Жените ќе свират рокенрол, мажите и децата ќе пеат од публика

Утре, во МКЦ, почнува второто издание на првиот женски фестивал - „Од ребро до рокенрол“. Инаку, и минатата година, и сега, има доста бебиња, деца и сопрузи на пробите пред концертот, а се очекува да ги има и во публиката - исто како лани.

0
273

За Милан Младеновиќ, фронтменот на култната југословенска рок група Екатерина Велика рокенролот беше начин на живот, а музиката, како што велеше, воздухот што го дише.

Младен одамна веќе не дише, а со него и со неговата генерација, издиша и рокенролот.  Ако погледнеме малку пошироко и подалеку од Балканот, состојбата е речиси иста. Рокенролот умре по паѓањето на блоковската поделба на светот. Ако баш сакате, кажано со рокерска патетика, умре заедно со Курт Кобејн, кој умре само неколку месеци пред Милан.

Иако за мене, рокенролот, а особено женскиот, умре заедно со Маги (Маргита Стефановиќ, Екатерина Велика), еве се раѓаат, но и се враќаат, некои нови, но и постари женски рокенроличари. Имено, минатата година се појави еден нов, или поточно кажано, прв фестивал на женски бендови и изведувачи – „Од ребро до рокенрол“.

Организаторот и иницијатор на истиот, сепак, не е жена, туку маж, и тоа не било кој маж, туку Александар Ристовски Принц. Искрено, минатата година и не сфатив кој е организаторот, па годинава, кога ја видов ланската најава, си помислив: Опаа, еве некои феминистки, фестивал прават, впрочем, и во најавата велат дека е ова најдискриминаторскиот фестивал што постои. Нели, во однос на мажите. И кога ги наштелував прашањата на ‘женски’ начин, добив одговори од маж. Од Принц де.

Како и да е, станува збор за второ издание кое минатата година поминало многу добро и имало одлична енергија, како што вели Принц, но сепак, годинава, наместо два, ќе трае само еден ден.

Новитет е тоа што додека лани настапиле женски бендови, годинава, наместо бендови, носители се соло артисти, но повторно со женски бендови во позадина.

„Сега сакаме малку повеќе да дадеме фокус и на настапот како перформанс“, вели Принц.

Инаку, на фестивалот ќе настапат: Светлана Јовановска, Елена Ставреска, Викторија Нагуал и Паула Ц. Специјално за фестивалот, музика направиле Горазд Чаповски, Гаро Тавитјан, Влатко Георгиев и Светлана и Принц. И секако, вели Принц, сите вложиле многу труд за да звучи сѐ професионално.

„Гаро Тавитјан, Влатко Георгиев и Горазд Чаповски направија оригинална музика специјално за фестивалот, бидејќи веруваат во идејата дека треба да се стимулираат нови музичарки кои ќе ја продолжат традицијата за добар рок во Македонија. Ова е фестивал на авторска музика и не е целта само да свират девојки, туку тоа да го прават на најпрофесионално ниво. Отвараме можност да создадеме бренд, Македонија да биде жариште на добри женски бендови. Во иднина, за женски бенд да биде доволно да се каже дека е од Македонија, и веќе да биде сфатен сериозно. Но тоа е процес“, објаснува Принц кој има многу причини поради кои го прави ова, но битно е тоа што верува дека резултатите сами ќе си дојдат.

Што се однесува до феминизмот, Принц вели дека воопшто не станува збор за феминистички фестивал.

„Жените имале голем удел во македонскиот рок, но секогаш биле расеани по разни бендови и никогаш не го добиле заслужениот кредит“, вели тој.

Инаку, и минатата година, и сега, има доста бебиња, деца и сопрузи на пробите пред концертот, а се очекува да ги има и во публиката – исто како лани.

Што се однесува до рокенролот и до тоа колку е тој актуелен денеска, Принц вели: „Има многу млади деца кои многу добро знаат што е рок, хеви метал, фанк….баталете медиумите што пласираат. Да, има многу млади кои појма немаат, но во секој клас во секое училиште има по неколку ‘чудни деца’ кои многу добро знаат“.

Истовремено, во холот на МКЦ ќе има и изложба од фотосесијата со изведувачките. Автори на изложбата се Таиса Санџакоска, Соња Ставова и Зорица Николова.

„Влезот за изложбата е слободен, а кој сака може да ги посети и бендовите горе“, порачува организаторот.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]