Дали двојазичноста е предност или тешкотија?

Постојат повеќе гледишта за дефинирање на двојазичноста. За некои, двојазичноста претставува способност на поединецот да комуницира еднакво добро на два јазика, додека за други тоа значи способност на поединецот да комуницира на два јазика, но со поизразени комуникациски вештини на само еден од овие два јазика.

0
388

Често прифатена дефиниција за двојазичноста е таа да се дефинира како способност на една личност, група или нација да користи два јазика без забележително поголема склоност за еден од нив.

Во однос на периодот кога се усвојуваат јазиците, зборуваме за:

Рана двојазичност – кога двата јазика се усвојуваат до четиригодишна возраст.

Доцна двојазичност – кога се усвојува втор јазик по четиригодишна возраст.

Кои се критериумите за утврдување на мајчиниот јазик и дали е можно детето да има два мајчини јазици?

За мајчин јазик се смета јазикот што детето прво го учи или оној што најдобро го познава и го користи. Исто така се смета дека е тоа јазикот што го зборува мајката, односно лицето кое се занимава со детето и го стимулира создавајќи така трајна јазична комуникација со него.

Од друга страна, критериумите со кои се утврдува кој јазик е мајчин јазик е дека мајчиниот јазик е оној на кој размислуваме, сонуваме и сметаме, затоа што овие функции се усвојуваат токму на првонаучениот јазик.

Исто така, ако детето порасне во семејство во кое истовремено се зборуваат два јазика, ќе има два мајчини или први јазици, затоа што ќе ги учи истовремено. И ако детето прво научи еден јазик, тој ќе се смета за мајчин, затоа што јазикот што детето прво го учи да го зборува и го знае најдобро се смета за мајчин. Во овој случај, се поставува прашањето дали билигвалното дете ќе може да посвети доволно време за обработка на сите стимули што ги добива од двата јазика истовремено, како еднојазично дете? Секако дека нема да може да искуси сè истовремено, па затоа е важно да се обрне внимание на воспоставувањето рамнотежа помеѓу двата јазика за да може детето да ги научи и двата јазика подеднакво добро.

Што може да се очекува за време на јазичниот развој на билингвалните деца?

Децата кои растат во средина каде истовремено се изложени на два јазика на рана возраст, ќе ги користат двата јазика или ќе има два први јазика. Децата се очекува да поминат низ периоди на мешање на двата јазика и позајмување зборови од друг јазик за да ги искажат своите идеи и може да се случи да ги користат зборовите на двата јазика во иста реченица. Ова се случува затоа што истиот збор може да постои на еден јазик, додека другиот збор може да не постои. Поделбата помеѓу двата јазика се одвива постепено. На пример, едно дете може да користи еден јазик за да комуницира за настани во домот, додека другиот може да го користи за да комуницира надвор од домот, на пример, во градинка. Исто така, ќе има периоди кога еден јазик ќе се користи почесто од другиот.

Децата обично не се еднакво квалификувани на двата јазика. Едниот може да зборува подобро, а другиот подобро да го разбира. Мешањето на двата јазика може да се намали ако детето е ограничено да комуницира на едниот јазик со мајката и на другиот со таткото, или детето да ги научи двата јазика во исто време што е можно порано, или да започне да учи втор јазик при совладување на основите на јазикот што тој или таа прв го научил. Може да се појават проблеми ако започнат да учат втор јазик во подоцнежен период и детето сè уште не ги совладало основите на првиот јазик. Се смета дека може да дојде до забавување на развојот на првиот јазик или дури и до регресија.

Што ако се појават проблеми?

Кај некои билингвални деца можат да се појават јазично-говорни проблеми. Во такви ситуации, неопходно е детето цврсто да ја консолидира основата на мајчиниот јазик и дури тогаш да започне да му се воведува втор јазик. Подобро е детето во текот на првите две години да усвои еден јазик, а потоа да се воведе друг јазик. Исто така, добро би било да се одделат двата јазика при употребата, т.е. да се комуницира на еден јазик со таткото, а на другиот со мајката. Тие исто така треба да се раздвојат и според ситуациите, на пример во градинка на еден јазик, а дома на друг. Исто така е важно да се нагласи дека раното воведување на втор јазик не мора да доведе до проблеми. Но, оваа круцијална улога ја играат родителите кои треба да имаат доволно време за своите деца и за стимулација. Ако тоа не биде случај, постои страв дека развојот на говорот кај овие деца ќе биде забавен и дека ниту еден јазик нема да го научат доволно добро.

Ако детето има проблем со говорот, и истовремено усвојува два јазика, клучно е да се одлучите за еден јазик, оној што детето го користи во градинка и кој подоцна ќе го користи во училиште. Важно е да се стимулираат децата дома. Родителите треба да разговараат со детето колку што е можно повеќе, да му поставуваат прашања, да читаат приказни и да прераскажуваат и да видат колку децата разбираат. На детето треба му се обраќате со едноставни реченици, познати зборови и изрази. Стимулацијата се јавува и во градинка од врсниците и наставниците. Како последица на примарните проблеми при усвојувањето на јазик, може да се појави пелтечење, а и учењето да чита и пишува во текот на училиштето е потешко.

Кај деца чиј говор заостанува зад нормите на развој, важно е да се побара мислење на логопед кој ќе го оцени развојот на доминантниот или на двата јазика и ќе го вклучи детето во лого-терапија.

Кои се предностите од билингвизмот?

Истражувачите откриле дека најсилните страни на децата кои усвојуваат повеќе јазици се следниве:

Двојазичните деца учат нови зборови многу побрзо и имаат вродена можност да не ги мешаат зборовите на еден јазик со зборовите на друг

Тие учат песни побрзо, особено римите

Тие генерализираат новонаучени зборови многу побрзо и можат да ги користат во нови ситуации

Полесно им е да се справат со проблематични ситуации

Тие имаат поголема можност да имитираат гестови и гласови

Тие се подобри говорници, полесно се служат со зборови и полесно комуницираат со врсниците и пошироката околина (наставници, соседи, роднини…)

Тие учат побрзо и полесно затоа што постојано се во состојба на транзиција од еден јазик на друг, со што се развиваат повеќе когнитивни процеси и механизми како што е инхибицијата (можноста да запрат зборови на јазик што не го користат во даден момент за да го активираат јазикот што им е потребен во моментот), вербална меморија (можност за манипулирање со јазичен материјал) и селективно внимание (можност за брзо префрлување од еден јазик на друг). На овој начин мозокот постојано се соочува со нови предизвици.

Од сето погоре, може да се заклучи дека придобивките од учење на втор јазик се очигледни за раното образование. Билингвалните ученици ќе можат подобро да извршуваат извршни функции и ќе имаат поголема шанса да го задржат своето ментално здравје подолго, како и да бидат поспретни во комуникацијата.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]