Речиси 750 деца починале во изминатите десет години затоа што останале во затворен автомобил кои во некои случаи дури биле паркирани и во сенка, пишува NBC.
Потребен е само еден час за детето да доживее топлотен удар во загреан автомобил, што може да заврши фатално, се вели во истражувањето. За време на летните месеци, во паркиран автомобил се потребни само 20 минути за да се подигне температурата за 20 степени.
Научното списание „Temperatures” објави труд во кој се тврди дека е доволно детето да помине еден час во затворен загреан автомобил, за да биде тоа опасно по живот.
Децата се почувствителни од возрасните на температурни промени, се загреваат полесно и многу е потешко да се разладат. Исто така, тие не се во состојба да го напуштат автомобилот ако не се чувствуваат добро.
Научниците, со совети на лекарите, пресметале дека температурата на телото од 40 степени целзиусови е доволна за да ги предизвика сите симптоми на топлотен удар, што може да резултира со прекин на работата на органите, оштетување на мозокот или фатален исход.
Експериментите биле направени со помош на три различни типа на автомобили. Научниците го забележувале зголемувањето на температурата и како тоа ќе влијае на телото на детето.
Најдолго време било потребно за да се загрее комбе, а најмалку било потребно за малите автомобили со темни бои. Во просек температурата во возилата по еден час била 46 Целзиусови степени, додека воланот и седиштето биле уште потопли.
После еден час на сонце, и два часа во сенка, детето е во смртна опасност ако се остави во автомобилот.
„На сите ни се случило барем еднаш да влеземе во автомобил во кој е толку жешко што не можеме да го допреме воланот, замислете како му е на еден нежен организам што седи таму“, вели експертот за клима, Ненси Селовер од Државниот универзитет во Аризона.
Исходот зависи од здравјето и издржливоста на детето, видот на автомобилот и надворешната температура, но пораката е јасна – никогаш не оставајте деца и миленичиња сами во прегреан автомобил.
Фото: Unsplash