Жените од Шутка пак останаа без гинеколог

Докторката Вјолца Мбиара која почна со работа во специјалистичката гинеколошка ординација во Шуто Оризари во септември 2017. година, откако претходно пет години во оваа поликлиника немаше гинеколог, својата ординација пред два дена ја преселила во населбата Ченто (Сингелиќ)

0
567
Иницијативата на жени од Шуто Оризари соопшти дека единствената гинеколошка
ординација во оваа општина била преселена во скопската населба Сингелиќ и побараа од министерот за здравство Венко Филипче побргу да го реши проблемот.

„На 22.01.2020 година пред ординацијата на Д-р Вјолца Мбиара затекнавме известување дека ординацијата е преселена во друга општина, во населбата Сингелиќ. Ординацијата на Д-р Вјолца во Шуто Оризари моментално е затворена. Го прашуваме министерот за здравство, г-динот Венко Филипче, дали има предвидено решение за овој горлив проблем? Дали е склучен нов договор со друг гинеколог кој ќе работи во самата општина? Доколку нема, предупредуваме за несаканите последици врз репродуктивното здравје на жените Ромки. Исто така потсетуваме дека доенечката смртност кај ромската популација е значително повисока во однос на неромското население“, објави иницијативата.

Од таму апелираат до надлежните институции, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, да изнајдат решение за надминување на овој долгогодишен проблем.

„Како и сите жени, така и ние, жените Ромки, имаме право на еднаков и непречен пристап до услуги за репродуктивно здравје“, порачуваат од иницијативата.

Доктор Вјолца Мбиара е специјалист-гинеколог која почна со работа во специјалистичката гинеколошка ординација во Шуто Оризари во септември 2017. година, откако претходно пет години во оваа поликлиника немаше гинеколог.

[better-ads type='banner' banner='999' ]