваат пред екраните, па го пишувате тоа гледајќи во екран.
Ги критикувате роденденските забави со фондан во различни облици или ги броите балоните, заборавајќи дека всушност благодарение на интернетот во денешно време некои мајки, жени и домаќинки имаат работа, прават слатки, матат, печат, сликаат.
Некои прават роденденски украси, некои пак создаваат цели светови од стиропор.
Ги критикувате дека не поминуваат активно време надвор, а самите вие не сте ги научиле на такви активности.
Ги критикувате (па и јас) дека не поздравуваат, како да заборавате дека „добар ден“ или „благодарам“ се учат од дома.
Не ви се добри ниту училиштата ниту учителите, додека истовремено собирате на вибер групите по стотици евра за подароци за тие исти учители, а не им ја давате својата доверба.
Оставете ги децата на мир и вие бидете подобри луѓе, поради што и децата ќе бидат подобри луѓе.
И нас некој нè научил, па некој мора и нив да ги научи.
А интернет-критиките, вклучувајќи ја и мојата, никого на ништо нема да научат.
Фото: Pixabey
Текстот е од ТУКА.