Новиот коронавирус во голема мера го промени животот а рестриктивните мерки во борбата против пандемијата предизвикаа промени во нашето секојдневие. Изолираноста, неможноста за физички контакт со пријателите, затвореноста во домовите и забраната за движење, подеднакво влијаат на сите старосни групи. Промената во дневните рутински активности особено ја чувствуваат најмалите но посебен предизвик е за децата со хиперактивно однесување.
Имено, хиперактивните деца се многу сензитивни и потешко ги прифаќаат промените во нивното опкружување. Во новонастанатата ситуација нивните реакции можат да бидат драматични и да ја отежнат адаптацијата. Ова е вистински предизвик за родителите во напорите за поддршка на децата во вакви изменети услови на живеење.
Еве само неколку совети како полесно да се надмине оваа криза, како да се организира времето за извршување на домашните задачи, за игра, за одмор и за заеднички активности, сѐ со цел да се намали притисокот и порелаксирано да се помине времето дома.
Бидете реалистични кога ги правите плановите, и доследни кога ги реализирате. Не се обесхрабрувајте доколку наидете на неуспех – промените не се лесни за децата и потребно е време за да се прилагодат на нив. За крај, верувајте во вашите деца – тие можат да научат да се променат, да созреат и да успеат.
– Воспоставете флексибилна рутина. Структурата прави децата да се чувствуваат сигурно и безбедно, а во овој период тоа е особено важно. Направете распоред со дневни активности во ограничени интервали и придржувајте се до нив. Во планирањето бидете реалистични и флексибилни, определете го времето кога децата треба да станат од кревет, да јадат или да легнуваат навечер. За децата кои учат од дома, направете домашен распоред и помогнете им да го следат. Секако, за да направите структура која функционира, морате да работите заедно со нив!
– Определете време за пауза. Одморот за децата е важен исто толку колку и извршувањето на рутинските активности. Оставете простор во кој детето ќе го прави она што го сака, но не заборавајте претходно да поставите правила за безбедно однесување. Дозволете им на децата да ја потрошат насобраната енергија и додека се дома определете место каде што можат да играат со топка, дозволете им да скокаат на кревет (доколку е изводливо), или да играат на гласна музика.
– Внесете новина во вашето секојдневие. Со оглед на тоа што во периодот најголем дел од времето поминувате дома, внесете активности кои ќе бидат забавни за вас и за вашите деца. Ограничете го времето поминато на телефон и компјутер, и наместо тоа гответе заедно, набавете сложувалка од повеќе делови и сложувајте ја, вежбајте, цртајте, решавајте крстозбор, правете фигури од пластелин или тесто…
– Бидете конзистентни во родителството. Структурата и рутината се важни и во родителството. Ставовите на родителите треба да бидат усогласени, во спротивно му испраќаат двојни пораки на детето кои можат да бидат контрадикторни, збунувачки, и да резултираат со непосакувано однесување. Исто така, не се штедете кога станува збор за пофалби и охрабрување, на секое дете му се повеќе од потребни!
– Користете го вниманието како мотивација и награда. Кога сите членови на семејството се дома, децата постојано сакаат да бидат во фокусот на вниманието на родителите. Ова може да биде посебен предизвик за родителите кои од домот ги извршуваат работните обврски. Затоа, потребно е децата да се охрабруваат да ги извршат самостојно оние задачи кои можат, а по завршување на истите да имаат време кое го поминуваат во заеднички активности со родителите.
– Бидете присутни. Додека сте вклучени во активности со детето, насочете го целосно вашето внимание таму. Избегнувајте да гледате во телевизорот или во вашиот телефон во времето кое сте одлучиле да го посветите на вашето дете.
(Пишува проф. д-р Диана Белевска, психолог и психотерапевт)
Фото: Pexels