Доење после царски рез

Може да бидете исто толку успешни во доењето како и мајките кои се породиле природно. Единствената разлика е во тоа што млекото обично доаѓа малку подоцна

0
1735

Многу мајки имаат проблеми со доењето после царски рез.

Сепак, не плашете се, доењето по царски рез е можно. Не си создавајте непотребен притисок затоа што може да бидете исто толку успешни во доењето како и мајките кои се породиле природно. Единствената разлика е во тоа што кај мајките кои се породиле со „царски рез“ или епидурално, млекото обично доаѓа малку подоцна. И ова често се должи на подоцнежното доење. Во многу болници, на мајките не им ги носат децата на подој, затоа што многу од нив не се во состојба правилно да ги држат и да ги дојат своите деца, затоа веднаш ги хранат со адаптирана храна. И тоа можете да го надминете. Прочитајте ги советите од стручњаците.

Не одбивајте лекови

Можеби ве загрижуваат лековите против болки кои ви ги даваат после царскиот рез, но имајте на ум дека лекарите не би ви дале нешто што би ви наштетило вам или на вашето бебе. Сите овие лекови се безбедни за доење, но препорачливо е да му потенцирате на медицинскиот персонал дека без оглед на царскиот рез, сакате да доите. Со ова ќе обезбедите сигурно доење и ќе го добиете вистинскиот лек. Овие лекови се корисни затоа што ќе го забрзаат вашето закрепнување и ќе можете веднаш полесно да доите, затоа што болката, секако, ќе биде помала, а нема да има штета за бебето. Вие и вашето бебе може да се чувствувате малку уморни и поспани, но нема да има други пречки за доењето. Овие лекови ќе ви помогнат да се опуштите и така и млекото ќе надојде нормално.

Почнете веднаш

Можете да доите веднаш по операцијата или породувањето, иако сте ранливи. Се разбира, тоа зависи од видот на анестезијата што сте ја добиле. Ако можете да бирате, изберете (спинална) анестезија, затоа што ќе можете веднаш да доите. Сепак, најчесто се изведува општа анестезија во која жената не е будна. Со спиналната анестезија бремената жена не чувствува ништо, ниту гледа точно како се одвива породувањето, но будна е и може да го види бебето веднаш по раѓањето и може да го дои неколку часа потоа. (Се разбира, со помош и совети на персоналот). За да доите потребна е посебна положба и помош.

Резот ќе биде болен и чувствителен и треба да бидете многу внимателни. Се разбира, вашето закрепнување е од суштинско значење, но тоа не значи дека мора да се откажете од доењето.

Побарајте помош од медицинска сестра или некој од персоналот задолжен за доење за да ви помогне да ја пронајдете идеалната позиција. Перница исто така може да помогне.

Тешко дека ќе можете да доите на стандарден начин. Некои мајки го прават тоа во лежечка или седечка положба, додека на други им е полесно да ја заземат таканаречената „фудбалска позиција“, т.е. го земаат бебето за рака (како топката во американскиот фудбал) и придржувајќи го со помош на перница го приближуваат до градите.

Пожелно е (ако е дозволено во болница) бебето да биде со вас во секое време, но да имате и некоја личност (без оглед дали станува збор за дула, за вашата мајка, сестра или сопруг) која секогаш може да ви биде при рака и која ќе ви помогне при доењето. Вашето бебе треба да се храни често, а вие сè уште сте слаби.

Исто така, замолете го персоналот да не му дава на бебето шише и адаптирано млеко, ако тоа не е навистина потребно, бидејќи ова може да го отежне доењето. Веднаш штом ќе ви го донесат бебето, контактот – кожа на кожа може да биде многу важен за полесно доење и надоаѓање на млекото.

Во краен случај, можете да го издојувате млекото и да му го давате на персоналот за да го нахрани вашето бебе.

И бидете трпеливи. Не дозволувајте да ве обземе нервоза ако млекото не надоаѓа. Иако можеби сè уште нема млеко, сепак ставете го бебето на вашите гради и обидувајте се. Така можете да го стимулирате надоаѓањето на млекото. Новороденчето треба во текот на 24 часа да биде нахрането од 8 до 12 пати. Прво ќе почне колострумот, во мали количини, но доволно за малото стомаче на бебето. Ќе видите брзи промени после 3 до 5 дена. Густината, бојата и количината на млеко ќе се променат. Дури и ако персоналот е должен да му даде на вашето бебе шише со адаптирано млеко, можете да се вратите на доење. Консултирајте се со персоналот и експертите за тоа како да преминете исклучиво на доење кога малку ќе закрепнете.

Вашето бебе исто така ќе биде малку попоспано поради лековите против болки што ги земате. Ќе ви требаат неколку дена лековите да излезат од вашиот и од организмот на вашето бебе. Бидете сигурни дека бебето не заспива за време на хранењето и поттикнувајте го да јаде. Обидете се со различни позиции (кои ви се пријатни вам), допирајте го, разговарајте со него. Имајте на ум дека понекогаш се потребни и до 15 минути за да го разбудите бебето и да биде доволно будно за да јаде правилно. Бидете трпеливи и упорни.

Дома

И кога ќе се вратите дома од болницата, ќе ви треба помош и за домашните работи и со бебето. Сепак, се опоравувате од операцијата. Ќе имате проблеми со одење, кревање на бебето, доење. Можете да повикате некој да ви помогне, или да ангажирате сестра. И не се откажувајте, без оглед колку е тешко вашето закрепнување, обидете се да го храните вашето бебе правилно и редовно. Не се вртете кон шишето освен ако е апсолутно неопходно. Бидете во контакт со вашиот лекар и побарајте совет ако вашето бебе слабо јаде.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]