Тања и Берто ‘Матиник’: Ни предвидуваа 6 месеци брак, а ние ќе славиме 4 децении

На неделните ручеци се собираме сите заедно кај нас дома, нашите деца со семејствата, со партнерите, внуците, нашите сестри и нивните деца и партнери и постојано бројот ни се зголемува, а неделните собири се сѐ побројни и повесели. Нема поголемо богатство од ова, велат Тања и Берто Тодоровски, една од најубавите скопски двојки од 80-тите, сопственици на култниот Матиник, кои наскоро ќе прослават 40 години брак, а сѐ уште изгледаат како една од најубавите скопски двојки, сега многу побогати - со една ќерка, двајца синови и 4 внуци.

0
10482

Кога бев во основно, најдобра другарка ми беше Сузе Велковска, а кога ‘ќе пораснам’ сакав да бидам како сестра ми Марина, како сестра ѝ на Сузе, Тања, како сестра му на Циме, Марина Цицимова и како Билјана Солдатовиќ (сестра му на џез пијанистот Драгиша Солдатовиќ Лабиш, а потоа и жена на Кокан Димушевски).

Се сеќавам како со Сузе се прикрадувавме зад автомобилите на Партизанска, следејќи ги нашите големи сестри кои упорно ни викаа ‘иш, да ве нема’, ама меѓу нас стоеше тогаш големиот јаз од околу 3 години. Подоцна јазот го снема и сега сме сите ‘наша генерација’.

На Тања се сетив пред извесно време кога ми се појави на Фејсбук. Тогаш дознав дека станала баба, иако изгледа како времето да застанало за неа, а  Доријан Греј може вода да ѝ носи. На фотографиите, таа и нејзиниот сопруг Берто, со кого беа една од најубавите скопски двојки во 80-тите, сега, речиси 40 години потоа – се смеат опкружени со своите деца и внуци и сѐ уште изгледаат како една од најубавите скопски двојки – во топ физичка форма.

Се сетив како тие двајца не исшокираа кога Тања на 18, а Берто на 24 години, станаа родители, а другарка ми Сузе – горда тетка на бебето Бертина.

На кафе во ‘Каза’

Ја побарав Тања и набргу се договоривме да се видиме тројцата и да пиеме кафе. Каде? Во близина на нивното некогашно култно кафуле ‘Матиник, поточно, во кафулето ‘Каза’, кадешто Берто повторно замешал прсти. Секако, сега многу полабаво отколку во времето на ‘Матиник’, онака пензионерски или акционерски, колку да се напие кафе, да ја сними ситуацијата, да помогне ако треба, и да си оди, поточно, да се одвози на својот велосипед дома.

Тања пак, која веќе 9 ипол години работи во осигурителната компанија ‘Винер’, си ги завршува работните обврски, а потоа, наместо на велосипед, седнува во автомобил и го фаќа патот накај дома или, ако добила обврска да земе некое внуче – накај градинка. Наместо да вози велосипед, двапати неделно оди на јога.

А муабетот со нив тече лесно и времето лета.

Нивната приказна, иако Тања смета дека не направиле ништо посебно заради што би требало да пишуваме за нив, сепак заслужува да се раскаже – не е мала работа да се остане во брак цели 40 години, да се создадат,  да се пораснат и да се воспитаат  три прекрасни деца, да се дочекаат четири убави внучиња, и да се задржат не само духот, туку и физичкиот изглед и широките насмевки.

Особено денес, кога статистиките бројат сѐ поголем број на разводи, кога се занимаваме со теми како заедничко родителство после развод, оттуѓување на децата од родителите и обратно, семејно насилство и слично. А да не зборуваме за тоа што за нив и за култниот ‘Матиник’, ретко кој во Скопје не слушнал.

А како почнало сѐ?

