Валери Хантер Гордон не била никаква славна научничка, писателка или политичарка. Сепак, нејзиниот изум го сменил животот на милиони жени … и нивните бебиња.
Во средината на октомври 2016 година, во нејзиниот дом во Шкотска, сакана и опкружена со многубројно семејство, на возраст од 94 години, починала тивко и мирно Валери Хантер Гордон. За повеќето луѓе надвор од малото градче во кое живеело нејзиното име, не значело ништо ни тогаш, а ни сега, а тоа е штета затоа што – станува збор за жена на која милиони мајки ширум светот треба да бидат бескрајно благодарни.
Затоа што, Валери Хантер Гордон, мајка на шест деца, ги измислила првите пелени за еднократна употреба!
Херој на сите мајки на светот
Валери Хантер Гордон била просечна англиска домаќинка од средината на 20 век. Сепак, откако го родила своето трето дете – синот Најџел во 1947. година сфатила едно – не сакала да го помине својот живот во перење, сушење и пеглање на памучни пелени.
И така, таа ја измислила „Пади“, првата пелена за еднократна употреба. Отпрвин, Валери ги изработувала од стари падобрани, памук и вата и направила стотици парчиња седејќи на машината за шиење на кујнската маса.
Отпрвин мислев дека пелените за еднократна употреба сигурно можат да се купат некаде. Бев шокиранa што никој претходно не се сетил на ова и помислив – лесно е, јас ќе го сторам тоа!
Воопшто не беше лесно, но вредеше – изјавила г-ѓа Гордон за Би-Би-Си во интервју во 2015. година.
Откако им го покажала производот на нејзините пријателки, тие се воодушевиле и не поминало многу време, а Валери почнала да прави вакви пелени и за нив, постојано усовршувајќи ги дизајнот и издржливоста.
– Сите мајки сакале да престанат да перат пелени. Секој што го виде мојот изум ќе речеше: „Те молам, направи и за нас“. И така, завршив зад машината за шиење правејќи повеќе од 600 парчиња“, се сеќавала Валери.
Нејзиниот сопруг, мајорот Пат Хантер Гордон, исто така, се вклучил во производството на својата сопруга снабдувајќи ја со искористени падобрани.
Остварување на сонот
Двојката го регистрирала својот патент во 1948. година, а наскоро стигнале понуди од некои големи компании и првите пелени „Пади“ се нашле на полиците од продавниците во 1949 година. Биле моделирани и изработени по големината на синот на Валери и Пат, Најџел.
На почетокот овие пелени предизвикале контроверзи. Додека мајките од една страна биле воодушевени, имало доктори кои предупредувале дека тие би можеле да ја оштетат кожата на бебето. Другиот проблем бил повеќе од социјална отколку од медицинска природа – луѓето по војната не биле навикнати да фрлаат ништо, па дури ни нечисти пелени.
Сепак, откако еден воен лекар напишал текст за тоа дека користи „Пади“ во одгледувањето на своето бебе, јавното мислење се сменило и компанијата наскоро не била во можност да произведе доволно пелени. Производот учествувал и на две светски изложби и наскоро почнал да се дистрибуира низ целиот свет. Само до крајот на 1949 година, биле продадени повеќе од 750.000 пакувања.
Тие биле рекламирани како „многу атрактивни, со вешти дизајн, креаирани од страна на мајка која ги направила можни пелените за еднократна употреба“.
Компанијата била затворена во 60-тите, бидејќи била потисната од американски бренд – Памперс, но г-ѓа Гордон не жалела поради тоа – дотогаш ги одгледала сите свои деца.
Живеела тивко и повлечено. Починала на 94-годишна возраст опкружена со семејството и пријателите. Ја надживеале шест деца, 19 внучиња и 18 правнучиња … и сите ѝ биле благодарни на изумот!
Текстот и фотографиите се од ТУКА.