Познатата модна новинарка и некогашна манекенка, Снежана Богдановска-Сани, и нејзиниот сопруг Љупчо Богдановски-Kљок се една од најпознатите скопски двојки кои беа заедно цели 45 години, сѐ додека неодамна, поточно, на 20 мај, не ја изгубија битката со подмолната болест на Кљок, кој почина само три дена пред својот 66.роденден.
Неговите сакани, Сани и Анастасија, најблиските другари и пријатели го одбележале роденденот на Кљок на неговото почивалиште, во негов стил, пуштајќи ги снимките со „Леб и сол“ на кои тој свири усна армоника. И, се разбира, со неговата омилена Касато торта која Сани му ја правела често, а последните години, поради болеста, во изменета и поздрава, веганска верзија.
Освен датумот на смртта, три дена пред неговиот роденден, Сани ни посочи и некои други совпаѓања, како што е нејзиниот јубилеен роденден на 28.јуни кој се поклопил со одбележувањето на 40 дена од смртта на Кљок и исто така бил одбележан со торта чии свеќички наместо да ги дува, Сани ги оставила да догорат до крајот. Одбележувањето на 6 месеци од смртта на Кљок, пак, се поклопува со нивната годишнина на брак кој почнал во далечната 1986.година, после полни 13 години врска.
Сани се обиде да ја раскаже накусо нивната долга љубовна и животна приказна која е интересна и сама по себе, но и како спомен на едни убави минати времиња.
Филмска приказна
„Нашиот почеток е погоден за филмска приказна. Јас на гости кај мојата братучетка, го здогледувам Кљок од балкон и се ‘треснувам’ од земја, како што бидува на тие години, и моите гостувања кај братучетка ми стануваат сѐ почести. Почнуваме да другаруваме со неговиот брат, па постојани јавувања со надеж дека тој ќе се јави….муабети …и договор за средба. Останатото е историја, семејна. И една реченица од првата средба – ќе рече: „Си нашло грнче капаче“.
Тој во Карпош 4, тазе вселен, инаку водњанец (горд), јас во Маџар Маало. Време кога нема автобуси по 22 часот, па ако го пропуштиш дежурниот ќе си одиш пеш, што неретко му се случуваше нему зашто нели треба прво мене да ме допрати до дома. Набрзо купи Томос моторче па сѐ е полесно.
И една анегдота од тоа време. Маџар Маало е тогаш сѐ уште населба на староседелци со традиционални манири. Задолжително е момците да му приредат „огнено крштевање“ на секој кој решил да дружи девојка од тука, како предупредување дека треба да биде сериозен. Ова го дознавам отпосле, бев многу лута зошто нив не ги ни познавав, ниту дознав кои се. За среќа, било тоа сцена која е повеќе заплашување отколку нешто сериозно“, раскажува Сани.
Во тоа време Кљок имал 21 година, а Сани неполни 16, тукушто тргната во Корчагин, па другарите го задевале дека ќе одговара за заведување малолетничка. Се среќавале после часови пред култната „Ванила“. Во сабота до 20 часот. Во саботите, во диско „Турист“ – од 10 до 12 претпладне. Додека надвор светнал ден, журкање и танго во пригушена атмосфера.
Од тогаш, полни 13 години рашетување на релација Карпош 4 – Маџар Маало. „Растење, созревање, чекање да се создат услови , факултет, смртта на нашите татковци во рок од три месеци… сѐ додека не ни здодеа и нам и на нашите и одлучуваме да официјализираме. А колку беше сериозно (несвесно) од самиот почеток веројатно зборува тоа што веднаш се запознавме со родителите, па и тој доаѓаше кај мене и јас кај него од самиот почеток. Моите велеа дека е добро што знаат со кого сум.
За првпат дојде кај мене на мојот роденден со најдобриот пријател, Ситна, и како што беа онака брадосани и со долги коси кога ги виде баба ми се прекрсти и рече: ‘Исус дојде’, се потсетува Сани.
Почетоците на ‘Леб и сол’ и заедничките авантури
„Моите гимназиски денови ќе поминат во знакот на „Леб и Сол“. Токму во тоа време тие почнуваат сериозно да газат на музичката сцена со првиот албум и со настапите. Како некој кој се движи во тие кругови Кљок спонтано станува дел од бекстејџ екипата на групата, а јас сведок на музичката историја и сите случувања на бендот.
Од првите концерти, промоцијата на првиот албум, култната јадранска турнеја со Џаро, но и со жените и девојките, кога Дики на Гаро испаѓа од комбе, за среќа без последици, и кадешто се зачнува Ирина, ќерката на Бодан.
