Мама Милена: Не е лесно со 4 деца од 10 до 15 години затворен во карантин!

Во овој период на самоизолација, ѕиркаме во домовите на нашите сограѓани, познати, непознати и помалку познати и ги прашуваме како им минуваат деновите ним и на нивните деца. И ако не знаете како да излезете на крај со вашите деца додека седите во карантин, тогаш прочитајте како го прави тоа мама Милена со своите 4 деца!

0
1400

Додека во овој период на самоизолација родителите мака мачат како да ги задржат внатре своите деца кои веројатно и не ја сфаќаат сериозноста на ова што се случува (а рака на срце, и многу возрасни), прашавме некои од нив како им минуваат овие денови. Одличен пример е и скопјанката Милена Милошевска Авиа која живее сама со своите четири деца, Нишон има речиси 15 години, Брајан кој има речиси 13 и близнаците Миа и Мевин кои имаат 10 години.

Освен тоа, сите освен Брајан кој веќе сериозно се занимава со атлетика, другите тројца одат на музичко, а свират и по дома на своите инструменти. И не, тие не живеат во огромен стан. Напротив!

Затоа ја побаравме мама Милена и ја прашавме како тие се снаоѓаат во ситуацијата.

„Морам да признаам дека оваа ситуација со Коронавирусот некако наеднаш ни го смени целиот тек на живеење и сѐ е поинаку од вообичаеното. Полека но сигурно се навикнуваме на нови рутини, навики, начин на живеење.
Првично, најтешко ми беше кога требаше да си ги соберам децата на купче, околу мене и да ги задржам дома, подалеку од другарчињата кои навистина многу им значат и ги сакаат. Најпрвин, кога дознаа дека нема да одат на училиште, прво што им падна на ум на помалите беше дека ќе имаат повеќе време за играње со другарчињата пред зграда, а на поголемите, дека ќе имаат повеќе време за дружба со нивните другари. Исто така, тие ги обожуваат и часовите по глума во детското Драмско студио НЕВЕРЛЕНД на Проектот Среќа и секогаш со нетрпение ги очекуваат, па кога им кажав дека ни таму нема да можат да одат, кај нив се јави револт. Останаа и без деновите за спортски тренинзи и музички часови … Не можеа да сфатат зошто и мислеа дека се тоа само некои мои правила и одлуки.

Затоа не ми преостана ништо друго освен времето кој вообичаено го минуваме заедно гледајќи некој убав филм, да биде време за гледање вести и по некое видео на Јутјуб направено во Кина кадешто Короната остави најмногу последици.
Сѐ со цел децата да ја разберат сериозноста на ситуацијата.
Мислам дека ми успеа. А потоа времето за филм си го вративме на распоред.
Признавам, не е воопшто лесно.

Ги почитуваме препораките дадени за заштита од коронавирусот и не излегуваме од дома без потреба.
Децата си имаат задачи и има со што да си го исполнат времето, но и мене и ним ни недостасуваат нашите пријатели, другари, другарки, соученици …Сега повеќе ги користиме телефоните и мобилните апликации за комуникација со другите.

Сепак, во целава ова неубава атмосфера има и нешто добро – имаме време за НАС, за СЕБЕ, за повеќе креативност.

Децата повеќе вежбаат на своите музички инструменти, пијано и тромбон, а покрај нив научив и јас да отсвирам по нешто.

 

Прават накит, цртаат…плетеме заедно…имаат време меѓусебно да си појаснат по некоја домашна задача зададена од наставничките кои патем, морам да ги пофалам затоа што веднаш најдоа начини како да испратат материјали за учење до своите ученици и постојано се во контакт со нас, родителите.

Имаме дома и двајца спортисти, од кои еден е веќе сериозен па мора да се мисли и на одржување на кондицијата.

Телефонски се договараме со тренерот по атлетика кои вежби да ги практикува Брајан и тој си тренира самостојно, но поретко од вообичаеното.
Но, верувајте, тешко  е да задржите четири деца, особено на оваа возраст, постојано дома. Затоа понекогаш излегуваме сите заедно (таман сме во дозволениот број: група од петмина) и одиме на места кадешто нема луѓе, за да апсорбираме по некој сончев зрак“, признава мама Милена и додава дека тие не користат јавен транспорт, а на пазарење излегува само Милена.

„Пред оваа ситуација децата секогаш ми помагаа во пазарењето, но сега одам сама и се разбира, носам маска и ракавици.
Само да помине и да излеземе од сево ова здрави, живи и попаметни“, порачува оваа мајка на четири деца.

[better-ads type='banner' banner='999' ]