Според Светската здравствена организација, во секојдневјето на децата треба да бидат вклучени најмалку 60 минути умерена до интензивна физичка активност.
Затоа ви претставуваме неколку „заборавени“ игри по кои можете да посегнете овие денови, а доколку немате своја градина или тераса, сите тие можат да се прилагодат и на затворен простор.
- Лов на богатство
Потрагата по „богатство“ е, за многумина, една од омилените игри затоа што обединува во себе физичко движење, но и размислување и заклучување.
Затоа, нацртајте карта на својата градина или стан, означете ги основните точки за полесно снаоѓање, а потоа означете ги и местата со „скриените траги“. Сето тоа може да води до едно место на кое ќе ги чека „богатство“.
На пример, тоа „богатство“ можат да бидат некои слатки или хартивчиња на кои ќе бидат испишани идните активности во денот или пак она што ќе направите откако ќе помине изолацијата. На шарени хартивчиња можете да напишете пораки како што се: одење на сладолед, прошетка во шума, дополнителни 15 минути игри со пријателите и слично – сето она што вие и тие едвај го чекате.
- Трка во вреќи
Се сеќавате ли на оваа игра – трки во вреќи? Зошто да не му го покажете ова и на вашето дете. Ако немате дома платнени или вреќи од јута, можете да користите и пластични кеси, само притоа внимавајте површината по која се скока да не е лизгава. Одредете ја стартната и крајната линија и започнете ја трката. Тоа е нешто што детето засекогаш ќе го помни.
- „Квидич“
Ако вашето дете е љубител на Хари Потер, тогаш тој сигурно знае еден многу посебен спорт со посебни правила – квидич!
Речиси сè што ви треба за оваа игра веќе имате дома. Пронајдете хула-хоп обрачи и со лента прицврстете ги на подот или тревата (ако сте поспретни, можете да направите и дрвена сталажа за хула-хоп од вишок стари даски или стари рачки од метли), побарајте топки и ете. Со малку време и креативност во вашиот двор или стан, можете да направите вистински мал натпревар за волшебници.
И да, не заборавајте да ја вклучите вашата фантазија и да замислите дека имате и „Nimbus 2000“.
- Куглање
И покрај тоа што не можеме да кугламе деновиве, тоа не значи дека не можеме да направиме мала куглана во дворот или во кој било агол на станот. Сè што ви треба се неколку празни пластични шишиња и една топка. Ставете ги шишињата во триаголник, земете каква било топка (за тоа ќе послужи сè, од тениска до топка за одбојка) и започнете со собирање на турнатите „шишиња“.
- Полигон
Зошто да не го претворите целиот двор, тераса или соба во вистинско мало спортско игралиште? Потсетете се како изгледаше порано на вашите часови по физичко и направете препреки користејќи го она што веќе го имате дома – играчки, лепливи ленти, топки, коцки.
Игрите нека почнат!
Фото: Pixabey