Короната ги сплоти семејствата, ама и ги раздели

Додека во светот животот се враќа во нормала, кај нас станува сѐ полудо. Нашите од странство чекаат по аеродромите, настрана, како криминалци, додека единствените позитивни ликови во приказнава, нашите дипломатски претставници во Софија, мака мачат да ги донесат тука. А кога конечно ќе се најдат во државен карантин, таму им бараат да си ги платат ПЦР тестовите - во кеш. Од каде им кеш на луѓе кои три месеци биле заробени во странство, а во меѓувреме не смеат да тркнат до банкомат?! Па секако, од добриот војник Швејк

0
1051

Додека од една страна, ширум светот, сѐ повеќе луѓе работат од дома, а децата, наместо во градинка, на училиште или на факултет, имаат онлајн настава, исто така од дома, па семејствата се посплотени од кога било досега, оние во кои некој од родителите е во секторите кои секојдневно мораат да бидат на своите работни места, особено, медицинските лица, речиси и не си ги гледаат децата, додека пак оние кои имаат деца во странство или пак сопрузи или сопруги кои ги чекаат да им се придружат некаде далеку во светот, се одвоени повеќе од кога и да е, и покрај сите технолошки можности и социјални мрежи.

Затоа што, едно е кога само од тебе зависи кога ќе бидеш со своите, а сосема друго кога тоа зависи од одлуките на државите – да ги отворат границите и да те пуштат да си дојдеш кај своите или пак да ги пуштат твоите да ти се придружат.

На пример, знам една жена со две деца чиј сопруг желно ги очекува да му се придружат во Холандија, а тоа е сѐ уште неизвесно. Македонија е сѐ уште во вонредна состојба! Имам другарка која летово планираше да дојде во родниот град и да ја види својата стара мајка, ама Македонија е сѐ уште во вонредна состојба! Имам пријатели чија ќерка треба да си дојде од Берлин, а нечиј син никако да стаса од Дубаи. Македонија е сѐ уште во вонредна состојба!

И додека во светот полека животот, колку толку се враќа во нормала, кај нас станува сѐ полудо и повонредно, далеку од извонредно.

Нашите јунаци во Софија – Александар Панев и Владимир Крстевски

Чекајќи ги нашите деца да си дојдат од Шпанија после цели три месеци, и можноста оние кои ќе дојдат со негативен ПЦР тест да си одат право дома – во домашна самоизолација, ние, нивните родители, си помисливме: налет сите пропаднати обиди и купени билети за летови со Визер кои никогаш не се реализираа. Си помисливме, добра беше и одлуката, иако постојано постоеше опцијата да си дојдат преку Софија, со оглед на тоа што децата се наоѓаа на 500 км од главните шпански центри, Барцелона и Мадрид и ништо не беше ниту сигурно ниту безбедно, сепак да не прават такви експерименти. И кога конечно се појави можноста на 6.јуни да се лета за Софија директно од Аликанте, градот кадешто се наоѓаа тие, си рековме, готово, ќе биде сѐ во ред.

Следуваа обидитe да закажат тестирање во Шпанија, знаете, и таму, како и кај нас, кога ви е итно, ова функционира главно преку врски. За жал, закажаното тестирање излезе дека било за брз тест, а не за оној кој го бараат кај нас, па одењето право дома во самоизолација стана невозможно. Меѓутоа, тоа што дотогаш ни изгледаше како главен проблем – тестирањето, стана спореден, бидејќи наеднаш стана неизвесно нивното доаѓање.

Зошто? Затоа што Македонија е сѐ уште во вонредна состојба, а епидемиолошката ситуација е толку лоша што нашата држава и нашите граѓани сите ги гледаат како закана за целиот регион.

Бугарија реши да ги затвори границите за македонските државјани без оглед од кој дел од светот доаѓаат. Во сето ова лудило кога нашите деца, но и многу други наши граѓани од секаде, спакувани и спремни конечно да си одат дома чекаа по аеродромите, наеднаш стана неизвесно дали сите тие, иако имаат уредно купени билети, ќе можат да влезат во авионите што треба да ги донесат во Софија.

Во сета таа неизвесност и лудило, најголемо и најубаво изненадување беa македонскиот конзул во Софија, Александар Панев и неговиот колега, дипломатот Владимир Крстевски. Не ги познаваме лично, но со нив разменивме толку повици и пораки колку што не разменуваме со најблиските за цел месец и знаете што, тие буквално ниту спиеја ниту јадеа…се обидуваа да го решат проблемот на нашите, но и на многу други Македонци кои преку софискиот аеродром се надеваа конечно да стасаат дома.

