Научниците веќе долго време знаат дека гугањето е пат кон учење на говорот. Произлегува дека гугањето не е само учење на комуникацијата, туку дека е исто така многу успешен и усовршен начин на комуникација. Поточно, кога бебињата гугаат, тие го менуваат начинот на кој родителите реагираат на нив така да можат подобро да учат.
Како што објаснува Стивен Елмлинџер, апсолвент по психологија на Универзитетот Корнел, кога бебињата прават звуци, тие го подобруваат своето внимание и стануваат поприемчиви за стимулација. Начинот на гугање се менува како што се развива бебето и со тоа се менува и начинот на кој родителите му се обраќаат на своето бебе. Ова значи дека родителите не само што влијаат врз децата, туку и дека бебињата влијаат врз однесувањето на родителите. Кога, на пример, бебето гуга гледајќи во некој предмет, родителите ќе зборуваат за тој предмет – на тој начин, бебињата ги поттикнуваат родителите да им ги објаснуваат работите што ги интересираат.
За да го разберат подобро гугањето, Елмлинџер и неговиот тим набљудувале 30 пара мајки и бебиња за време на интеракцијата. Научниците го анализирале вокабуларот и речениците на мајките и промените во гугањето кај бебињата со текот на времето. Откриле дека кога бебињата гугаат, мајките почнуваат да им се обраќаат со пократки и поедноставни зборови. Колку повеќе родители го прават ова, толку полесно бебињата усвојуваат нови звуци и ги вклучуваат во своето гугање. Резултатите од истражувањето покажуваат дека изговарањето кратки одделни зборови има најголемо влијание врз бебињата и нивното учење на јазик, па тоа може да биде токму она што бебињата со своето гугање го бараат од родителите.
„Гугањето е за бебињата најбрз начин да ги соберат од околината информациите кои им се потребни“, вели Елмлингер. „Тоа не е бесмислено“, заклучува тој.
Фото: Unsplash