Со толку многу луѓе што во моментот се затворени во нивните домови, има смисла да се прашаме дали после оваа изолација ќе следува бејби бум. Иако многу истражувања првично сугерираа дека таков резултат би бил логичен, специјалистот за заразни болести и доцент на Одделот за медицина на универзитетот Јеил, Џејми Мејер смета дека историјата го сугерира сосема спротивното.
Тој се фокусирал на набљудувањето на тоа како во текот на историјата слични пандемии влијаат врз стапката на наталитет и резултатите не се ветувачки.
„Епидемиолошките податоци од претходните карантински периоди и кризни ситуации предизвикани од пандемии, земјотреси, чума, ебола и глад сугерираат дека во текот на катастрофални настани што резултираат со голема смртност во дел од светот, по поминувањето на кризата, стапката на наталитет во наредните девет месеци паѓа“, објаснува д-р Мејер. „Сепак, 10 до 11 месеци по завршувањето на трауматските настани, наталитетот се обновува и се враќа во нормала“.
Ваков пад на стапката на наталитет е регистриран уште од пандемијата на грип од 1889 година, а една научна студија која ја проучувала врската помеѓу смртноста и стапката на наталитет за време на кризи, открила дека катастрофи од кој било вид, како што е катастрофалниот земјотрес во Токио од 1923 година или уништувањето на кулите во Њујорк во 2001 година резултира со понизок наталитет. Особено, овие две катастрофи, заедно со пандемијата на грип од 1918 година, претставуваа најголем пад на наталитетот во 20 век.
Гледајќи малку посвежи податоци, порастот на стапката на наталитет денес се враќа во нормала помеѓу 10 и 11 месеци од катастрофалната појава, после што некои психолози заклучуваат дека обично се потребни околу десет месеци луѓето ментално да надминат таков настан и да продолжат со животот и репродукцијата.
„Ако размислувате да забремените за време на пандемијата предизвикана од коронавирус, мора да бидете свесни дека можеби ќе да ви бидат оневозможени одредени здравствени услуги поврзани со следењето на бременоста“, забележува д-р Мејер. Иако сѐ уште нема потврда за пренос на вирусот од бремените жени на новороденчињата и тековните истражувања сугерираат дека тоа не се случува, не е исклучено дека заболувањето од вируси во текот на првото тримесечје предизвикува одреден ризик од дефекти кај плодот.
„Во текот на овој временски период на исклучителен стрес, можеби е примамливо да се романтизира за бејби бум за да добиеме малку надеж, но она што е најважно во моментов е да се заштитите себеси и вашите најблиски со следење на сите упатства што ви ги препорачале здравствените работници и официјалните тела“, заклучува Мејер.
Фото: Pixabey