Кога вашето дете има пет или шест години, а вие ги забележувате неговите или нејзините први сомнежи за Дедо Мраз – тоа значи дека е време да им кажете.
Обично ги носам во кафуле, нарачувам нешто и ја започнувам приказната: „Оваа година многу порасна. И, не само што стана повисок/а, туку гледам дека и твоето срце станало поголемо.
И дека доволно порасна за да биде и сам/а Дедо Мраз.
Веќе забележа дека повеќето од Дедо Мразовите што си ги видел/а се само луѓе кои се маскирале како него. Некои од твоите пријатели можеби ти рекле и дека тој воопшто и не постои.
Така мислат многу деца, затоа што сѐ уште не се подготвени да станат Дедо Мраз. Но, ти си подготвен“.
(Потрудете се гласот да ви биде таинствен).
Замолете го детето да одбере некој човек, на пример сосед. Мисијата на детето е тајно да открие што му е потребно на тој човек и тоа да му го набави, да го завитка во украсна хартија и да му го достави.
И никогаш да не открие дека го сторил тоа. Да се биде Дедо Мраз не значи да се фалиш – тоа е несебична желба за подарување.
Мојот постар син ја избра „Тетка Вештерка“, која живееше на аголот. Жената навистина делуваше страшно, околу нејзината куќа растеше плевел и таа никогаш не им дозволуваше на децата да си играат пред нејзината куќа.
Таа често им викаше да бидат потивки и слично.
На пат кон училиште, синот забележал дека секое утро излегува на терасата по весниците – боса, и одлучи дека ѝ се потребни папучи. Сè што требаше да стори беше со „шпионирање“ да ја утврди барем приближната големина за обувки.
Кога ги купивме топлите папучи, тој ги спакува и напиша „Среќен Божиќ, од Дедо Мраз“. Една вечер по вечерата, тој се упати кон нејзината куќа и го остави подарокот пред нејзината врата.
Следното утро, следевме додека таа излегуваше на тремот, го зеде пакетот и влезе во куќата. Мојот син беше нетрпелив да види што ќе се случи следно.
Следното утро ја видовме – таа ја земаше поштата, а на нозете ги носеше топлите папучи. Мојот син беше надвор од себе од возбуда. Морав да го потсетам дека никој никогаш не треба да открие дека тоа бил тој, инаку повеќе нема да биде Дедо Мраз.
Во текот на следните неколку години, тој избра многу луѓе на кој им подаруваше по нешто и секогаш одбираше посебен подарок, токму за нив.
Една година темелно го исчисти својот велосипед, му го замени синџирот и ѝ го подари на ќерката на еден наш пријател. Овие луѓе беа многу сиромашни. Го прашавме таткото на девојчето дали е тоа во ред.
Изразот на лицето на девојчето кога го виде велосипедот пред нејзината куќа може да се спореди со изразот на радост на лицето на мојот син.
Кога дојде време да се стори сето тоа со помладиот син, постариот посака самиот да поразговара со него. Денеска и двајцата се прекрасни „дарители“ и никогаш не се чувствувале како да измамиле некого.
Затоа што им ја откривме тајната, како се станува Дедо Мраз.
Фото: Pixabey