Пелтечењето се дефинира како пореметување во ритамот и темпото на говорот и притоа се нарушува флуентноста во говорењето.
Постојат неколку типови на пелтечење кои се среќаваат во детската возраст, а тоа се: физиолошко пелтечење за кое се смета дека се појавува во периодот помеѓу втората и петтата година од животот на детето и потоа изминува, транзиторно или преодно пелтечење кое се појавува во одредени периоди како последица на некои стресогени и ненадејни настани и случувања, и абруптно пелтечење кое се појавува исто така ненадејно и акутно, како резултат на некоја психолошка напнатост и стрес, кое може да измине, но и повторно да се појави во некоја слична ситуација која на детето би му предизвикала стрес.
Пелтечењето може да биде проследено и со грчеви, во тој однос грчевите може да бидат: тонични-кога се присутни само на лицето и вилицата или тонично-клонични, кога грчевите се пренесуваат на целото тело.
Во однос на настанувањето на пелтечењето постојат неколку теории, а тоа се дека пелтечењето може да се поврзе со латерализацијата на хемисферите, односно кај деца кои паралелно ги користат двете хемисфери тоа може да доведе до своевидна конфузија во преносот на информации и кај детето да се појави пелтечењето. Понатаму, следува генетската теорија која вели дека сепак, пелтечењето има наследна компонента во своето појавување, но и не може со сигурност да се каже дека доколку пелтечел еден од родителите во детството, ќе пелтечи и нивното дете.
Една од психолошките теории пак, вели дека, всушност, лицата кои пелтечат имаат проблем со самите себеси и треба самите да одлучат дали сакаат да пелтечат или не. Праксата покажува дека во позадина на појавата на пелтечењето се кријат многу длабоки и психолошки причини и тоа најчесто се појавува кај деца кои се посензибилни и чувствителни по својата природа.
Во однос на третманот на пелтечењето се користат повеќе тераписки методи како што се: терапијата со продолжен говор, релаксирачките вежби за правилно дишење, опуштање и говорење говор во акција, даф метода, мануелна масажа при тонично-клоноични грчеви, свесната синтеза на развојот и други.
Она што е важно е дека третманот кај пелтечењето се одвива етапно и секој родител кога ќе забележи и најмала форма на пелтечење кај своето дете потребно е да побара помош од логопед, со цел пелтечењето да биде навремено и соодветно третирано.
Ана Петреска дипломиран логопед, М-р по специјална едукација и рехабилитација, Здружение Интеракција плус, Скопје
Фото: Pixabey