Волуменот на мозокот е помал кај занемарените деца, а последиците се доживотни

Една од последиците од занемарувањето, ускратувањето и останатите неволји во најраното детство е побавен развој на мозокот, што резултира со намалување на неговиот волумен, утврдиле британските научници.

0
223

Група истражувачи од лондонскиот „Кинг колеџ“ го следела развојот на посвоените деца кои раното детство го поминале во пеколот на романските сиропиталишта. Откриено е дека нивниот обем на мозок е 8,6 проценти помал отколку кај другите посвоеници, пишува Би-Би-Си.

Велат дека станува збор за најуверливиот доказ за влијанието на негативните ефекти врз детскиот мозок во развој.

Од претходно се знае дека злоупотребата и занемарувањето имаат најмногу последици на развојот на детскиот мозок. Високото ниво на кортизол, како последица од изложеност на стрес, е поврзано со уништување на мозочните клетки и нарушување на врските во мозокот.

Емоционалното занемарување е ускратување на основните емоционални потреби, како давање утеха или учество во социјалниот живот на детето и поставување преголеми очекувања пред детето кои тоа не може да ги исполни затоа што тие не се доволно зрели или затоа што таквите ситуации не се безбедни за него.

Романски сиропиталишта

Шокантната состојба во романските сиропиталишта излезе на виделина по падот на комунистичкиот диктатор Николае Чаушеску во 1989 година.

„Се сеќавам на ТВ-снимките на овие институции … Беа шокантни“, рекол професорот Едмунд Сонуга-Барк, раководител на една студија која го следи развојот на овие деца, најчесто многу болни, речиси целосно лишени од физички и психолошки контакт и без играчки.

Посвоените деца чија здравствена состојба ја проучувал тимот на професорот Сонуга-Барк во такви институции поминале помеѓу две недели и речиси четири години. И и претходните студии за децата од овие романски институции кои подоцна биле посвоени од грижливи семејства од Велика Британија, покажале дека тие имаат проблеми со менталното здравје и во зрелата возраст.

Кај некои се развила подвоена личност, кај други аутизам, кај некои со нарушување на внимаието со хиперактивност, како и недостаток на страв од непознати лица.

Најновата британска студија објавена во Proceedings of the National Academy of Sciences прва ги објавила резултатите од скенирањето на мозокот на група на занемарени деца.

Во студијата учествувале 67 романски посвоеници, а научниците го споредувале развојот на нивните мозоци со развојот на мозоците на 21 посвоеници кај кои немало занемарување во раното детство.

Волуменот на мозокот е за 8,6 проценти помал

„Она што го најдовме беше прилично шокантно за нас. Прво, вкупниот волумен на мозокот кај романските посвоеници бил во просек за 8,6 отсто помал отколку кај останатите. Второ – колку повеќе време поминале во романските сиропиталишта, волуменот на нивниот мозок бил помал“, рекол професор Сонуга-Барк.

Но, влијанието врз различните делови од мозокот не било воедначено.

Еден од научниците што учествувал во истражувањето, проф. Митул Мехта рекол дека тој и неговите колеги откриле структурални разлики во трите мозочни региони кај двете групи учесници во истражувањето. „Овие регии се поврзани со функции како што се организација, мотивација, примање информации и меморија“.

Мехта вели дека овие наоди можат да помогнат во разјаснување на понискиот коефициент на интелигенција и повисоки стапки на АДХД кај возрасните лица кои систематски биле занемарувани во детството.

Сепак, студијата не може да објасни на кој начин занемарувањето и ускратувањето во најраното детство влијаат врз развојот на мозокот, а тоа значи и дека е многу тешко да се утврди какви се последиците од останатите трауми од раните години на животот, како што е злоупотребување или тежок живот во избеглиштво.

Професорот Сонуга-Барк смета дека студијата е важна затоа што првпат на уверлив начин упатува на влијанието на тешкотиите во раното детство на развојот на мозокот.

Таа вели дека последиците никогаш не исчезнуваат и се чувствуваат дури и по долг период од дваесет години, дури и откако на децата ќе им се обезбеди исклучителна грижа и љубов во посвоителските семејства.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]