Со оглед на актуелната состојба во државата и во светот, и Театарот за деца и младинци кој минатиот месец одбележа 3 децении од своето постоење, не функционира. Сепак, децата и нивните родители можат да уживаат во претставите и во креациите на актерите од овој ансамбл, бидејќи на Македонската телевизија се репризираат дел од нивните претстави.
А овие репризи, вели Изабела Новотни, инаку, една од двајцата првовработени во овој театар, пред цели 27 години, со изминатите години, па и децении, не ја губат својата актуелност.
„А ако прашате зошто, затоа што доаѓаат нови и нови генерации, а родителите им објаснуваат на децата дека ја гледале истата таа претстава кога и тие биле мали. Но, да најавам дека покрај постарите, ќе се даваат и дел од поновите претстави“, најавува нашата соговорничка.
Изабела вели дека во ова време на пандемија, кога веќе не е сигурна и кој ден сме во неделата, се прашува себеси кога била последен пат во театар.
„Деновиве одат невообичаено бавно, ми недостига мојот секојдневен ритам на проби и претстави иако последната претстава која се играше и не беше толку одамна, на 6. март. Гледајќи од оваа перспектива, се чини како да беше многу одамна. Точно е дека ми недостасува театарот, пробите, претставите и контактот со публиката. Но, сега е времето на корона, таа ги затвори портите на театарот но само заради една работа, за да ги заштитиме децата и возрасните, за утре да продолжиме таму кадешто застанавме. А посакувам да се вратиме со уште една научена лекција, сега подисциплинирани, хумани, внимателни и сплотени…. Кога сцената ќе се врати на Голема Сцена, посакувам сите да се вратат со поголем респект кон оние што се пред и зад завесата, кои пак од своја страна ќе го дадат својот максимум во својата театарска мисија“, порачува Изабела.
Ја прашавме како во оваа ситуација функционираат таа и нејзиното семејство, нејзините колеги, пријатели и роднини.
„Сега сме и ние како и сите останати граѓани, затечени во оваа состојба. Сето ова како малку да не освести и не потсети дека здравјето е на прво место. А што се однесува на комуникацијата со колегите, вели дека пробите и подготовката на претставите , воопшто, актерската игра е многу покомплексна од онлајн полагање на испити. Зборуваме за специфични проби во кои изразот, движењата, емоциите, музиката, сенките, куклите, бараат исклучителна синхронизираност. Но, зошто да не, оваа мака можеби ќе не предизвика да го пробаме и тоа. Планираните проекти за оваа година со максимално залагање би сакала да ги реализираме. Но засега, факторот време не ни оди во прилог“, раскажува Изабела.
А што се однесува до нејзиното однесување во ситуација на самоизолација, секој ден го почнува позитивно. Прво што прави е наутро да пушти радио со добра музика, а потоа да го испие и првото кафе на нејзината тераса која во времето на забрана на движење ѝ е омиленото место.
„Се грижам за моите цвеќиња и еве, во несигурното доаѓање на пролетта, веќе насадив и нови. Инаку, не сум осамена, напротив, со враќањето на мојот сопруг по триипол годишен престој на дипломатска служба во Данска, имаме многу време да си раскажаме за многу работи кои сме ги пропуштиле овие години. Засега добро ни оди, имаме чувство како да сме отишле некаде на одмор. И за чудо, уште не сме се скарале. Има некои коментари кои деновиве ми се допаѓаат … да се чуеме со пријателите кои не сме ги чуле одамна. Исто и со роднините кои како да сме ги подзаборавиле со изговор дека не сме имале доволно време. Во меѓувреме, не е лошо да ѝ се вратиме на книгата, основата на човековата едукација и мисла, да обрнеме поголемо внимание на децата, да им раскажеме некоја древна приказна, да ги успиеме со приспивна песна која одамна не сме ја испеале. Да го изгасиме лаптопот, да ја дувнеме прашината од старата гитара, да се сетиме кои песни сме ги пееле на море, да ги отвориме албумите со слики, да им ги покажеме тогашната мода и фризурите кои сме ги имале. И да се насмееме заедно“, позитивна е Изабела во своето гледање на актуелната состојба.
Сепак, она што најмногу ја растажува е тоа што сега поретко се гледаат со нејзината ќерка Елена.
„Елена е ќерка која од една страна во себе го задржа детското, а од друга страна ми се чини дека е позрела личност од мене. Среќна сум што сега таа ми е и најдобрата другарка, но и најдобриот критичар за сѐ. Иако си створи свој дом, си остана истата поврзаност. Често се слушаме, а сега поретко се гледаме, евентуално на два метри раздалеченост, или како што велат препораките…. во ова време тој што најмногу го сакаш, немој да го гледаш. Сега, кога грижата за најблиските ни е приоритет, сфаќам дека таа уште повеќе ми недостасува. И кога сето ова ќе помине, повторно ќе планираме некое заедничко патување и дружење“ си ветува таа.
Што се однесува до готвењето, Изабела вели дека ѝ требале доста години за да го усоврши. Живеејќи извесен период во Италија, таа се насочила кон нивната едноставна и вкусна кујна.
„Секако, сакам и да експериментирам. Никогаш не ја запоставувам и нашата традиционална кујна освен во еден дел… правам напор таа да не е толку обилна и тешка“, се смее Изабела.
За својот сопруг со кој наскоро, во мај, ќе прослават три децении од бракот, вели дека само на неколку денови пред почетокот на пандемијата се вратил од неговиот трет мандат, овојпат во Копенхаген, Данска кадешто речиси две години ја извршувал функцијата на вршител на должноста амбасадор.
„Во овој мандат решивме јас да останам во Скопје и да продолжам со работа во театарот. Секојдневно комунициравме, а во повеќе наврати и одев таму. Незаборавни ќе ми останат двата новогодишни приеми кај данската кралица Маргрете, каде со костумите од наши креатори, навистина се осетив како да влегов во некоја од бајките. Сега е сѐ по старо, за неколку години сме позрели, но гледаме да го живееме истиот ритам. Во овие денови на забрани на движење, се бориме кој ќе оди во продавница, затоа што тоа ни е главното излегување. Ете, и несакајки , сега ни остана повеќе време за нас, го поминуваме во разговори, во добро вино , во пламенчињата на свеќичките што тој ги донесе од Данска, во некој стар филм на тв или во тишината на полицискиот час. И со мислите дека кога сето ова ќе помине ќе се се вратиме на нормалното живеење, со уште една научена животна лекција.
Некако на памет ми доаѓа една мисла од Моќта на потсвеста (Џозеф Марфи) која би можела да биде и моја порака до читателите: „Од темнината се ослободуваме со светлина, од студот со топлина, заменувајки ги негативните мисли со позитивни. Придружете се кон позитивното, и негативното ќе исчезне без трага“, порачува актерката Изабела Новотни.