Големи иновации и нови извори на заработка често се појавуваат при секоја драстична промена во индустријата и во општеството. Но во кој момент сме приморани да ја преиспитаме моралноста на целата приказна?
Можеби е тоа моментот кога вашето тригодишно дете инсистира сите да носите маски, дури и кога седите дома. Едноставно, детето се навикнало периодов да ве гледа со маска вас, неговите родители, па заклучило дека така повеќе му се допаѓате, а и самиот се чувствува подобро ако на лицето носи маска.
„На почеток не можевме да го убедиме да носи маска кога излегувавме да го прошетаме, ама потоа толку се навикна што му стана интересно па сега не тера да ги ставаме маските и кога сме дома“, раскажува Бојана, мајка на тригодишно дете.
Е сега, со оглед на најавата дека не очекува долг период на носење на маски, којзнае, можеби и засекогаш, изгледа дека новите генерации нема никогаш повеќе да ги симнат маските од своите лица. Можеби ќе почнат да се чувствуваат толку удобно со нив, што и самите ќе си ги заборават своите лица.
Сведоци сме дека заштитната маска периодов стана едно од најбараните „модни“ парчиња и нов извор на заработка во кој нејзината реална цена нема баш никаква врска со нејзината вистинска вредност.
Веќе слушам како родителите на поголеми деца и на тинејџери се жалат дека децата им бараат некоја специјална маска каква што носел некој од нивното друштво, чии родители му ја нарачале преку интернет за неколку стотици долари. Ако не можат да им нарачаат баш таква, тогаш барем некоја малку поинтересна од оние што досега им ги шиеја мајките и бабите од своите стари фустани и марами.
Некогаш носењето на заштитна маска во овој дел од светот беше глетка резервирана само за туристите, најчесто оние од Азија кои имавме можност да ги гледаме како уживаат шетајќи низ нашата метропола со маски на лицето. Исто така, маските се носеа и во периодот на најголемата загаденост на воздухот, но со појавата на пандемијата, заштитната маска стана скапоцен предмет чија цена скокна толку многу што некои власти ширум светот беа приморани да ги казнуваат оние кои одлучија да ја искористат глобалната катастрофа за да заработат набрзина.
Ситуацијата донекаде се смири откако извесно време бевме уверувани дека маските не се ефикасни во заштитата од вируси, за денеска токму тие да станат главно заштитно средство и клучна премиса на секое ново „нормално“ општествено движење.
Затоа, глобална препорака е да се носи заштитна маска на лицето при секое излегување од удобноста на својот дом. За научната основаност на оваа препорака и постоечките полемики околу истите, не би навлегувале во детали, факт е дека заштитните (!) маски станаа дел од нашата нова стварност. Но дали сте подготвени за истото да издвоите и до неколку стотици, па дури и илјада долари?
Сигурно забележавте како обвинителката Вилма Русковска која досега пред камерите се појавуваше во модни комбинации кои речиси секогаш беа усогласени со изборот на нејзината шапка, сега го прави истото со заштитните маски?
А кога веќе возрасните толку лесно влегоа во филмот на менување на маските во зависност од останатиот аутфит, што останува за децата и тинејџерите?
Модните куќи почнаа да ги претставуваат своите модни колекции, а дел од нив се и заштитните маски.
Сепак, социолошки гледано, носењето на маски е дел од човековата историја, како функционален објект, но и како статусен симбол.
За поновата историја, симболичното носење маски беше резервирано за оние кои сакаа да го скријат својот идентитет и истовремено да испратат некоја порака па најчесто можевме да ги гледаме на разни протести, како на пример на оние за подигање на свеста за глобалното затопување.
Покривањето на лицето е дел од некои култури, сетете се на бурките кои последните години предизвикуваа многу контроверзи, но беа и сѐ почести во модната индустрија.
Последниве неколку месеци таа иста маска се покажа како нужно парче кое првенствено, мораме да го имаме и да го носиме од здравствени, односно од превентивни причини, но неизбежен е и фактот дека уште сега служи и како статусен моден симбол.
Модата никогаш не запира и е суштински дел од човештвото, па и појавата на маските како клучни модни додатоци во колекциите на познатите брендови не е воопшто изненадувачки. Да се зборува за цените на истите станува речиси банално, ако тоа парче сега стои рамо до рамо со некоја култна луксузна чанта или чевли. И исто како што некои можат и многумина не можат да си дозволат такви луксузни модни додатоци, така и некои ќе можат и ќе сакаат да издвојат неколку стотици долари за маска.
Моралот никогаш не бил премиса на модниот систем, ниту функционира според принципите на логичкото расудување.
Значи, не се изненадувајте ако вашиот тинејџер уште денеска ви побара некоја нелогична сума пари за да си купи маска каква што носи некој негов другар или другарка. Особено сега, откако се укина полицискиот час па можат да се шетаат со својата маска и повеќе и подолго.
И не се изненадувајте ако ви каже дека би требало да има барем седум различни за секој ден од неделата. Се разбира, од здравствени и превентивни причини.
Фото: Pexels