Моите ќе имаат толку доверба што уште во гимназиски денови ќе ми дозволат да одам на концертите во Белград или Приштина, Црна Гора. А моите соученици, мојата срамежливост наспроти атрактивниот изглед ќе ја толкуваат како надменост и недопирливост поради дружбата со бендот. Комшиите ќе озборуваат со завист поради постојано паркираното комбе со натпис „Леб и Сол“ пред мојата куќа, кое тогаш постојано го возеше Кљок. Се разбира, сето ова го дознавам неколку децении подоцна“, раскажува Сани.
Како Кљок стана фризер за мажи и почетоците на култната фризерница
Кљок имаше исклучителен авантуристички дух и потреба од предизвици наспроти мене која постојано барав сигурна зона (сѐ додека животот не ме истурка во спротивен правец).
Фризерницата , наследена од татко му беше најголемата авантура и најголемиот предизвик во неговиот живот. По ненадејната смрт на неговиот татко останува прашањето, што понатаму со дуќанот. Кљок кој во основа има аверзија кон берберници, во најголема мера поради траумите од времето кога ве шишаат како што не сакате, башка од неговиот татко, преку пеглањето на бујните локни за часовите на училиште, па до бркање на милицијата само затоа што имате долга коса па ве сметаат за декаденција. Дотогаш ретко стапнува во дуќанот а камоли да пипне ножици во раце.
Но тогаш ја носи најхрабрата одлука во својот живот. Го превзема дуќанот, го подготвува неколку месеци креирајќи и изработувајки го секој детаљ сам (освен столиците) и го создава првиот фризерски салон за мажи.
Неугледното маалско дуќанче станува најмодерен, современ концепт на фризерница која повеќе личи на кафуле. Телевизори со МТV И FTV, еспресо и виски, двор со англиска трева и рок и џез музика…и луцидниот хумор и спонтаниот, оргинален однос и комуникација со луѓето на Кљок.
Култно место, свртувалиште на скопската елита. Иако не оди лесно, во меѓувреме ќе се покаже дека талентот сепак лежи во гените, па од тотално незнаење ќе дојде до моментот кога прв ќе го донесе трендот на ‘коцка фризура’, толку актуелен во светот во тоа време. И тоа на свој сопствен, уникатен начин, надвор од класичното занаетчиско знаење. Потоа, тоа ќе се покаже како новина во светски рамки. Ама најголема трема сепак имаше ако мораше мене да ме шиша. Секогаш бурно и напорно, ама и весело.
Градиште и Хард Рок, манекенството на Сани
Не помалку интересни се приказните со „Градиште“ и „Хард Рок“. Всушност, тие се случуваат во времето на развивање на приказната за фризерницата, и тие и беа и некаков генераторот на нејзината афирмација. Првото лето на „Градиште“ Кљок е менаџер и во исто време е и фризер на плажа усовршувајки го занаетот на спонтан и забавен начин, анимирајки ја атмосферата дополнително. Јас трудна, се излежувам и уживам, а тој спие едвај два-три часа , ама и ужива во сето тоа. Има постојана потреба од комуникација со луѓе па со истото темпо и активност ќе продолжи и првите сезони на „Хард Рок“. Во меѓувреме, јас сум, домаќинка, мајка и манекенка. Еднаш ќе рече: ‘Мислев дека се оженив со манекенка, а добив домакинка’, се смее Сани.
Инаку, Сани со манекенство започнува прилично доцна, за време на студиите.
„Иако сме постојано во тие кругови, а јас со жар за мода од раѓање, онака срамежлива и повлечена, со потсвесна желба, но и недоволна храброст, ќе посматрам од страна. Се разбира, Кљок иако работи на светло на многу ревии, ни на крај на умот не му е да ја турне својата девојка во тој оган. Но од судбината не се бега, па токму во моментот кога Марио Липша ја покренува иницијативата за оформување на професионална македонска манекенска екипа, ќе бидам препознаена и не само што ќе станам дел од култната манекенска екипа, туку и амбициозно се посветувам на подигање на дигнитетот на една дотогаш деградирана професија. На сцена излегува другата во мене, самоуверена, сугестивна и доминантна. На Кљок не му е сееедно, па иако не сака да признае во очите му се чита дека е горд. И затоа ќе биде брутално искрен, па иако мене не ми е сеедно, знам дека е издржано и неговата критика ќе биде пресудна во таа кариера, но и во сѐ останато што ќе го работам во животот. Неговите непогрешливи, луцидни коментари сѐ до крајот беа мотив за самоиспитување и контролирање на суетата, иако не секогаш го признавав тоа.
