Прашањата за споменатиот чадор што бараат размислување може да бидат: Што е тоа што изгледа како печурка и се собира после дождот?
Прашање за второ одделение од основно училиште: Кое животно можеме да го нацртаме само со една боја, а го гледаме секој ден по неколку пати? Забелешка: не е животно, туку се вика како животно. Одговорот е зебра.
Истото прашање за петгодишник би гласело: Преку кое животно преминуваат најголем број пешаци?
И тоа е функционално размислување, додека ние од мали нозе учиме да размислуваме репродуктивно, па така класичното училишно прашање за зебра би било: Кое е името на црно-бело животно кое изгледа како коњ и живее во Африка?
Нашето функционално знаење не е добро. Никогаш не не научија да размислуваме. Ниту дома, ниту во градинка, ниту на училиште, вели Др. Ранко Рајовиќ, доктор по интерна медицина, долгогодишен претседател на Одборот за надарени на меѓународното здружение Менса и соработник на УНИЦЕФ на проектот за рано поттикнување на интелектуалниот развој на децата и основач на Менса Србија и на Отсекот за надарени на центарот Никола Тесла. Рајовиќ е исто така автор на НТЦ системот за учење со кој се подига интелектуалниот потенцијал на децата и се развива брзината на размислување и заклучување – т.н. функционално знаење.
„Човечката интелигенција не зависи само од бројот на неврони, односно не е условена само од генетскиот потенцијал, туку и од врските помеѓу невроните т.н синапси. Периодот до 7 годишна возраст е од големо значење за формирањето на овие врски.
НТЦ-системот за учење се занимава со прашањето како да се стимулира развојот на синапсите, а со тоа и огромниот потенцијал на децата пред поаѓање на училиште и во училиште.
НТЦ системот за учење е насочен кон развој на когнитивните способности на децата и се заснова на истражувања кои предупредуваат дека мозокот воспоставува 75 проценти од сите нервни врски (синапси) до седумгодишна возраст, а од тоа 50 проценти синапси настануваат до петгодишна возраст.
НТЦ системот се спротивставува на традиционалната работа со децата, вклучително и учењето напамет, кое Рајовиќ го смета за застарено.
Физиолошки, учењето на памет не е во согласност со нашиот мозок и е бесмислено. Но, учителите не знаат друг начин. Главниот мотив е учењето да биде низ игра, училиштето да биде интересно за децата, тие да уживаат додека се на училиште и да немаат страв од одговарање и акутен стрес. Децата треба да сакаат да го кажат своето знаење и да немаат страв доколку одговорот не е точен.
Со НТЦ системот не постои јасна граница што ги дели предметите на биологија, географија, математика, туку прашањата опфаќаат различни области, за што наскоро ќе можат да учат и студентите на Учителскиот факултетот во Загреб, каде Рајовиќ подготвува семинар кој ќе ги едуцира идните наставници како да ги применуваат новите методи на учење што ќе бидат поинтересни за децата.
Сепак, Рајовиќ посочува дека промената на методологијата за работа во градинките и училиштата не е голем проблем. Најголем проблем е едуцирањето на родителите. Затоа тој отвора центри за НТЦ низ целиот регион, кои веќе постојат во Пула и Задар, а наскоро ќе бидат отворени во Загреб, каде родителите ќе можат да добијат информации и едукација за овој иновативен метод на работа.
Една од најважните одредници на НТЦ системот е развој на мозокот на детето уште од најрана возраст, што се постигнува – со движење.
Родителите мора да му дозволат на детето да се движи, да трча, да скока, а најдобро е детето да скока на лисја, трева, песок, кал, плитка вода. Ако не го одведеме таму за да скокне, детето би скокало по креветите, што може да биде незгодно ако падне и се повреди. Потоа, родителите купуваат трамболина, која исто така може да биде опасна и детето треба да биде под надзор.
Нашите деца се 30 проценти послаби отколку што бевме на нивна возраст, имаат помалку мускули затоа што се движат помалку. Скокањето ги активира сите мускули, го менува тежиштето на телото, детето се движи од лево кон десно, а сите овие мускули се контролирани од мозокот и ги прави новите нервни врски синапси кои се важни за развој на интелигенцијата. Секоја моторна активност е важна за детето, па дури и џвакањето на храната. Затоа Рајовиќ напоменува дека дете на возраст од една и пол година мора целосно да премине на цврста храна.
