Катарина Ивановска: Карантинот во Маврово лесно се издржува  

„Пред три недели дојдовме во Маврово и тука е сѐ полесно. Олеснителна околност е дворот. Вања постојано работи во гаражата со татко му, а Кира спие во количка на чист воздух“, вели нашата најуспешната топ моделка и манекенка, која ни ја откри и новата апликација со која можете да ги анимирате своите деца и да се забавувате со виртуелен миленик, па дури и со тигар

0
3517

Најпознатата и најуспешна македонска топ моделка и манекенка Катарина Ивановска со сопругот Цобе и нивните деца Вања и Кира пред три недели заминале во својата викендичка во Маврово кадешто деновите поминати во карантин им поминуваат многу побрзо и поисполнето.

„Три недели сме во Маврово и конечно го дочекавме сонцето. Морам да признаам дека целиот овој карантин многу брзо ми поминува и воопшто не го гледам како страшна и депресивна работа. Што се мора, не е тешко.

Цобе не работи, такашто и двајцата сме дома со децата па не ни треба помош од никој. Олеснителна околност е дворот. Вања постојано работи во гаражата со татко му, а Кира спие во количка на чист воздух.

Секој ден смислуваме различни игри, боиме со боички, правиме маски, си играме со колички. На Вања му фалат другарчињата од градинка, но успеваме и ние дома да направиме да му биде убаво и квалитетно исполнето времето.  Гледаме ‘Бушава азбука’, ‘Петко’, ‘Дајте музика’, си играме и пееме секој ден. Со нашите родители се гледаме еднаш неделно, на моите им носиме храна и сѐ друго што им е потребно наизменично со сестра ми.

Сепак, ми недостасуваат моите пријатели со кои сега се гледаме само преку вибер, ми недостасува да ги гушнам, ми недостасуваат долгите  прошетки со Кира во парк. Ама ги слушаме препораките од Министерството за здравство и не се гледаме со никого.

И да, ова не е обичен грип, и не се заразуваат само постарите лица туку секој може да биде негова жртва. Но мора да  бидеме позитивни и со позитивна мисла заеднички да ја победиме пандемијата. Да не читаме лажни вести и да не си ја полниме главата со секакви информации. Да останеме дома, да носиме заштитни маски и ракавици кога одиме во маркет, во банка или слично и да се придржуваме кон препораките на Владата.

Јас ја користам оваа можност преку вашиот портал да им се заблагодарам на сите здравствени работници кои се во првите борбени редови. Тука се и продавачите, касиерките, шоферите, таксистите, банкарите, полицајците, војниците, сите оние кои работат за нас, а ние едноставно треба само да седнеме на нашите каучи и да бидеме трпеливи и совесни. Како и да е, сега имаме повеќе време да размислиме и да сфатиме дека природата ни треба нас, а не ние нејзе“, порачува Кики.

Таа ни ја испрати и оваа интересна фотографија со нејзиниот виртуелен домашен миленик, господинот тигар и ни кажа дека понекогаш со децата се забавуваат и со помош на оваа апликација.

„Ова е супер идеја за да ги анимираме децата дома. Ќе искуцате на гугл се куца некое животно и ќе стиснете на опцијата ‘view3D’ и животното ќе се појави како холограм на екранот, а на тој што се фотографира со ова виртуелно животно му давате инструкции како да се намести за да изгледа фотографијата поверодостојно“, ни објасни Кики која очигледно и самата добро се забавува со оваа апликација.

[better-ads type='banner' banner='999' ]