Ќе биде тоа период на згуснати случувања и нови почетоци. Нова професија, дуќан, брак…
Свадба во диско Метропол
Нивнат свадба се случила по цели 13 години врска, договорена набрзина во првиот слободен термин.
„Црвен венчален фустан (кој сама го изработив,заедно со бидермаерот) како симбол на љубов, покани за гостите во облик на карти за откупеното диско „Метропол“ (тогаш беше со карти со консумација). Тие збунети и љубопитни нема да знаат за што станува збор, но напоменато им е дека мора да дојдат. Журка која се памети, се разбира со фаци од шоубизнисот, музичари и манекени.
Анастасија, нашата ќерка доаѓа на свет следната година. Ненајавено, како дар од Господа, токму навреме. Јас целосно се посветувам на грижата за неа. Активностите околу манекенството, ревии, курсеви, организација, сето тоа е временски и енергетски совршено избалансирано, како и брачните и родителски задолженија. Никогаш немало дилема како тоа треба да изгледа и да се изведе. Иако многу време отсутен од дома својата задача на татковска фигура Кљок ќе ја исполни посветено, задоволно и попусливо. И факт е, родителството не направи подобри луѓе, во секоја смисла. Го извлече најдоброто од нас.
Парадоксално но вистинито, пред бракот бевме постојано заедно преку ден, од кога се земавме се гледавме само навечер и во недела на традиционалниот семеен ручек. Пред тоа излегуваме постојано, откако се роди Анастасија јас излегував само со конкретен повод не сакајќи да испуштам ништо од нејзиното растење.
Но затоа патувавме секогаш кога имавме можност за тоа, и тоа најчесто на негова иницијатива, некогаш авантуристички по негов мерак, некогаш конформистички по моја желба. Различни искуства, секое вредно за сеќавање.
Спротивности кои не се судираат туку се надополнуваат
Ние сме всушност елоквентен пример на спротивности кои се привлекуваат. Тој екстровертен, комуникативен, ‘народен’ човек. Јас затворена, воздржана. Тој тврдоглав, јас попустлива. Тој дарежлив, јас скржава. Тој гласен, јас тивка.Тој авантурист, јас конформист. Тој со луѓе, јас со книги. Јас креативна во својата оператива, тој оперативен во својата креатива. Но во суштина исти. Подеднакво емотивци кои се изразуваат на различен начин. Спротивности кои не се судираат туку се надополнуваат. Исти вкусови за музика , естетика, уметност, културен живот, животен стил (освен за храна последниве години кога јас радикално ја менувам исхраната). Исто вреднување на луѓето, нештата и животот.
Приказната ќе започне со моето растење и созревање со татковска грижа покрај него, а ќе заврши како моја мајчинска грижа за него. Последнава деценија милуваше да ме ословува со ‘мама’.
И во тие 45 години зеднички од во животот ќе биде сѐ, само здодевно не. Ќе има и подеми и падови и имање и немање, и солзи радосници и солзи тагувалки. Блескави и темни моменти. Предизвици и искушенија. Досегнати врвови и сите мачно извојувани битки, освен последната, најтешка, однапред изгубена …онаа со подмолната болест. Искуство најстрашно што некому може да му се случи и не би му го посакала ниту на најголемиот душман. Но тоа е посебна тема за посебен простор за која треба да се проговори и погласно и пообемно.
И веројатно секому му се потврдило тоа – во тешките моменти ви се покажуваат вистинските луѓе. Понекогаш ќе се изненадите од поддршката што ќе ја добиете од некој од кого не сте очекувале, а ќе се разочарате од некој на кого сте сметале. Но тоа е добар животен филтер. Многу луѓе минале низ нашите животи, но мојот брат и неколкумина бисери од пријатели се оние за кои знам дека секогаш ќе ме дофатат кога паѓам (е), но и кои вистински се радуваат кога се издигнувам(е).
Кљок беше еден од оние луѓе кои беспоштедно даваат и без остаток се раздаваат. Негова најголема доблест, но и најстрашна мана. Даденост која му го одбележа животот, но и смртта. Чувство по кое веројатно сите ќе го паметат.
И на крајот, сепак останува она – Сани на Кљок, многу ретко – Кљок на Сани“, ја завршува својата приказна Сани, иако, знаеме дека има уште многу за раскажување и за сеќавање.