Зошто моето дете не зборува?

Доколку имаме неразвиен говор кај дете кое има нормални интелeктуални способности и зачуван слух, тогаш зборуваме за алалија.

0
791

Децата кои немаат развиен говор и покрај тоа што се со нормални интелeктуални способности и зачуван слух, односно, имаат состојба позната како алалија изгледаат како незаинтересирани за говор, често се повлечени и плачливи и помалку дружељубиви.

Начинот на комуникација кај овие деца се сведува на гестови или со покажување кон одреден предмет, со цел да го добијат она што го сакаат или да задоволат некои лични потреби.

Постојат три типа на алалија, а тоа се: сензорна, моторна и сензо-моторна алалија.

Кај сензорната алалија, освен што детето не зборува, тоа и не ја разбира говорната порака која му е упатена и со самото тоа доаѓа до неадекватен развој на комуникацијата. Говорот од околината го слушаат како шум без да можат да издвојат одредени зборови или гласови.

Кај моторната алалија децата го разбираат говорот на околината, но е оштетена способноста за експресивен говор. Комуницираат преку гестови или кратки зборови кои најчесто се со неправилна артикулација.

Кај сензо-моторната алалија пак, има оштетување и на рецептивниот и на експресивниот говор.

Фактори кои доведуваат до алалија се: повреда на централниот нервен систем, болести на мајката во бременоста, инфекции, менингитис, епилептични напади, недоволна созреаност на централниот нервен систем, генетски фактори, аномалии на мозокот, и др.

Доколку мислите дека и Вашето дете има алалија, потребно е да се јавите на логопед, затоа што не е можна спонтана корекција на проблемот.

Благица Маркоска, клинички логопед-специјалист, Интеракција плус, Скопје

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]