Проверете дали вашето дете има добра око-рака координација

Око-рака координацијата е значајна способност. Кога е добро развиена не се очекува да има кај детето проблеми во пишувањето, проблеми во хранењето, облекувањето, играњето игри, извршувањето на активности за секојдневно функционирање. Но доколку таа е слабо развиена, тогаш може да очекуваме уназадување во повеќе сфери.

0
383

Око-рака координација, односно визуелно-моторна координација, претставува развојна способност. Таа не може да се учи, туку детето под сплет на различни околности и активности, ја подобрува и развива секојдневно.

Развојот на оваа способност започнува уште во раното детство. Бебињата најпрво почнуваат да забележуваат одредени предмети со сетилото за вид. Така постепено тие го подобруваат својот вид, ги јакнат очните мускули и го подобруваат фокусот на очите. Тие движењето на предметите го зaбележуваат такашто ги движат само очите, но потоа, веќе на двеипол месечна возраст за да забележат одреден предмет почнуваат да ја вртат и главата, а со тоа се подобрува и нивниот фокус.

На оваа возраст бебето не ги чувствува рацете како дел од своето тело, затоа што не ги забележува, иако иститe постојано ги мрда. Веќе на тримесечна возраст детето почнува да ги забележува своите раце во видното поле, па почнува да игра со нив и подобро да ги запознава. Тоа движење на рацете детето почнува да го следи со својот вид.

На четири и на петмесечна возраст детето е способно со своите раце да држи одредена играчка и истата да ја анализира визуелно, но и играчката да ја става во устата, затоа што веќе знае дека преку движење на раката и визуелно следење, успешно ќе ја однесе играчката до својата уста. Веќе на шестмесечна возраст детето почнува да игра со играчките, да ги истражува преку стискање, фрлање и туркање. На оваа возраст детето е способно да воспостави координација помеѓу видот и движењето на рацете.

На осуммесечна возраст детето почнува подобро да манипулира со играчките и да ги префла од една во друга рака. Како што тече детскиот развој, така и оваа способност се подобрува и усовршува и така детето станува свесно дека за да изврши одредена активност потребно е истата да ја искоординира следејќи го со погледот движењето на рацете.

Око-рака координацијата е значајна способност. Кога е добро развиена не се очекува да има кај детето проблеми во пишувањето, проблеми во хранењето, облекувањето, играњето игри, извршувањето на активности за секојдневно функционирање. Но доколку таа е слабо развиена, тогаш може да очекуваме уназадување во повеќе сфери.

Децата кои имаат слаба око-рака координација, најчесто имаат и слаба моторика, лоша постуралност на телото, намалена самоконтрола, потешкотии при балансирање, дефицит во концентрацијата и вниманието, потешкотии при пишување и боење, облекување, јадење, играње со топка, изведување на координирани вежби, итн. Причината за слаба око-рака координација може да биде резултат од некое визулено оштетување или поради некои моторни нарушувања. Доколку детето ги нема овие проблеми, тогаш тоа значи дека неговата око-рака координација не е доволно стимулирана.

Следуваат неколку активности кои ја подобруваат око-рака координацијата кај детето: Подавање со топка. Треба да стоите на одредено растојание и за одредено време да броите колку пати детето успешно ја фатило топката која му ја подавате. И внимавајте дали движењето на рацете е следено со поглед. (погодно е за деца од над двегодишна возраст)

Редете слики, слика на слика, заедно со вашето дете. На пример, на еден лист има слика со куче, маче, крава, банана, јаболко и др. Дајте му ги на детето истите сликички но исечени и оставете го да ги нареди точно. Следете дали детето, додека ја извршува оваа активност е визуелно насочено кон истата. (погодно е за деца од над една година)

Претурајте вода од една во друга чаша со помош на лажица. Наместете ги чашите од левата и десната страна на детето и следете дали детето додека претура од полна во празна чаша ја следи активноста со својот вид. (погодно е за деца од над двегодишна возраст)

Игра со имитирање односно повторување. Се прави одредено движење и се бара од детето да го повтори истото движење. На пример може да посегнете по одредена играчка или да ја подигнете едната рака, па другата рака, итн Следете како детето ги извршува сите налози, дали гледа во вас додека му објаснувате и дали додека повторува го насочува погледот кон движењето на рацете. (погодно е за деца од над двеипол годишна возраст)

Игра по одреден редослед. Се редат одредени предмети и се бара од детето да го направи истото, потоа се менува тој редослед и се бара од детето да го направи истото. (погодно е за деца од над 4 годишна возраст)

Добрата координација помеѓу видот и моторното движење на раката е важна способност преку која, детето во иднина треба да го подобри своето самостојно функционирање и да ги подобри своите академски вештини.

Елена Трајческа дипл. специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]