Марија Стефанова: Карантинот има и добри страни?!

Да, има! Марија Стефанова, психолог и психотерапевт во психолошкото советувалиште „Петар Пан“ во Скопје вели дека една од добрите работи од актуелната состојба е што сега имаме можност да бидеме постојано со своите деца, но и да ја следиме и да одговориме на нивната загриженост, како и да ја следиме и контролираме сопствената загриженост и да не дозволиме таа да премине во панична реакција, која е заразна.

0
587

Денеска, кога за првпат во нашата држава се соочуваме со полициски час – целосна забрана за движење од 21 до 6 часот наутро, многумина сметаат дека оваа мерка не само што не е престрога, туку е и недоволна во ситуација кога луѓето не ги почитуваат препораките за самоизолација поради пандемијата на коронавирусот.

Се чини никому не му е лесно, но веројатно е најтешко да се заузди онаа популација која се наоѓа во тинејџерските години или барем поголемиот дел од неа. Родителите со мали деца пак, имаат друг проблем. Ним не им е тешко да ги задржат дома, туку им е тешко ова седење дома да го направат поподносливо и полесно за сите.

Ја запрашавме Марија Стефанова, психолог и психотерапевт во Психолошкото советувалиште и консултативно-едукативниот центар „Петар Пан“ како да се справиме со актуелната состојба на социјална изолираност, но и како да им помогнеме на нашите деца да се справат со истата.

„Ако се прилагодиме на ситуацијава, ќе успееме да ги видиме можностите во истата, а ги има. Сега имаме време и можност да направиме сѐ што сме сакале и сме планирале, а не сме имале време.

На пример,  можеме да се наспиеме, да вежбаме и да бидеме во физичка кондиција, иако ни е ограничено движењето, да бидеме креативни и да изнајдеме нови и необични решенија во истиот контекст и простор, да готвиме, да читаме, да се дружиме на алтернативни начини со блиските и што е најважно, имаме време за себе, да се чуеме, да се прашаме, да се подружиме со себеси. Имаме можност да ги преслушаме или ревидираме сопствените одлуки, да донесеме нови, да направиме листа на желби за себе и да прифатиме дека не можеме или не мораме да ја имаме контролата на многу работи кои не зависат од нас.

Имаме можност да бидеме постојано со своите деца, да ја следиме и да одговориме на нивната загриженост, но за да го постигнеме тоа треба да ја следиме и да ја контролираме сопствената загриженост како не би преминала во панична реакција која е заразна.

Многу е важно да направиме организација на времето која ќе биде различна од досегашната. Да создадеме нови навики, да направиме нова структура на денот за да им е предвидлива на нашите деца како би ја намалиле кај нив и кај себе несигурноста од новите услови во кои сме принудени да функционираме“, советува Стефанова.

Различни луѓе, различни карактери

Стефанова вели дека актуелната состојба бара од нас почитување на разни препораки кои подразбираат првенствено социјална изолација во функција на сопствена заштита и заштита на сите околу нас. Ваквите услови во кои се потенцира заканата за загрозеност на нашето здравје и живот придонесуваат за истакнување на индивидуалните разлики кај сите нас.

„Секој од нас се носи и се справува со ситуацијата на свој начин, со сопствените механизми на одбрана. Некои ја негираат сериозноста на ситуацијата заради неможноста да се соочат со сопствената реакција на заканата, некои стануваат исклучително анксиозни и паничат, некои пак се чувствуваат осамени, изолирани и непотребни. Сета оваа палета на чувства и манифестации на истата е природна реакција или одговор на заканата. Но, мораме да ги земеме предвид разликите меѓу нас. Не може и не умее секој да се справи и да се адаптира на новите услови подеднакво адекватно и брзо.

Ваквата состојба ги потенцира нефункционалностите на личноста, па доаѓаат до израз внатрешните конфликти со кои во услови на изолација луѓето имаат повеќе време и можност да се соочат.

Исто така и нефункционалностите во семејниот или партнерскиот контекст стануваат повидливи и поприсутни. Сето ова би можело да придонесе за еден дополнителен товар со кој личноста треба да излезе на крај, заедно со неизвесноста која ја подразбира новата ситуација“, објаснува Стефанова.

Социјалната изолација е во конфронтација со човековата потреба за интеракција

Според неа, социјалната изолација ја конфронтира нашата природна потреба од социјален контакт или интеракција, која е една од основните потреби на луѓето.

„Некои луѓе не можат да се адаптираат на услови кои не го овозможуваат тоа.

За прилагодување на ваквата ситуација е потребен голем капацитет на личноста. Оттука, разбирлива е и потребата од поддршка на сите оние кои имаат проблем со прифаќањето на новите услови.

Неизвесноста од повеќе аспекти е огромна, тоа создава чувство на несигурност и губење на контрола врз случувањата, па дури и врз сопствениот живот. Луѓето се обидуваат да ја намалат на различни начини, преку создавање на огромни залихи на храна и други потребни производи, како и преку низа нерационални одлуки.

Потребно е да покажеме разбирање и поддршка на сечие однесување ако сакаме да помогнеме. Ваквите услови дополнително ја потенцираат психолошката нестабилност на луѓето па затоа на оние психолошки послабите им е потребна поголема поддршка, бидејќи тие се најпогодени од ситуацијата“, вели нашата соговорничка.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]