Новата емисија на популарниот Ивица Маринковиќ алијас Ивце Пивце, која се вика „Ивце Пивце и другарите“ стартува утре (недела) во 9 и 30 часот на Канал 5.
„Значи, секоја сабота и недела во 9 и 30, на Канал 5 ‘Ивце Пивце и другарите’. „Концептот на емисијата останува ист…наменета е за сите деца и зрели возрасни.
Во време на потполна доминација на возрасните и темите што ги интересираат само возрасните, да им дадеме шанса и на децата.
Да видиме што мислат децата (а не само возрасните) за нивниот живот и секојдневје, за нивната положба и потребите, за екологијата и економијата, за училиштето и учителките, за домашните и петките, за родителските и екскурзиите, за ужинките и униформите, за Македонија и за светот“, вели нашиот соговорник Ивце најавувајќи ја својата нова емисија за и со децата.
Според него, најголемиот проблем на децата е што некој друг им ги ‘решава’ нивните проблеми. Дека ретко кој ги сфаќа па затоа вели: ‘За да ги сфатиме, треба да ги поканиме и да им дадеме можност да кажат, а не ние да кажуваме што тие сакаат’.
Вели дека единствената измена во однос на претходните сезони е тоа што е тој постар,има нова сценографија, нови содржини и се разбира, некои нови ‘клинци’.
Ако го прашате како се прјавуваат децата во неговите емисии, дали самите се пријавуваат и дали има ургенции, искрено вели:
„Секогаш и секаде има ургенции. Во цел свет, за сенешто. Но ургенција без селекција е декаденција. Значи, кај нас може да учествува секое дете од 7-12 години. Не е важно како е пријавено…дали преку фејсбук, мејл, телефон, роднина, соседи, на колегата од работа втор братучед…
Една до две емисии детето се прилагодува на атмосферата позади камерите. Потоа го пуштаме пред публика. Е сега, како и во сите убави работи…треба и на двајцата да им се допаѓа! И на детето, но и на публиката.
Ако на некој не му се допаѓа…ништо…Повеќе среќа наредниот пат.
Сега засега учеството е бесплатно. Но никогаш не се знае…
Замислете да станам ептен популарен и важен, а возам стар автомобил…па и тоа не иде… Ќе мора да се купува некоја соодветна кола на популарноста и што мислите…кој ќе ги плаќа ратите?
Па другарите, нормално. За што служат другарите? За зорт!
Е тоа е ‘Ивце Пивце и другарите’, се смее Ивце.
Новата рубрика во новата сезона на емисијата е гостувањето на популарни гости.
„Еве да речеме, ексклузивно, само кај нас, во првата емисија оваа сезона, го прозборевме Мето пантомимичарот. Никој никаде го нема видено да зборува, но кај нас……гледајте во недела во 9:30 часот само на Канал 5“, најавува Ивце.
Другите гости ќе ги бира публиката преку Фејсбук профилот на Ивце Пивце.
Тој нагласува дека емисијата не би постоела кога не би биле нејзините поддржувачи кои ја препознале нејзината визија и мисија.
„Пред сѐ, Канал 5, телевизија која нашироко ни` ја отвори вратата, почнувајќи од директорот Иван Мирчевски, потоа директорката за маркетинг Билјана Стојановска, како и сите останати вработени со кои до сега бевме во контакт.
Нашите соработници уште од првиот момент, на невидено: Алкалоид, Пакомак, Шпаркасе банка, Колибри и Нова Македонија…
Родителите и роднините на „другарите“
И се разбира, „другарите“: Мишел, Александра, Андреа, Давид, Марко, Александар, Михаел…“, набројува Ивце.
Него секојдневно го препознаваат, но е особено среќен кога за време на прошетката, ќе се размине со некои тинејџери кои потоа знаат да довикнат: ‘Ивце Пивце’!
„Денот ми се разубавува. Со оние пак што сме снимале емисија, често знам да ги препознам, да застанеме и да се поздравиме. Имињата не ги памтам, но насмевките се вечни“, вели тој.