Бројот на заразени со коронавирус ширум светот се зголемува секојдневно, па луѓето преземаат различни чекори за да спречат ширење на инфекцијата. Засега, повеќето експерти ве советуваат да ги миете рацете и да се обидете да не го допирате лицето. Постојат начини да го намалите допирањето на лицето, но менувањето на навиката е предизвик за повеќето луѓе. Со оглед на тоа колку им е тешко на возрасните да се откажат, се чини дека е сосема невозможна мисија кога станува збор за деца.
Huff Post ја прашал научничката Дениз Каминс на кој начин родителите можат да го одвлечат вниманието на своето дете од допирање на лицето и од ставање на рацете во уста.
Обидете се да користите пофалби
Децата подобро реагираат на пофалби отколку на критики или исправки. Родителите ќе постигнат подобар резултат ако го пофалат детето затоа што не направило одредено дејство отколку ако го критикуваат за тоа што го прави. Психологот Пол ДеПомпо смета дека родителите ќе поминат подобро ако му кажат на детето: „Одлично е што ги држиш рацете подалеку од лицето“, отколку ако ги прекорувате со: „Престани да го допираш лицето“.
Родителите можат да му кажат на своето дете дека ќе биде наградено ако се обиде помалку да го допира лицето или да ги става рацете во уста. Како награда, понудете му сè што сака, но истото му е ограничено. Тие сигурно ќе се потрудат дополнително ако можат поради тоа да останат подолго на Интернет, да гледаат цртан филм или да добијат нова играчка.
Кога ќе им кажете: „Ми се допаѓа начинот на кој ги држиш рацете“ додека дланките им се покрај нивните тела или „Ми се допаѓа што не го допираш лицето“, така ја подигнувате нивната свест дека тоа не треба да се прави, вели психологот Санам Хафеез.
Обрнете им внимание кога ќе си го допрат лицето
Пофалбите се клучни за детето да престане да си го допира лицето, но родителите можат да им помогнат понатаму со тоа што ќе им обрнат внимание на оваа иритирачка навика. На децата ќе им биде многу тешко да престанат, но истите вежби што функционираат кај возрасните, функционираат и кај децата. Ако секој пат кога ќе ги задржат рацете на лицето или во устата, им го свртите вниманието на тоа, по некое време, веднаш штом ќе тргнат со раката кон лицето, ќе ја спуштат истата долу.
Дозволете им да допираат нешто друго
Како што е случај со одредени возрасни лица, децата што имаат слободни раце може да бидат во искушение да го допрат лицето или да ги стават своите раце во устата.
„Препорачувам да им дадете да држат нешто во рацете, да се интересираат, затоа што ако држат некој предмет или си играат со нешто, нема да можат да го допираат лицето. Секогаш е подобра опција да се обидете да го замените проблематичното однесување со друго однесување отколку да барате од децата да не прават одредени работи“, истакнала Дениз Каминс.
Објаснете им што се микроби
Ако вашето дете има најмалку три години, можете слободно да му објасните што се микробите и како се шират при допирањето на лицето. Објаснете им зошто е важно да се кива во лактот, а не во своите раце. Постојат многу начини да разговарате со децата од различна возраст за микробите, да обидете се преку игра и забавни активности. Кога ќе почнете да им објаснувате зошто сакате да престанат да го допираат лицето или да ги ставаат рацете во уста, ги вклучувате во процесот и ги терате да се заинтересираат за целиот процес.
Фокусирајте се на миењето раце
„ На крајот на краиштата, децата се деца, затоа немојте премногу да се потресувате ако вашето дете не може да ги држи рацете подалеку од лицето. Малите деца допираат нешта. Да се стават рацете во устата е нешто што го прават сите деца. Затоа не можете да очекувате вашето дете наеднаш да престане да го допира лицето или да ги става рацете во уста. Важно е да се фокусирате на здравите навики кои полесно се контролираат“- истакнал Марк Раинеке, психолог во Child Mind Institute.
Секој родител треба да го охрабри своето дете редовно да ги мие рацете. Може да набавите средство за дезинфекција кое редовно ќе им го ставате на рацете. Дајте им марамчиња кога киваат или кога им тече носот.
Редовното миење на рацете е навика која секој родител треба да ја всади во своето дете. Родителите можат да го подобрат здравјето на детето со тоа што ќе го хранат со здрави и хранливи намирници, објаснувајќи му зошто физичката активност и спиењето се важни за здравјето.
Фото: Pixabey