Можете само да замислите со колку многу луѓе комуницирале овие денови и на колку од нив успеале да им помогнат и да им го решат проблемот – а на колку, за жал, и не успеале, од едноставна причина што и физички не биле во можност да го сторат тоа.

Имено, додека нашите деца стоеле тргнати настрана на аеродромот во Аликанте, како криминалци, бидејќи не им дозволувале да влезат во авионот за кој си имаа уредно купени билети, ама за белја, и македонски пасоши, токму нашиот конзул во Софија лично ја среди работава. Во директна комуникација со директорот на Визер, тој успеа да издејствува тие сепак да се качат на овој лет. И знаете што, следниот ден, уште наутро, се јави да праша дали стасале. Како и господин Крстевски кој се потруди да ни обезбеди дури и информации за сите опции за ПЦР тестирање, нешто што воопшто и не е во доменот на неговата работа.

И не, навистина не се познаваме лично, ниту пак тие ни побараа нешто за возврат!

Бесмислени мерки-немерки

Децата слетаа на софискиот аеродром кадешто нивните имиња веќе биле на листата на оние кои треба да бидат пропуштени. А оттаму, по веќе утврдената шема, такси, па возење до македонската граница на Деве Баир.

За целата бесмисленост на карантинот кој следува после сето ова, доволно зборува тоа што откако поминале 3 часа во полн авион во кој не се почитувале правилата за социјална дистанца, се прошетале низ аеродромот, се возеле во такси, застанале да си купат храна од бензинска станица, и конечно, чекале 6 часа на македонска граница заедно со сите други македонски граѓани кои од различни страни на светот преку Софија стасале дотаму, да дојде автобусот кој потоа, сите заедно, ќе ги однесе во државен карантин. Но и тоа не е се. Oд Деве Баир се возеле до граничниот премин Табановце, кадешто требало да соберат уште луѓе. Иако тргнале во 9 ипол наутро, стасале во државен карантин – дури во 16 часот.

Мислите дека, не дај Боже, ако имаа вирус, немаше на овој начин да го разнесат насекаде?! Па дури и на кутриот шофер на автобусот кој се одвоил од патниците – со црни вреќи за ѓубре…

И на крајот, во хотелот – конечно, сѐ е добро. Тушеви, кревети, чиста постелнина, чиста соба, тераса со поглед, …

Но на небулозите им нема крај.

Карантинот, тестовите и добриот војник Швејк

Откако во нивната соба, вториот ден од нивниот престој во хотелот, ги тестирале и им зеле брис, им побарале да платат во кеш – за тројца вкупно 9 илјади денари. Можете да замислите? Бараат кеш од луѓе кои три месеци престојувале во Шпанија, а во меѓувреме, во Македонија, не можат да претрчаат до банкомат, нели? А со оглед на тоа што се сместени во карантин во друг град, а не во тој кадешто живеат, нема ниту кој да претрча и да плати наместо нив.

Но, сепак, не е сѐ толку црно. И тука има едно убаво изненадување и уште еден незнаен јунак – добриот војник Швејк кој се понудил да им ги плати тестовите. Војникот што ги чува, тој што стои пред нивната врата. Просто неверојатно некој во денешно време да има случајно во џебот 9 илјади денари, нели?

Великодушно плаќајќи им ги тестовите, добриот војник Швејк им рекол:

„Бидете здрави и живи, ќе ми ги уплатите парите на сметка, нема кај да бегате“!

И навистина…каде ќе бегаат?

Епилог

И така, додека светот се справува со вирусот, ние си играме играчки, нешто како Монопол, но најчесто завршуваме во затвор, односно, во карантин. Бесмислен до даска.

Не верувам дека се виновни граѓаните – па нашите соседи не се ниту Швеѓани, ниту Данци, туку Срби, Бугари, Албанци, …и сите се во подобра ситуација од нас!

Виновни се здравствените власти, виновни се оние што ги планираат сите овие бесмислени мерки, мерки без никаков ефект!

А децата? Децата се тука, дали ќе си дојдат дома утре, задутре или по една недела, веќе не е ни важно. Важно е да се негативни. А важно е да се негативни и сите оние кои биле со нив во изминатите 12 часа, по граничните премини, во автобусот,…

Важно е и да се намалат бројките на позитивни на корона вирус во целава држава, а потоа, важно е и воопшто веќе да ги нема. Важно е бројката на новозаболени да биде 0, а не 100, важно е да го победиме вирусот!

Ама… кај нас од ова нема никаков абер, ниту пак му се гледа крајот!

Многу семејства уште долго ќе бидат разделени…

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]