Почнало одамна, во 1978.година, во ‘Кампинг’, едно од местата на кои се излегуваше во тоа време. Таму се запознале, а една година подоцна, кога таа е четврта година средно, а Берто има ‘дури’ 23, Тања останала бремена.

„Се мислевме што да правиме, не бевме баш подготвени ниту пак планиравме да се земаме, па разгледувавме многу опции, ама сѐ падна во вода кога Берто ми дојде на врата и ми рече: ‘Знаеш, јас размислував, и си викам, што толку се мислиме, ако има венчавање, има и развод ако не оди’.

И така, незнам кој беше полуд од нас двајцата, тој со неговата ‘романтична’ понуда за брак или јас што ја прифатив, ама ние, и покрај тоа што моите родители кои тогаш имаа само 42- мајка ми, и 45 години- татко ми, беа шокирани и не советуваа да не го правиме тоа, ние сепак се венчавме – на 13 мај 1980.година“, почнува да ја раскажува нивната приказна Тања, а Берто се надоврзува и вели:

„Тогаш мислевме дека сѐ знаеме, бевме како бунтовници – бунтовници без причина, а од овој аспект гледаме дека сме биле тикви зелени и дека сме имале повеќе среќа отколку памет. Ни предвидуваа 6 месеци брак, а ние сега ќе правиме 40 години, што од инает, што од љубов“, се смее Берто и додава дека нешто мора да те држи за да останеш со некого толку долго, а тоа нешто мора да е љубов.

Двајцата пак, се согласни дека – во брак не се останува само поради децата и по секоја цена, во брак се останува само ако секогаш има искра што тлее, ако има љубов и разбирачка. Токму тоа е она што нив ги држи толку долго заедно и сега, откако децата пораснале, се осамостоиле и си имаат свои животи.

А почетокот на нивниот брак е повеќе како сцена од некој филм од тоа време. Таа, дотерана во бела сукња и бела блуза, а тој во костум ала Џон Траволта, и двајца сведоци-другари на Берто, одат со автобус до матично (автомобилот кој им бил на располагање не бил тој ден во функција со оглед на тоа што станува збор за период кога се возеа пар-непар), се венчаваат и Тања се враќа на часови со прстен на рака.

„Расположението кај мене дома, како некој да умрел“, вели Тања и додава дека, после првата бура, нејзините родители биле најгордите баба и дедо на светот.

Сѐ потоа е историја…

Набргу, иако планот бил Тања прво да матурира па да се пресели кај Берто, кога сестра ѝ фатила сипаници, ја испратиле кај Берто и неговите родители па за матура се спремала во новиот дом.

„Во тој период Берто требаше да добие решение и да се вработи во ‘Фото центар’. Тогаш имаше закон со кој, ако си женет, имаш приоритет на листата, па тоа ни беше барем некој поен плус во полза на венчавката, но од работата таму не бидна ништо.

Живеевме со неговите долги години. Набргу откако не излезе ништо со вработувањето во ‘Фото Центар’, Берто го вработија во Рафинерија. Јас се запишав на Правен факултет, ама се породив на 19.ноември истата година, со Бертина, и првата година ништо не направив.

После година ипол – две ме вработија и мене во Министерство за финансии со идеја дека ќе ми текне и ќе фатам да учам, ама ние во меѓувреме смисливме да отвориме кафуле. Се двоумевме меѓу бутик и кафуле, две работи кои тогаш беа хит, па дури и Берто чија мајка е шнајдерка, заврши курс, но сепак се одлучивме за кафуле. Двајцата дадовме отказ на работа, што во тоа време беше сметано за голема глупост, нели, да си оставиш сигурна државна работа и да се впуштиш во нешто толку несигурно како што е кафуле.

Но после само година-две Рафинерија пропадна, па излезе дека Берто го направил вистинскиот потег. Три години после Бертина се роди и Марко. И тогаш сите ни велеа, што ќе ви е сега уште едно дете, млади сте, не ви треба, ама ние не мислевме така.

