Како играњето со кукли влијае врз развојот на момчињата?

Вашиот син најмногу сака да си игра со кукли и ви бара да му ги налакирате ноктите? Иако не сакате да бидете старомодни и исклучиви, можеби сепак се прашувате дали да го поддржите ова и дали тоа ќе влијае врз развојот на неговата сексуална ориентација?

0
218

Кога размислуваме за подароци за децата, за родендените или за некои празници кога традиционално на децата им се купуваат играчки, можеме да се најдеме во дилема доколку нашето дете посака играчка „наменета за другиот пол“. И додека на девојчињата некако сме склони кон тоа да им дозволиме да си играат со автомобилчиња и камиони, често е многу поголем проблем ако интересот на момчињата се врти околу куклите, розевата боја и лаковите за нокти.

Тогаш се соочуваме со прашањата: Дали е во ред што мојот син сака да игра со кукли? Што значи ова за неговиот развој? Дали треба да му забранам? Дали тоа ќе влијае на развојот на неговата сексуална ориентација? И, тоа може да биде проследено со поголема или помала збунетост или загриженост на возрасните.

Играчки за девојчиња и играчки за момчиња

Кога ја набљудуваме детската игра и изборот на играчки за девојчињата и за момчињата, гледаме многу јасна родова поделба. Во продавниците има јасно поделени полици – камиони, автомобили, суперхерои за момчиња; кукли и реквизити за домаќинство за девојчиња; сина за момчињата, сите нијанси на розова боја – за девојчињата.

Навистина, кога ја гледаме играта на девојчињата и момчињата, генерално, можеме да ги видиме разликите – играта на девојчиња е помирна, обично се фокусира на изразување блискост и чувствителност, а преовладуваат игрите со кукли, игрите со улоги, споделувањето на чувства. Во просек, игрите на момчињата се проследени со повисоко ниво на енергија, се играат во поголеми групи, а играта вклучува активни и физички игри, бркање, игри со суперхерои, војување и натпреварувачки спортови. Но, многу девојчиња и момчиња сакаат да ги играат сите игри или ги преферираат оние „за спротивниот пол“. Дали е тоа добро за нив и дали треба да им го дозволиме тоа?

Иако разликите во играта на девојчињата и момчињата се комбинација од биолошки тенденции и силен социјален притисок што е соодветно за секој пол, поделбата на играчките на женски и машки во целост е наметната од нашите очекувања и родови стереотипи, т.е. она што сме одлучиле или научиле дека е прикладно за одреден пол. А тоа воопшто не мора да ѝ одговара на вистината. Но, ако им дадеме на децата шанса, без да ги пренесуваме нашите очекувања или забрани, ќе видиме дека девојчињата ќе си играат со коцки, автомобили и суперхерои, а момчињата со кукли, со готвење на ручек и, на пример, фризери.

Истражувањата и практиката покажуваат дека не само што употребата на разновидни играчки и играчки наменети за другиот пол нема никаква врска со негативното влијание врз развојот, туку и многу придонесува. Така, научните студии (д-р Елизабет Свит, Универзитетот од Калифорнија) потврдуваат дека оваа вештачка поделба на играчките на машки и женски ќе ги ограничи децата во нивната игра, а со тоа ќе се ограничи и развојот на вештини, интереси и таленти што децата ги развиваат преку игра. Исто така, очекувањата засновани врз полот (или која било друга карактеристика) и нашите притисоци да се однесуваме кон децата така како што би требало, многу силно дејствуваат врз нив и ги обликуваат и честопати имаат многу негативни последици.

Зошто е добро момчињата да си играат со кукли?

Иако играта изгледа како нешто банално, станува збор за биолошки инстинкт што се јавува кај сите деца со нормален развој и е главен начин на учење и комуникација со детето. А тоа можеме да го поддржиме со обезбедување широк спектар на играчки и спонтан избор на детето. И играњето со кукли, како за девојчињата така и за момчињата, овозможува многу работи:

  • се развива фина моторика (манипулација со кукли, облекување…)
  • создавањето приказни со куклите развива симболична игра која е исклучително важна за целокупниот развој, вклучително и за интелигенцијата, развој на говор, начин на изразување на чувства и решавање на проблемите
  • соработката со другите деца во оваа игра придонесува за развој на социјални вештини, вештини за преговарање, решавање на конфликти…
  • темите за нега и за грижа што се развиваат во оваа игра, ги учат нашите деца, без разлика дали се девојчиња или момчиња, како да се биде емпатичен и грижлив во реалниот живот
  • играта на момчињата со кукли не предизвикува промена во сексуалната ориентација на детето, но го поттикнува целокупниот развој.

Со нејзино контролирање или забранување, ги намалуваме можностите за учење, што може негативно да влијае на генералниот развој, односот помеѓу детето и родителите, како и создавање емоционална несигурност. Имено, со оглед на тоа што играта е примарен начин на кој децата се изразуваат, контролирајќи го или ограничувајќи го начинот на кој играат, е исто како да се обидувате да му „заповедате“ на возрасен што да размислува и што да каже. Од друга страна, на тој начин излегува дека не го прифаќаме детето такво какво што е. А токму родителското прифаќање и начинот на кој го покажуваат тоа, станува сликата на детето за самото себе и дел од неговиот идентитет.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]