Дали вашето дете има дислалија?

Најчесто станува збор за неправилно изговорени гласови во групата на сигматизмот, состојба кадешто има неправилности во изговорот на гласовите с,ц,ѕ,з, ж,ќ,ѓ,ш,ч,џ. Сигматизмот најчесто се јавува во вид на омисија односно испуштање на гласот, како и замена односно супституција на гласот со друг глас, како и неправилна артикулација на гласот „л“ и гласот „р“ некаде во периодот меѓу 5-та и 6-та година.

0
584

Кога малите деца ги мешаат буквите како с, з и ш, на пример, велиме дека тие ‘шушкаат’. Ако и вашето дете спаѓа во оваа група на деца, тогаш да, тоа има дислалија.

Дислалијата како состојба претставува неправилен изговор на повеќе гласови, таа може да се појави во три облици, односно еден глас да биде во омисија, субституција и дисторзија.

Дислалијата вообичаено се појавува во периодот од 4-та до 6-та година од животот на детето, затоа што во овој периодот гласовите веќе активно се формираат а, некој од нив се веќе оформени. Па затоа и можат да се забележат облици на неправилна артикулација на одредена група на гласови.

Кога станува збор за дислалијата најчесто неправилно изговорени гласови се гласовите со групата на сигматизмот како што се „с“, „з“, „ш“, „ж“, „ч“, „џ“, „ц“, „ѕ„, како и неправилна артикулација на гласот „л“ и гласот „р“ некаде во периодот меѓу 5-та и 6-та година.

Откако родителите ќе забележат одредена неправилна артикулација не некој од гласовите треба да се обратат кај логопед за да се направи логопедски преглед и проценка на говорот на детето.

Логопедските вежби за надминување на дислалијата како проблем се спроведуваат такашто се прави корективен третман за секој глас или група на гласови, при што на детето му се покажува и мануелно и визуелно како треба да ги постави органите за артикулација за да може правилно да изговори одреден глас.

За таа цел во текот на логопедските третмани се користи логопедското огледало и сондите кои можат да помогнат при изговарањето на одреден глас, како и верботоналниот/аудитивен метод кој помага во подобрување на аудитивната перцепција при изговарањето на гласовите.

Она што е важно во процесот на надминување на говорно-јазичните потешкотии е да се направи навремена посета кај логопед, со цел да не се испушти раниот развоен период на детето во кој може најмногу да се направи.

Ана Петреска, дипл. логопед, М-р по специјална едукација и рехабилитација

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]