Како што напредува епидемијата на коронавирус, родителите се соочуваат со многу прашања од децата кои „купуваат“ информации, како и дезинформации за оваа епидемија. Има многу непознаници, но и страв од овој вирус. Ниту на возрасните не им е сеедно, а камоли на децата кои, во зависност од нивната возраст, не се во можност ниту да разберат што се случува околу нив.
Пред да разговарате за коронавирусот со вашето дете, размислете за сопствените чувства на вознемиреност или страв, советуваат експертите. Доколку сте во паника, обидете се да се смирите, бидејќи тоа е единствениот начин на кој можете да му помогнете на вашето дете.
„Децата немаат иста моќ и пристап до информации како нивните родители, па ако не зборувате за тоа, вашите деца ќе помислат дека сè што се случува е толку застрашувачко што дури и нивните родители се загрижени. И тогаш нивната фантазија ќе произведе полоши сценарија. Со контролирање на вашата вознемиреност, ќе го ослободите менталниот простор што треба да се користи за слушање и поддржување на децата. Ако останете мирни, вашето дете ќе разбере дека вакви настани можат да внесат немир во животот, но дека од лошите искуства исто така можеме многу да научиме и заедно да јакнеме“, објаснил психологот Марк Раинеке за ХафПост.
Ако вашето дете е на училишна возраст, веројатно слушнало за коронавирусот од врсниците или во вестите. Разговорот за ова не треба да биде никаков „спектакл“, туку дел од вашата дневна рутина, на пример – додека седите на маса на ручек. Започнете со тоа што ќе прашате што знаат за коронавирусот, да добиете идеја за тоа што детето погрешно сфатило и што треба да демантирате. Поставувањето отворени прашања може да ви помогне да ги процените знаењата на вашите деца, како и нивната емоционална состојба. Поттикнете ги да ги искажат своите чувства, особено ако знаете дека се склони кон загриженост.
Разговорот нека биде соодветен на возраста. На децата на возраст под 6 години не им требаат многу детали, како што се сеопфатни информации за глобалните закани од болестa, затоа што тие се премногу мали за da ги процесуираат. Внимавајте на разговорите што ги имате со партнерот или постарите деца. бидете веродостојни, не ги збунувајте со противречни информации или постојано да ги изложувате на вознемирувачки вести од ТВ-екраните. Наместо тоа, разговарајте за бактериите, за тоа зошто и како луѓето се разболуваат, што можеме да сториме за да останеме здрави, пред сè за важноста од темелно миење на рацете. Уверете ги дека вашето семејство е безбедно и здраво – тие треба да се чувствуваат безбедно во својот дом.
На постарите деца можете да им понудите повеќе информации за епидемијата: што е тоа, како се шири и како може да се спречи. Но, држете ги подалеку од приказните за умирање, потенцирајте како заедницата прави сè за да остане безбедна и заштитена. И уверете ги со сегашниот факт – дека во Македонија има малку заразени.
Детето веќе може да видело лица што носат маски за лице на улица. Не правете од тоа проблем, објаснете им дека носат маска затоа што тие лично мислат дека е тоа најбезбеден начин да останат здрави, но секое семејство има различни стратегии за справување. Запомнете да повторете дека миењето на рацете е од огромно значење, исто како и избегнувањето од допирање на носот, очите и устата. Може да им кажете дека експертите за контрола и превенција на овие и слични болести мислат дека на здравите луѓе не им треба да носат маски. Исто така е корисно да се напомене дека има многу лекари и научници ширум светот кои работат напорно за да го заштитат човештвото.
Конечно, децата треба да знаат дека нивните родители секогаш им се достапни за разговор. Можеби ќе сметате дека детето поставува премногу прашања и не би требало да се занимава со темата за коронавирусот, но тоа сигурно му помага да изгради чувство на сигурност и да го потврди сознанието дека вие, неговите родители, сте безбедна зона каде секогаш ќе најдат прибежиште.
Кога вашите деца ќе се појават со прашања, одговорете директно, искрено и транспарентно за да избегнете збунетост или недоразбирање. Анксиозноста цвета кога има недостаток на транспарентност. Фокусирајте се на овде и сега, дури и ако размислувате за „што ако“. Не давајте изјави што предизвикуваат страв како „сите се плашат“ или „не можеме да сториме ништо“. Наместо тоа, понудете уверливи вистини, како што е фактот дека хигиената е најважна. Одличен начин за зајакнување на децата е да им покажете што можат да сторат за да не се разболат: од миење на рацете (проверете дали темелно ги мијат рацете 20 секунди!), кашлање во лактот, избегнување на близок контакт со луѓето, до земање витамини и здрава храна за зајакнување на имунитетот … Оваа состојба, без оглед колку е лоша и „ја фрли на колена“ светската економија, ги учи децата на одговорност со тоа што ја преземаат контролата врз ситуацијата на начин кој единствено го можат и го знаат – со тоа што ќе ги почитуваат правилата за превенција.
Фото: Pixabey