‘Матиник’ работеше многу добро. Го држевме до 1992.година и овој период ни беше навистина многу убав. Децата си ги гледав цел ден, а навечер, кога ќе заспиеја, се дотерував, се шминкав и одев на работа – на шанк во ‘Матиник’. Се дружевме секоја вечер, такашто она што можеби го пропуштивме кога толку рано станавме родители, во овој период го надокнадивме, ем излегувавме и се забавувавме секоја вечер, ем добро заработувавме и си ги чувавме децата“, раскажува Тања.

Тања и Берто во Матиник

Пред распадот на тогашната југословенска држава, паралелно со ‘Матиник’, го отвориле со партнери мини шопинг центарот ‘Метро’ во скривница кај Домот на градежници и дискотека со летно автокино ‘Веспучи’, на просторот кадешто денеска се наоѓа салата ‘Борис Трајковски’.

„Со распаѓањето на бившата ни држава пропаднаа и овие убаво замислени проекти“, велат тие.

Трето дете?

„Бертина имаше веќе 14 години, а Марко 11, кога моите другарки почнаа да раѓаат деца. Ние двајцата се чувствувавме како да сме веќе стари, а имавме само 32, и 38 години. Се договоривме да направиме трето дете, Тео. Практично, тој ни е единственото планирано дете“, се смее Тања.

Кога забременила и им соопштила на децата, Бертина почнала неутешно да плаче, а Марко се израдувал.

„Отидов со Бертина во соба и ѝ објаснував дека не е ништо страшно тоа што ќе имаме бебе, а таа плачејќи ми рече: ‘знам јас дека сте вие млади, ама гледај јас колкава сум’. Ама следниот ден веќе беше сѐ во ред, а кога се роди Тео, ни го смени животот, во позитивна насока.

Бевме толку загрижени родители, што сестра ми еден ден ми рече: ‘Аман бе, две деца изгледавте, никој не ве слушна, сега не може да ве познае човек’!

Којзнае, дали бевме такви зашто созреавме, бевме повозрасни, посериозни, незнам, ама дефинитивно бевме поинакви. Иако секогаш сме биле одговорни родители, сепак, кога Бертина и Марко беа мали, едвај чекав да дојде петок за да ги однесам кај моите, а ние да си тераме викенд, со Тео бевме поинакви. Кога имаше пет години, Бертина која студираше Социјална работа и социјална политика, имаше еден проект и требаше да направи интервјуа со машко и женско дете на возраст од 6-7 години. Машкото дете беше Тео, и таа му поставуваше прашања од типот: ‘кој работи дома, кој готви, кој купува, кој те чува и слични, и на крајот заклучи: ‘Тео, јас и ти како да не сме имале ист татко’.

Тео со изумот на Берто – чаршаф наместо стаза со автомобилчиња

Претходно Берто беше повеќе растрчан по работа, по кафулињата, со обврските, а со Тео беше тикму како што вети кога ми кажа: ‘Тања, ако родиш трето дете, јас ќе го чувам!’. И навистина, многу учествуваше во неговото воспитување и чување“, раскажува Тања, а Берто вели дека Тео му бил како апче за смирување. „Го викав ‘лексилиумче’, ќе го гушнеш и веднаш ќе те смири!’.

Кога Тео имал три години отвориле продавница за мебел штоф, која ја држеле 10 години. Бидејќи кога почнувале со продавницата Тео бил уште мал за во градинка, се договориле со Бертина и со Марко да го чуваат нивто помало братче.

„Го чуваа за џепарлак, им плаќавме по 50 марки месечно и тие цела година беспрекорно го чувааа, два часа едниот, два часа другиот.

Бертина, Марко и Тео

Сме имале моменти кога сме имале повеќе или помалку пари, ама никогаш не сме ги разгалувале децата“, вели Берто.

