Останете дома: Дали си направивте и вие работно катче во својот дом?

Работата од дома има свои предности, но има и свои опасности. Една од опасностите е што куќата / вашиот дом ви нуди голем број на дистрактори што ви го одвлекуваат вниманието од работата. Покрај тоа, постои опасност да останете 24 часа на работа или никогаш да не ‘отидете’ на работа. Дополнителен проблем е кога сте дома двајца или пак кога имате и деца. Еве како се организираа за работа од дома некои од нашите пријатели и читатели ширум регионот. Како се организиравте вие?

0
369

Во овој период кога коронавирусот се шири низ светот со огромна брзина, а се повеќе луѓе се принудени да работат од дома, мора да се прилагодиме на ситуацијата.

За некои ова е и онака вообичаена практика, како на пример, за нас, новинарите, со исклучок на телевизиските новинари, но за некои е сосема нова состојба и колку и да им изгледало претходно како привлечна опција, веројатно сега не мислат исто.

Како и да е, во овој период голем број луѓе своите работни обврски ги пренесоа во своите домови. Еве неколку идеи и совети, наши и од нашите пријатели и читатели од регионот кои ни испратија и фотографии на кои се гледа како тие го уредиле својот работен простор во домот.

Кога работите во канцеларија, вашиот ден има одредена предвидлива рутина и ритуали; од времето кога ќе се разбудите, до канцеларијата, времето кога пиете кафе, кога е пауза, со кого го поминувате времето и како ги читате и одговарате на пораките. Работата од дома е промена во таа рутина и одредена неизвесност што овозможува многу моменти кога можеме да го изгубиме фокусот на работата и едноставно да почнеме да правиме нешто друго (поинтересно?).

Да се ​​има работна соба дома е нешто полесно за да се изолирате и да се  одвоите. Ако за работа ви служат кујнската маса или масата во дневната соба или пак каучот, тоа е многу потешко. Околу вас се наоѓаат многу привлечни дистрактори. Кој не сакал повеќе да гледа филм отколку да работи? И, дури и готвењето ручек среде денот звучи привлечно. Дополнително, ако не живеете сами, околу вас се и вашите најблиски и домашните миленици (ако ги имате). Сето тоа се дистракции – кои ве одвлекуваат од рутината на работа. На некои од тие дистрактори можеме да им одолееме полесно, а на некои потешко.

За да ви помогнеме да останете фокусирани и продуктивни кога работите од дома, имаме неколку препораки за вас.

Станете во време кога и онака станувате кога одите на работа, а на советот да се облечете како за на работа – заборавете.

Излегувањето од навиките и рутините е тежок и болен процес, затоа обидете се да не ги менувате премногу. Станете во исто време или евентуално, дозволете си половина час повеќе сон со оглед на тоа што не мора да патувате до работното место и потоа однесувајте се онака како што се однесувате кога ќе стасате на работното место.

Некои од советите кои кружат деновиве е и оној според кој треба да се облечете како да одите на работа. Ние баш и не ви го советуваме ова. Со оглед на тоа што нашата работа и досега ни дозволуваше да работиме од дома, имаме доста искуство, па верувајте дека нема ништо лошо во тоа кога сте веќе принудени да работите од дома, да работите во пиџами или во онаа облека која обично си ја носите по дома.

Доколку пак треба да остварите видео врска со колегите, тогаш секако, наместо пиџами облечете нешто друго, но не гледаме зошто, а особено не во ваква вонредна состојба, би било проблем да бидете полежерно, а сепак пристојно облечени. Сигурно нема дома да седите во костум и во тесно здолниште или испеглани пантолони.

Одредете си едно работно катче

Кога работиме во канцеларија, обично имаме едно место за работа, канцеларија, простор кадешто работиме. Би било добро и дома да си одредите место на кое ќе работите и кое ќе го сметате за свое работно место. Ако живеете со семејство, и ако и вашиот партнер треба да работи од дома, а немате уште една просторија надвор од спалната кадешто ќе можете одвоено да работите, не ви преостанува ништо друго освен да си направите место за двајцата.

Впрочем, сигурно ниту на работа не работите сите во посебни канцеларии.

За службените разговори, можете да се повлеќете во спалната и да ги направите од таму или да се организирате со партнерот да не зборувате во исто време.

Ако имате и деца, тогаш договорете се околу правилата и распоредот по прашањето на работните задачи.

На тој начин полесно ќе ги испланирате задачите кои мора да ги направите, а и вашите домашни ќе можат да направат свој план и сите ќе бидете попродуктивни.

Направете си листа со задачи и обврски за тој ден. Наредете ги според приоритетите и следете ја нивната реализација.

Ако имате јасна цел што сакате и што мора да направите тој ден – полесно ќе се усмерите кон таа цел.

Среде големиот број дистрактори во домот околу вас лесно ќе ја загубите целта од фокусот (и ќе се изгубите во споредни работи низ дома).

Добро би било да се одговорите однапред со колегите на кој начин и колку често ќе комуницирате.

Завршете го денот со затворање на канцеларијата. Да, тоа е навистина добро, но не можеме да се пофалиме со истото. Во досегашната работа од дома, нашата канцеларија е отворена 24 часа на ден, а најчесто работниот ден се развлекува на 18 часа.

Велат дека ова долгорочно не е здраво, односно, дека со оглед на тоа што некои активности ни ги празнат батериите, а други ни ги полнат, важно е празнењето и полнењето да се менуваат и да не заборавиме да одржуваме баланс помеѓу сите делови на нашиот живот.

Кога работиме од дома постои опасност сѐ да ни се помеша. Водете сметка секое утро ‘да отидете’ на работа и секое попладне да ‘си одите дома’. Можеби физички е тоа исто место, но важно е да биде психолошки различно.

[better-ads type='banner' banner='999' ]