Како да ги подготвите вашите деца за пишување?

Графомоторните линии се темелот на нашите пишани знаци, односно буквите. Добро е доколку детето исполнува одредени параметри, да се почне со нивното пишување на тригодишна возрастПреку нив детето учи за просторот на листот на кој треба да пишува, за насоченоста, концентрацијата, вниманието, воочувањето на деталите и секако можноста за правилно и читко пишување на буквите.

0
302

Пишувањето е личен печат на секоја индивидуа, не постојат две личности кои имаат ист стил и начин на пишување. Со правилното пишување се овозможува и правилно учење.

Графомоторните линии се темелот на нашите пишани знаци, односно буквите. Преку нив детето учи за просторот на листот на кој треба да пишува, за насоченоста, концентрацијата, вниманието, воочувањето на деталите и секако можноста за правилно и читко пишување на буквите.

Пред да се почне со пишувањето на графомоторните линии кај детето од тригодишна возраст, потребно е да се исполнети следниве параметри:

– Детето да ја има откриено доминантната рака, односно во пишувањето да користи само една рака.

– Детето треба да има развиена координација око-рака.

– Треба да има развиено добра постуралност и држење на телото.

– Да има развиена контрола на својата рака.

– Да има соодветно држење на моливот со прстите, кој одговара на таа возраст.

Кај децата на оваа возраст се започнува со пишување на едноставни линии, најпрво му се демонстрира и помага на детото со нашата рака додека ги пишува тие линии. Линиите се вметнуваат во најразлични активности, при што се креира игра и се поврзуваат линиите со некое движење.

На пример, коси линии кои изглеаат како капки од дожд, итн.

Добро е да се користи тертатка во голем формат без линии. Исто така е добро да се користат подебели боички за детето полесно да може да ги држи со раката. Најдобро е прво да се вежбаат едноставните прави линии, такашто детето со наша помош ќе ги следи испрекинатите линии кои сме ги напишале за полесно да може да го совлада пишувањето на тие линии.

Се пишуаат пократки линии за кои е потребно детето да изведе пократки движења со раката. Потоа се преминува со пишување на коси линии. Особено е важно детето да го следи правецот на движење на овие линии, затоа што со тие прави, коси и закривени линии се составени буквите, па следењето на правецот на овие линии ќе му овозможи на детето во иднина правилно да ги пишува буквите.

Откако ќе се извежбаат линиите со покрако движење на раката, се преминува на подолги линии кои детето би требало самостојно да ги следи. Може да се додаде некоја цел на крајот од линијата која е напишана со испрекинати линии. На пример, на почетокот на линијата може да се нацрта маче кое ќе се движи по линијата која го претставува патот по кој мачето ќе се движи за да дојде до млекото кое е нацртано на десната страна од линијата.

Една од активностите на детето може да биде поврзување на две точки кои се наоѓаат на одредено растојание. Тука не треба да има испрекинати линии, што значи дека од детето се очекува веќе да знае да ги поврзе точките и да одржува права линија.

На почетокот растојанието помеѓу точките треба да е помало, а потоа откако е тоа извежбано се зголемува растојанието помеѓу двете точки.

Откако овие линии ќе бидат извежбани и совладани од страна на детето, од него се бара да напише посложени форми како што е „Х“ и „круг“. Најпрво му се демонстрира на детето како се пишуваат тие форми и потоа детето самостојно треба да ги пишува со следење на правецот на движење додека пишува.

Ако детето има потешкотии треба да му се помогне. Пишувањето не мора задолжително да се изведува на лист хартија со помош на боички или молив, може да се изведува и на сензорен материјал (пример, на ориз, на кој детето ги пишува линиите со помош на својот прст), со помош на шаблони, итн.

Елена Трајческа, дипл. специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје

[better-ads type='banner' banner='999' ]