Децата што минуваат многу време пред екраните развиваат лоши животни навики

Интересно е што, без оглед на културните разлики, времето што децата го поминуваат пред екраните е слично во повеќето земји во светот.

0
364

Премногу време пред ТВ, компјутер, таблет или мобилен телефон може негативно да влијае на малите деца и да доведе до лоши навики и однесувања кога ќе пораснат, според студијата спроведена од Универзитетот во Сингапур. Малите деца кои поминуваат повеќе од три часа на ден пред екраните, веројатно ќе бидат помалку склони кон движење подоцна во животот, тврди истражувањето кое сугерира ограничување на времето пред екранот за да им помогне на децата да развијат поздрав начин на живот.

Студијата се базирала на следење на 500 деца во Сингапур чии родители биле замолени да известуваат за изложеноста на децата на телевизијата, компјутерите, таблетите или мобилните телефони. Откако наполниле пет години, на децата им бил даден уред за следење на активностите кој следел колку се движат децата, колку одмараат и колку спијат. Откриено е дека децата поминуваат во просек 2 и пол часа пред екраните (изненадувачки, претежно пред телевизорот). Една третина од времето пред екранот отпаѓа на мобилните телефони, а само неколку деца биле пред екраните  помалку од еден час на ден.

Подоцнежната споредба со физичката активност открила дека децата кои поминувале повеќе од три часа пред екраните биле помалку активни, трошејќи триесет минути помалку дневно правејќи лесна физичка активност и десет минути помалку правејќи умерена или тешка физичка активност.

Божи Чен, една од научниците што го правела истражувањето, во соопштението за медиумите изјавила: „Нашите наоди ги поддржуваат напорите на јавното здравство да го намалат времето што го поминуваат децата пред екраните и да предложат натамошно истражување за долгорочните ефекти на прекумерното гледање врз физичките активност на личноста“.

Постојните истражувања исто така откриле дека премногу време на екранот е поврзано со проблеми во однесувањето, недоволно спиење и дебелина кај училишните деца и тинејџерите.

Сара Бенџамин-Нејлон, професорка по јавно здравје на универзитетот Џонс Хопкинс (Johns Hopkins), вели дека долгорочното влијание на времето поминато на екраните кај децата сè уште не може да се дефинира, но дека ова истражување дава некои информации за потенцијалните негативни ефекти.

„Предлогот е дека ние како родители се обидуваме да го подобриме здравјето на нашите деца со ограничување на времето што го поминуваат со разни уреди“, вели педијатарот Келси Клаас, додавајќи: „Раната возраст е одлично време за воспоставување здрави однесувања“.

Светската здравствена организација и Американското здружение на лекари препорачуваат на децата до пет години да им се ограничи времето на екраните на само еден час на ден. Најдобар начин да го спречите ова е да бидете активни со вашите деца, смета Клаас.

„Како родители, ние сме тие што треба да ги оставиме мобилните телефони и да престанеме да гледаме во ТВ и компјутерите и да им предлагаме на децата друга форма на забава, во која сите можеме да учествуваме“, истакнува Клаас.

Интересно е што, без оглед на културните разлики, времето што децата го поминуваат пред екраните е слично во повеќето земји во светот.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]