Веројатно сте забележале како некои од вашите колеги во улога на лидери се снаоѓаат како патка во вода. Тие со сигурност им кажуваат на другите што да прават и задоволни преземаат сè поголем број одговорности. Други пак се чувствуваат сосема поразлично: шефувањето со луѓето ги прави да се чувствуваат непријатно.
Ако сте во оваа група, можеби се прашувате зошто помислата да бидете лидер ве исполнува со страв и зошто ви е толку тешко дури и да се гледате себеси како менаџер.
Како и со речиси секој аспект на човековата природа, дел од одговорот се сведува на вашата генетски наследна диспозиција. Но, тоа е далеку од целата приказна. Сè повеќе, психолозите ја потенцираат важната улога што ја играат раните животни искуства. И тука клучен е начинот на кој се однесувале вашите родители кон вас.
Особено, ако тие биле премногу заштитнички настроени кон вас, може да ги поткопа вашите шанси да станете иден водач. Овој пристап е познат како „хеликоптер родителство“, што би требало да го означи нивното однесување, односно, тоа што тие лебдат во близина на своето дете без оглед дали е тоа потребно или не.
Добри намери, лоши ефекти
Вашите родители веројатно имале добри намери, како на пример да се осигураат дека нема да се соочиле со непријатни предизвици. За жал, ова може да има некои ненамерни, лоши ефекти, вклучително и тоа „да ве направат помалку сигурни и помалку способни да се соочите со потешкотии, а сето ова води кон тоа да покажете послаби лидерски вештини“, вели д-р Џудит Лок, клинички психолог со приватна пракса и визитинг професор на Универзитетот за технологија на Квинсленд.
Истражувањето на Лок вклучува истражување на стручни лица, психолози и советници од училиштата, за да се утврди што точно значи хеликоптер родителството или прекумерното родителство.
Нејзините откритија сугерираат дека ова е пристап кој се карактеризира со мешавина од три фактори: на пример, хеликоптер родителот веројатно ќе биде претерано, премногу внимателно и верува дека неговото дете е секогаш во право. Тие ќе се обидат да направат сè за своето дете (наместо да очекуваат детето само да се справи со тоа) и очекува од врсниците и училиштето на нивното дете да ги задоволуваат потребите на своето дете. Во исто време, овој вид родител ќе има големи барања, во смисла на големи очекувања за достигнувањата на нивното дете, ќе го контролира времето на своето дете и ќе сака тоа да им биде пријател и во постојан контакт со нив.
Најновото истражување за тоа како може оваа екстремна заштита да ги задуши лидерските вештини доаѓа од Кина. Психолозите прегледале речиси 1.500 тинејџери – просечна возраст од 14 години – во 13 училишта во Пекинг. Јуфанг Бјан од Универзитетот во Пекинг и нејзините колеги сеопфатно го процениле лидерскиот потенцијал на тинејџерите. Прво, тие ги испитале тинејџерите, наставниците и родителите на тинејџерите за да согледаат дали другите ги сметаат за добар водач. Второ, тие провериле дали тинејџерите се всушност во какви било лидерски улоги, како што се лидер на тимот во класна научна група или претседател на студентски клуб.
Во меѓувреме, тинејџерите оцениле колку нивните родители претерувале со тоа што се согласувале или не се согласувале со изјави како што се: „Моите родители го надгледуваа секој чекор од моето растење “ и „Моите родители честопати влегуваа во решавање на животните проблеми за мене“. Тинејџерите, исто така, решавале тестови со кои се мери нивната самодоверба и колку се самоуверени во однос на лидерска функција.
Колку повеќе биле презаштитувани од нивните родители, толку помалку тинејџерите сметале дека имаат лидерски потенцијал во однос на другите, и толку е помала веројатноста тие да се најдат во лидерски улоги.