Голема грешка е да му давате на детето мека, миксана храна до втората или третата година затоа што нема стимулација на голем дел од мозокот. Јазикот се движи помалку кога детето јаде мека храна, а јазикот е важен за развојот на говорот. Образите се слаби, па детето не може да изговара п и б.
Меката храна не може да ги чисти забите, такашто ќе има повеќе кариес и потоа ќе се вадат млечните заби.
Родителите не знаат колку се важни млечните заби за статиката во устата. Со нивното вадење се нарушуваат мускулите на лицето и вратот, се менува оската на телото и се предизвикувата проблеми со држењето на телото.
Потребата за пофалба е инстинктивна кај детето. Ако го пофалиме, кај него се активира хормонот на среќа кој на мозокот му праќа јасна порака „полесно се живее вака“ бидејќи мозокот е орган за преживување.
Родителите ми велат дека се плашат дека детето ќе се задави со цврста храна, а втората најчеста причина е дека така нема да јадат. Па, зошто да не го прескокнете оброкот, ако детето не сака, не му ни давајте да јаде (освен ако детето има сензорни и психолошки тешкотии, тогаш треба да има постепен и нежен пристап). Неколку пати ми се случуваше мајките да ми кажат: „Па, вие имате некои спартански методи“.
Па чекајте, од кога прескокнувањето на оброците стана спартански метод? Ете до каде сме стасале.
Тоа е работа на родителите – да се направи граница, бидејќи тие знаат што е добро, а детето не знае што е добро. Ние мора да ја преземеме оваа одговорност затоа што развојот на детето зависи од нас, вели Рајовиќ, кој исто така е автор на книгата „IQ на детето – грижа за родителите“ која ќе им помогне на родителите на децата помлади од пет години да не запаѓаат во денешните замки на воспитувањето.
Една од овие замки, посочува Рајовиќ, е прекумерното фалење на едно дете. Мудроста на родителството е да се најде каде е границата.
Потребата за пофалба е инстинктивна потреба на детето. Ако го фалиме, тоа добива хормон за среќа што испраќа јасна порака до мозокот „ќе преживеам полесно“ затоа што мозокот е орган за преживување.
Кога ќе добијат пофалба, добиваат потврда дека тоа што го прават е добро и затоа надарените деца секогаш се јавуваат со крената рака кога наставникот ќе постави прашање. Но кога училиштето е репродуктивно, таквите деца секогаш се јавуваат, па наставникот веќе и не ги прашува. Понекогаш, дури знаат и да им речат: „Не мора веќе да се јавувате, еве, одете во дворот и играјте си.“ Децата во такви ситуации веќе и не сакаат да се јавуваат заради другите ученици во одделението бидејќи на тој начин го покажуваат незнаењето на нивните соученици. Тие пак, се лутат на нив, ги нарекуваат со навредливи имиња, па дури знаат и да ги малтретираат физички.
Репродуктвното образование е минато. Мораме да мислиме на други начини на учење кои што се применуваат во светот – вели Д-р. Рајовиќ, кој живее во Нови Сад кадешто неодамна бил сведок на вознемирувачка глетка.
Родители во количка возеа дете од 2,5 години кое држеше таблет во рака и нешто правеше на него. Уште пострашно е и кога родителите на дете од 1 година му даваат телефон и тоа со прстот пребарува фотографии.
Прашањето е кога корисното станува штетно?
Не можеме детето да го ослободиме од телефоните и модерната технологија, мора да знае да се служи со нив, но прашањето е кога корисното преминува во штетно, кој е моментот кога се преминува границата.
За своите деца имав правило: половина час гледање во екран, без разлика дали е телефон или лаптоп е 1 час во парк; еден час гледање во екран – два часа во парк и час и половина гледање во екран – 3 часа во парк.
Честопати родителите ми кажуваат како се обидуваат да направат некаков договор, но децата знаат да го прекршат и велат: „Мамо, може ли уште 5 минути денеска, а утре ќе гледам 5 минути помалку?“
Детето секогаш ќе измисли нешто ново. Тука е границата која мора да се постави. Може некогаш да се направи исклучок, но граница мора да постои.
„Супер е кога детето има телефон во рака, па и ние да се одмориме малку.“
Па зошто имате дете ако морате да се одморите од него? На детето мора да му се посветите, а мозокот најмногу се развива од 2 до 5 година кога децата се во движење. Мозокот, односно нервниот систем е карактеристика на сите живи суштества кои се движат, а најсложен нервен систем има човекот. Такашто, „работа“ на детето од втората до петтата година му е да се движи, да се врти, да скока, а не да седи и еден или 2 часа да гледа во мобилниот.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Pexels