И навистина, за време на летните одмори на грчкиот остров Скијатос кадешто зетот од сестра на Берто, заминал на работа, децата уште од 16 години почнале да стекнуваат работни навики работејќи таму преку лето по дискотеки, или пак, како Тео, миејќи ги палубите на едрениците, за потоа да му излезе можност да полага, па денеска е скипер и работи како заменик капетан на 30-метарска едрилица со која плови преку Атлантикот веќе неколку години.

„Мислиме дека тоа им создаде добри навики, научија да работат сѐ и научија да не омаловажуваат ниту една работа и ниту една професија“, велат моите соговорници.

Внуци: 2 Х 2

За разлика од Тања и Берто, нивните деца, Бертина и Марко, прво завршиле факултет, а потоа формирале семејство, кога им дошло време. И за разлика од нив, и двајцата сакале да прават свадби, а Тања и Берто, ги испочитувале нивните желби и им ги направиле со сите нишани. Тео сѐ уште не е женет, па тие засега имаат ‘само’ 4 внучиња.

Семејна, од свадбата на Марко
Тања и Бертина

„Најстариот внук, Адам, има 10 години, а Бертина го роди на 29 години. Набргу откако го роди, кога имаше само 4 месеци, ѝ се укажа можност да се вработи, а зетот пак отиде на работа во Грција, па бидејќи јас во тој период немав ангажман, се нафатив да го чувам“, вели Тања.

Од Бертина ја имаат и четиригодишната внука, Ерика, а од Марко ја имаат петгодишната Петра и внукот Павел кој сега, во јануари, ќе полни 1 година.

„Кога си родител трчаш по егзистенција, бизнис, ама кога ќе дојдат внуците, им се посветуваш комплетно. Ние сме им сега на располагање, кога треба ги чуваме, им помагаме и кога сме со нив по саат-два или повеќе, комплетно сме со нив“, објаснува Берто.

Летово, за првпат после многу години, останале на Скијатос цело лето заедно со најстариот внук Адам. Тања одела двапати во Скопје за да си ги заврши работите, ама поголемиот дел од времето го поминале таму заедно тие тројца, а на смени доаѓале и другите.

Дека не сум пристрасна затоа што ги знам од порано и дека не сум единствената која мисли дека се сѐ уште најубава двојка во градов, зборува и тоа што повеќето луѓе кои ги запознале летово таму мислеле дека Адам им е син, а не внук.

За ова тие немаат некоја посебна тајна или режим на исхрана. Тања не јаде благо, а Берто пак, кога сака, самиот си прави некоја здрава варијанта на слатки.

Последниве години домашните обврски им се подеднакво поделени, а како што вели Тања, ‘сега стана модерно маживе да готват  и да помагаат по дома’.

Тие, еднаш месечно, во неделите, прават семејни ручеци на кои се собираат сите заедно.

„На неделните ручеци се собираме сите заедно кај нас дома, нашите деца со семејствата, со партнерите, внуците, нашите сестри и нивните деца и нивните партнери и постојано бројот ни се зголемува, а неделните собири се сѐ побројни и повесели. Нема поголемо богатство од ова. Најбитно е дружењето меѓу нас, да не се оттуѓиме и да не се заборавиме“, вели Берто.

За убавите моменти се согласуваат дека биле многубројни, но се разбира, имало и кавги и недоразбирања, но очигледно, искрата сѐ уште тлее.

„Деновиве додека ги разгледувавме фотографиите за да одбереме што да ви испратиме, а и сега зборувајќи со вас, се разнежнивме, се потсетивме што сѐ  сме поминале заедно, едноставно, не вративте во минатото. Сето ова можеби звучи многу идилично, но после толку многу години животна борба на сите полиња, очигледно е дека сега пловиме во помирни води, многу работи ни се појасни и многу животни вредности научивме да ги цениме…. Ај да не се подречеме, ама се надеваме дека после четириесетката, ќе ја дочекаме и златната 50-ка“, велат Тања и Берто.

[better-ads type='banner' banner='999' ]