На многу родители паметниот часовник изгледа како совршена алтернатива за паметен телефон кога станува збор за надзор на детето, особено кога ќе влезе во тинејџерските години и ќе тргне во средно училиште.
Детето може да испраќа и да прима повици од контактите кои ќе ги одберат родителите, да испраќа и да прима гласовна пошта, како и да ја стисне СОС типката која ги алармира родителите во итните случаи. Но тоа не е сѐ. Благодарение на ЏПС локаторот, родителите можат да ја следат локацијата на детето на својот паметен телефон и да имаат увид во тоа со кого разговара нивното дете преку паметниот часовник.
Слобода и приватност
Медиумските стручњаци предупредуваат на проблемот на претеран надзор, како што е користење на функцијата на паметен надзор на глас која им овозможува на родителите благодарение на амбиенталниот звук јасно да ги слушаат звуците од околината.
„Тоа ја нарушува слободата и приватноста на детето“, вели Кристин Лангер, медијска тренерка која делува со поддршка на сојузната влада и јавната радио-телевизија во процесот на советување на родителите и наставниците кога станува збор за деца кои користат дигитални медиуми.
Вели дека некои наставници ѝ рекле дека дел од родителите одат толку далеку да го „прислушуваат“ својот тинејџер додека е на настава.
„Противзаконски е тоа да се прави во простори кои не спаѓаат во јавни простори, а тука спаѓаат и училиштата. Почнувањето со одење во основно училиште е прв чекор кон независноста на детето, а следен чекор е средното училиште. Децата кои знаат дека родителите ги прислушуваат преку паметен часовник, дека ги читаат нивните пораки или по враќањето дома ги прашуваат: ‘А со кого дрдореше на ќошот 15 минути’, таквото однесување го сметаат за злоупотреба на довербата“, предупредила таа.
На родителите им препорачува поставките на паметниот телефон да ги прилагодат во соработка со детето, и во договор со него да одлучат за тоа кои можности ќе ги користат. Ако вашето дете одговорно го користи интернетот, тогаш еднакво одговорно ќе го користи паметниот телефон, а и паметниот часовник“, заклучува таа.
Фото: Pixabey