Фината моторика претставува серија на координирани движења на коските и мускулите на шаката, особено на прстите, за извршивање на мали прецизни движења.
Фината моторика е поврзана со око-рака координацијата. Око-рака координацијата ја претставува можноста на раката и прстите правилно да ја исполнат задачата која ја следиме со погледот.
Фината моторика е неопходна за изведување на безброј секојдневни активности на детето кои возрасните ги изведуваат со леснотија. Кај децата е важно од раѓането па се до предшколска возраст да се поттикнува и вежба фината моторика преку игри кои ќе бидат интересни за детето.
Кај помалите деца фината моторика се развива преку активности кои децата ги изведуваат, а тоа се дофаќање на играчки, фрлање и фаќање на топка, преместување на играчката од една рака во друга, итн.
Фината моторика е важна за детето понатаму самостојно да ги извршува практичните активности како што се правилно користење на прибор за јадење, отворање и затворање на шише, откопчување и закопчување на копчина и патент од јакна, врзување на врвки од патики итн.
Со развојот на фината моторика се олеснува понатамошната активност која ќе се бара од детето, а тоа е пишувањето.
Некои од активностите за развој на фината моторика кај децата, се: нижење на перли, одлепување и лепење на стикери, редење на коцки, работа со пластелин, ставање на топчиња во различна боја во одреден сад со помош на штипка (при што се учат и боите), итн.
Елена Трајческа Дипл. Специјален едукатор и рехабилитатор