По контролата врз влијанието на голем број други фактори, како што се семејното социоекономско потекло и академските достигнувања на тинејџерите, Бјан и нејзиниот тим нашле јасна шема. Колку повеќе биле презаштитнички нивните родители, толку помалку тинејџерите сметале дека имаат лидерски потенцијал во однос на другите, и толку е помала веројатноста тие да се најдат во лидерски улоги. Статистички гледано, оваа врска била објаснета со фактот дека тинејџерите со хеликоптер-родители биле со тенденција да имаат помала самодоверба, што пак се поврзувало со тоа што биле помалку сигурни во позиција на лидер.
Бјан и нејзиниот тим рекле дека нивните наоди одат во прилог на идејата дека премногу добри работи може да биде штетни: „На ист начин како што недостатокот на соодветна родителска грижа му штети на развојот на детето, преголемата грижа може да влијае на ограничување на развој на самостојност на детето и на развој на вештини за совладување на проблемите, односно, исто така има негативно влијание врз психосоцијалниот развој “.
Преголемата заштита исто така може да го создаде овој поткопувачки ефект затоа што им сигнализира на децата дека не се способни за независност и дека нивните родители не им веруваат дека можат да се грижат сами за себе, а камоли за другите.
Вреди да се спомене дека овие нови наоди треба да бидат толкувани со претпазливост, бидејќи не докажува дека хеликоптер родителството предизвикува недостаток на лидерски потенцијал. Истражувањето се потпира на исказите на тинејџерите кои ретроспективно потсетувајќи се на однесувањето на нивните родители можеби, кога станува збор за тинејџерите со пониска самодоверба, се во искушение да ги оценат своите родители неповолно како начин да ги објаснат нивните сегашни чувства. Сепак, резултатите се конзистентни во однос на претходните истражувања, кои постојано ги покажуваа очигледните штетни ефекти од прекумерната родителска заштита.
На пример, психолозите на државниот универзитет во Флорида испитале околу 500 студенти и откриле дека оние кои имале хеликоптер родители, исто така, имаат тенденција да бидат помалку сигурни во сопствените способности. Различен тим на универзитетот во Мајами испитал стотици студенти и дошле до слични резултати. Оние што опишале дека имаат хеликоптер родители, исто така, имале тенденција да имаат повеќе емотивни проблеми, имале проблем со донесување на одлуки и имале полоши резултати на испитите.
Вашата иднина како лидер
Ако се препознаете во описот на оние со хеликоптер родители, не мора да прифатите дека никогаш нема да бидете лидер или дека нема да покажете квалитети на лидер.
Прво, запомнете дека пристапот на вашите родители веројатно бил добронамерен и нема да имате корист од тоа да се чувствувате незадоволни. Сега сте во можност со посветеност и напор да ги обликувате своите својства и ставови во животот.
Лок, кој исто така е автор на The Bonsai Child (книга за родители чија цел е да им помогне на родителите да развијат потенцијал кај своето дете со тоа што нема да го презаштитуваат), препорачува да почнете да преземате поголема контрола врз вашиот сопствен живот, вклучително и да бидете финансиски независни доколку можете за да го избегнете искушението да ги повикувате родителите секој пат кога имате проблем.
„Многу читатели имаат родители кои сè уште сакаат да бидат многу вклучени во нивните животи. Изработете план со чија помош повеќе ќе управувате со сопствениот живот и престанете да се потпирате на родителите“, вели таа. Секако, овие промени самостојно нема да ве претворат во лидер, но тие ќе ви помогнат да бидете независни и да се чувствувате удобно во донесувањете автономни одлуки, што ќе ви послужи добро ако и кога се појават можности за лидерство во вашата кариера.
Можете исто така да направите промени на работа, вклучително и обид да бидете поотворени за критики. „Мојата работа покажува дека оние што биле претерано заштитувани, не се справуваат со конструктивна критика“, вели Лок. „За да се подобрите, треба да бидете отворени за предлози за тоа што треба да сторите за да напредувате“.
Тоа нема да се случи преку ноќ, но преку вежбање да бидете понезависни и да одвоите време и напор да ги градите своите емоции и вештини за донесување одлуки, ќе откриете дека полека можете да ја градите вашата самодоверба – па дури и да започнете да се гледате себеси како потенцијален шеф.
Фото: Pexels